АМОСАМОС
 
 
Copyright © 2007 AMOS. All rights reserved.
 
 
 
 

Детски права
Права на жената
Човекови права
Детски права
Права на жената
Човекови права
Детски права

КОНВЕНЦИЈА ЗА ПРАВАТА НА ДЕТЕТО

(Усвоена од страна на Генералното собрание на О.Н. со резолуција 44/25, од 20 ноември 1989. Стапила во сила на 2 септември 1990, согласно со членот 49.) Државите членки на оваа Конвенција,

Сметајќи дека во согласност со принципите на Повелбата на О.Н., признавањето на вроденото достоинство и на еднаквите и неотуѓиви права на сите членови на човековата заедница претставува основа на слободата, правдата и мирот во светот.

Имајќи предвид дека народите на О.Н. во Повелбата повторно ја потврдија верата во основните права на човекот и достоинството и вредноста на човековата личност и одлучиле да придонесат за социјален напредок и подигање на животниот стандард во поголема слобода,

Свесни дека О.Н. во Универзалната декларација за правата на човекот и во Меѓународните пактови за правата на човекот прокламираа и се согласија дека на секој поединец му припаѓаат сите права и слободи содржани во нив, без оглед на раса, боја на кожа, пол, јазик, вероисповед, политичко или друго убедување, национално или социјално потекло и имотна состојба, раѓање или друг статус.

Потсетувајќи дека О.Н. во Универзалната декларација за правата на човекот прокламирале на детството да му припаѓа посебна грижа и помош.

 
 


Уверени дека на семејството како основна клетка на општеството и природна светлина за развој и благосостојба на сите негови членови, а посебно на децата, треба да му биде дадена неопходна заштита и помош за да може во целост да ја преземе одговорноста во заедницата.

Свесни за фактот дека детето заради целосен и складен развој на личноста, треба да расте во семејна средина, во атмосфера на среќа, љубов и разбирање.

Сметаат дека детето треба да биде целосно подготвено да живее самостојно во општеството и да биде воспитувано во духот на идеалите прокламирани во Повелбата на О.Н. а посебно во духот на мирот, достоинството, толеранцијата, слободата, рамноправноста и солидарноста.

 
   

Имајќи ја предвид потребата на посветување посебна грижа на детето е изнесена во Женевската декларација за правата на детето од 1924 година и во Декларацијата за правата на детето, усвоена од страна на О.Н. 1959 година и призната во Универзалната декларација за правата на човекот, во Меѓународниот Пакт за граѓански и политички права( посебно во членот 23 и 24), во Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права (посебно во членот 10) и статутите и соодветните инструменти на специјализираните агенции и меѓународните организации кои се занимаваат со заштита на децата.

Имајќи предвид, како што е назначено во Декларацијата за правата на детето која ја усвои Генералното собрание на 20 ноември 1959 год, дека “ на детето со оглед на неговата физичка и ментална незрелост му е потребна заштита и грижа, вклучувајќи соодветна правна заштита, како пред така и по раѓањето”.

Потсетувајќи на одредбите на Декларацијата за социјални и правни принципи кои се однесуваат на заштитата и благодарноста на децата, со посебен осврт на националното и меѓународното старателство и усвојување, Правилата на О.Н. за стандарден минимум во малолетничкото правосудство(Пекиншки правила) и Декларацијата за заштита на жените и децата во случај на вонредна состојба и вооружен судир,

Свесни дека во сите земји на светот има деца кои живеат во вонредно тешки услови и дека на таквите деца им е потребна посебна грижа,

Имајќи го предвид значењето на традициите и културните вредности за заштита и складен развој на детето,

Свесни за значењето на меѓународната соработка за подобрување на условите за живот на децата во сите земји, посебно во земјите во развој,

Се согласија во следното:

ДЕЛ 1

Член 1

За целите на оваа Конвенција”дете” е секое човечко суштество кое не навршило 18 год. од животот, доколку, врз основа на закон кој се однесува на детето, полнолетството не се стекнува порано.

Член 2

1.Државите членки на оваа Конвенција ќе ги почитуваат и ќе ги обезбедат правата на секое дете содржани во Конвенцијата под нивна јурисдикција, без каква било дискриминација и без оглед на раса, боја на кожа, пол, јазик, вероисповед, политичко или друго убедување, национално, етничко или социјално потекло, имотна состојба, неспособност, раѓање или друг статус на детето или неговиот родител или законски старател.

2.Државите членки ќе ги преземаат сите потребни мерки за да ја обезбедат заштитата на детето од сите форми на дискриминација или казни засновани на статусот, активностите, изразеното мислење или убедување на родителите, законските старатели или членовите на семејствата на детето.

Член 3

1.Во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето без оглед дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, административните органи или законодавните тела.

2.Државите членки се обврзуваат на детето да му обезбедат таква заштита и грижа која е неопходна за негово добро, имајќи ги предвид правата и обврските на неговите родители, законски старатели или други поединци кои се правно одговорни за детето, и за таа цел ги преземаат сите потребни законодавни и административни мерки.

3.Државите членки се грижат институциите, службите и установите кои се одговорни за грижа или заштита на децата да бидат во согласност со стандардите кои ги утврдиле надлежните органи, посебно во областа на сигурноста, здравјето во бројот и подробноста на персоналот како и во стручниот надзор.

Член 4

Државите членки ги преземаат сите потребни законодавни, административни и други мерки за остварување на правата признати во оваа Конвенција. Во врска со економските, социјалните и културните права, државите членки преземаат такви мерки максимално користејќи ги своите расположиви средства, а каде што е потребно во рамките на меѓународната соработка.

Член 5

Државите членки ќе ги почитуваат одговорностите, правата и должностите на родителите или каде што е таков случајот, на членовите на поширокото семејство или заедницата, како што е предвидено со локалните обичаи, на законските старатели или другите лица законски одговорни за детето, за да обезбедат упатства и да го насочуваат детето во остварување на неговите права кои се признати во оваа Конвенција.

Член 6

1.Државите членки признаваат дека секое дете има неотуѓиво право на живот.

2.Државите членки го обезбедуваат, во најголема можна мера, опстанок и развој на детето.

Член 7

1.Детето се регистрира веднаш по раѓањето и со раѓањето има право на име, право на грижа, државјанство и доколку е тоа можно право да знае кои му се родители и право на грижа од нив.

2.Државите членки го обезбедуваат остварувањето на овие права во согласност со националните закони и своите обврски во согласност со националните закони и своите обврски во согласност со соодветните меѓународни инструменти од оваа област, посебно во случаите каде што детето би било апатрид.

Член 8

1.Државите членки се обврзуваат да го почитуваат правото на детето на зачувување на својот идентитет, вклучувајќи го државјанството, името и семејните врски како што е признато со закон, без незаконско мешање.

2.Во случај кога детето е незаконски лишено од некои или од сите елементи на својот идентитет, државите членки му даваат соодветна помош и заштита, за да му биде што побрзо вратен идентитетот.

Член 9

1.Државите членки обезбедуваат ниедно дете да не биде одвоено од своите родители против нивната волја, освен кога надлежните органи, врз основа на судски увид одлучат, во согласност со соодветниот закон и постапка, дека таквото раздвојување е неопходно и е во најдобар интерес на детето. Таква одлука може да биде неопходна во одреден случај како што е малтретирање и занемарување на детето од страна на родителите, или ако родителите живеат одвоено, па мора да се донесе одлука за местото на живеење на детето.

2.Во секоја постапка во согласност со точката 1 сите заинтересирани страни ќе добијат прилика да учествуваат во постапката и да го изнесат своето мислење.

3.Државите членки го почитуваат правото на детето кое е одвоено од еден или од двата родители, да одржува лични односи и непосредни контакти со двата родители врз постојана основа, освен ако тоа е во спротивност со најдобрите интереси на детето.

4.Во случај кога раздвојувањето е последица на мерки кои го презела државата членка, како што се притвор, затвор, прогонство, депортација или смрт( вклучувајќи ја и смртта која настапува од кои било причини додека е под грижа на државата), спрема еден или двата родитела или на детето, државите членки на барање на родителите, детето, или ако е таков случајот на друг член на семејството, ќе се обезбедат информации за местото на престој на отсутниот член, односно членови на семејството, доколку давањето на таква информација не е на штета на доброто на детето. Државите членки се грижат поднесувањето на таквото барање само по себе да не повлекува никакви штетни последици за заинтересираното лице, односно лица.

Член 10

1.Во согласност со обврската на државите членки од членот 9 точка 1. барањето на детето или неговите родители да влезат во државата членка или да ја напуштаат заради спојување на семејството државите членки го решаваат на позитивен, хуман и брз начин. Државите членки, исто така обезбедуваат поднесувањето на таквото барање да не повлекува никакви штетни последици за подносителот на барањето и членовите на неговото семејство.

2.Дете чии родители живеат во различни држави има право да одржува лични врски и непосредни контакти со двата родители врз постојана основа, освен под исклучителни околности. За таа цел и во согласност со обврските на државите членки согласно со членот 9 точка 2, државите членки го почитуваат правото на детето и неговите родители да ја напушти секоја земја вклучувајќи ја и сопствената, како и да влезе во својата земја. Правото на напуштање на секоја земја подлежи само на оние ограничувања кои се пропишани со закон и кои се потребни заради заштита на националната безбедност, јавниот поредок, јавното здравје и морал или правата и слободите на другите и кои се во согласност со останатите права признати со оваа Конвенција.

Член 11

1.Државите членки преземаат мерки за борба против нелегалниот трансфер и невраќање на деца од странство.

2.За таа цел, државите членки го поттикнуваат склучувањето на билатерални или мултилатерални спогодби или пристапувањето кон постојните спогодби.

Член 12

1.Државите членки му обезбедуваат на детето кое е способно да формира сопствено мислење, право на слободно изразување на тоа мислење за сите прашања кои се однесуваат на детето, со тоа што на мислењето на детето му се посветува должно внимание во согласност со возраста и зрелоста на детето.

2.За таа цел на детето посебно му се дава прилика да биде сослушано во сите судски и административни постапки кои се донесуваат на него, било непосредно или преку застапник или соодветен орган, на начин кој е во согласност со процедуралните правила на националното законодавство.

Член 13

1.Детето има право на слобода на изразување кое опфаќа и слобода да бара, прима и дава информации и идеи од секаков вид, без оглед на граници, било усно или писмено или низ печатот, по пат на уметност или некој друг медиум по избор на детето.

2.Остварувањето на ова право може да подлежи на извесни ограничувања, меѓутоа само на оние кои се одредени со закон и кои се неопходи,

а)заради почитување на правата или угледот на другите или

б)заради заштита на националната безбедност, или јавниот поредок, или јавното здравје или морал.

Член 14

1.Државите членки го почитуваат правото на детето на слобода на мислење, совест и вероисповед.

2.Државите членки ги почитуваат правата и должностите на родителите и, каде што е таков случајот, на законските старатели да го насочуваат детето во остварувањето на неговото право на начин кој е во согласност со развојот на неговите способности.

3.Слободата на изразување на вероисповедтта или убедувањето може да подлежи само на оние ограничувања кои се пропишани со закон и кои се неопходни заради заштита на јавната сигурност, ред, здравје или морал или на основните права и слободи на другите.

Член 15

1.Државите членки го признаваат правото на детето на слобода на здружување и слобода на мирно собирање.

2.Не може да се наметнуваат никакви ограничувања во остварувањето на овие права освен оние кои се во согласност со законот и кои се неопходни во демократско општество во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, јавниот поредок, заштита на јавното здравје или морал, или заштита на правата и слободите на другите.

Член 16

1.Ниедно дете не смее да биде изложено на самоволно или незаконско мешање во неговиот приватен или семеен живот, домот или личната преписка, како ни на незаконски напади на неговата чест и углед.

2.Детето има право на заштита со закон од такво мешање или напади.

Член 17

Државите членки ја признаваат значајната улога на средствата за јавно информирање и му овозможуваат на детето пристап до материјалите и информациите од различни национални и меѓународни извори посебно оние кои имаат за цел унапредување на неговите социјални, духовни и морални добра и физичко и ментално здравје. За таа цел државите членки:

а)ги поттикнуваат средствата за јавно информирање да шират информации и материјали од социјален, културен интерес за детето во согласност со духот на членот 29.

б)ја поттикнуваат меѓународната соработка во производството, размената и ширењето на такви информации и материјали од различни културни, национални и меѓународни извори.

в)го поттикнуваат објавувањето и ширењето на детски книги

г)ги поттикнуваат средствата за јавно информирање да посветат посебно внимание на лингвистичките потреби на детето кое и припаѓа на малцинската група или кое е од автохтоно потекло.

х)го поттикнуваат развојот на соодветните насоки за заштита на детето од информации и материјали кои се штетни за нивно добро, имајќи ги предвид одредбите на членовите 13 и 18.

Член 18

1.Државите членки ќе ги вложат сите напори за да се прифати начелото двата родитела да имаат заедничка одговорност во подигањето и развојот на детето. Родителите или во зависност од случајот законските старатели, имаат главна одговорност за подигање и развој на детето.Интересите на детето се нивна основна грижа.

2.Со цел гарантирање и унапредување на правата содржани во оваа Конвенција државите членки им даваат на родителите и законските старатели соодветна помош во решавањето на должноста воспитување на детето и обезбедуваат развој на институциите, објектите и службите за грижа на деца.

3.Државите членки ги преземаат сите содветни мерки за да обезбедат децата на вработените родители да ги користат услугите на детските установи и објекти.

Член 19

1.Државите членки ги преземаат сите соодветни законодавни, административни, социјални и образовни мерки заради заштита на детето од сите форми на физичко или ментално насилство, повреди или злоупотреби, занемарување или немарен однос, малтретирање или експлоатација, вклучувајќи сексуална злоупотреба, додека е под грижа кај родителите законските старатели или некое друго лице на кое му е доверена грижата за детето.

2.Таквите заштитни мерки треба да опфатат по потреба ефикасни постапки за воспоставување на социјални програми за обезбедување поддршка неопходна на детето и на оние на кои им е доверена грижата за детето, како и останати форми на спречување, утврдување, пријавување, проследување, истрага, постапување и следење случаи на овде наведеното малтретирање на детето и по потреба обраќање на судот.

Член 20

1.Детето кое е привремено или трајно лишено од семејната средина или на кое заради негов најдобар интерес не му е дозволено да остане во тој круг има право на посебна заштита и помош од државата.

2.Државите членки во согласност со своите национални закони обезбедуваат алтернативна грижа за таквото дете.

3.Таквата грижа треба да опфати меѓу останатото сместување во друго семејство, кафалах спрема исламското право, усвојување или ако е неопходно сместување во соодветни установи за грижа на децата. При разгледување на решението треба да се обрне должно внимание на фактот дека е пожелен континуитет во подигање на детето како и на етничкото, верското, културното и лингвистичкото потекло на детето.

Член 21

Државите членки кои признаваат и дозволуваат систем на посвојување обезбедуваат да бидат решавачки најдобрите интереси на детето и:

а)обезбедуваат усвојувањето на детето да го одобрува само надлежен орган кој утврдува во согласност со соодветните закони и постапки и врз основа на сите релевантни и сигурни информации да се дозволи усвојувањето со оглед на положбата на детето во врска со родителите, роднините и законските старатели и по потреба заинтересираните лица свесно да дале согласност за усвојување врз основа на таков совет кој може да биде потребен.

б)признаваат дека меѓудржавното усвојување може да се смета како алтернативна можност за грижа на детето, доколку детето не може да се смести во друго семејство или да биде усвоено или ако за него не може да се води грижа на погоден начин во земјата на неговото потекло.

в)обезбедуваат детето на кое се однесува меѓудржавното усвојување да ужива заштита и стандарди еднакви на оние кои постојат во случај на посвојување во рамките на една земја.

г)ги преземаат сите соодветни мерки во случај на меѓудржавно посвојување сместувањето да нема за последица неоправдана финансиска корист за оние кои во тоа учествуваат.

х)ги унапредуваат каде што е тоа погодно целите на овој член со склучување билатерални или мултилатерални аранжмани или спогодби и настојуваат во таа рамка сместувањето на детето во друга земја да го извршат надлежни органи или тела.

Член 22

1.Државите членки преземаат соодветни мерки на детето кое бара статус на бегалец или кое се смета за бегалец во согласност со соодветниот меѓународен или национален закон и постапки без оглед на тоа дали детето е во придружба на своите родители или некое друго лице или не, да му овозможат да добие соодветна заштита и хуманитарна помош во остварување на правата содржани во оваа конвенција и во другите меѓународни инструменти за правата на човекот чии членки се споменатите држави.

2.За таа цел државите членки доколку сметаат за потребно учествуваат во напорите на ОН и другите надлежни меѓувладини или невладини организации кои соработуваат со ОН за заштита и давање помош на таквото дете и за пронаоѓање на родителите или другите членови на семејството на детето бегалец, за прибирање информации неопходни за спојување со неговото семејство. Во случаите кога не можат да се пронајдат родителите ниту останатите членови на семејството на детето му се дава еднаква заштита како и на сите други деца кои се постојано или привремено лишени од семејниот круг од кои било причини како што е наведено во оваа Конвенција.

Член 23

1.Државите членки признаваат дека ментално заостанатото или физички инвалидното дете треба да ужива полн и достоинствен живот во услови во кои го обезбедуваат неговото достоинство, ја поттикнуваат самостојноста и го олеснуваат активното учество на детето во заедницата.

2.Државите членки го признаваат правото на инвалидното дете на посебна нега и ќе ја поттикнуваат и обезбедуваат помошта на детето кое за тоа ги исполнува условите и на оние кои се одговорни за грижата за него за која е поднесено барање во зависност од средства со кои располага, а која одговара на состојбата на детето и условите на родителите или другите лица кои се грижат за детето.

3.Уважувајќи ги посебните потреби на инвалидното дете, помошта во согласност со точката 2 се дава бесплатно секогаш кога тоа е можно, имајќи ги предвид финансиските средства на родителите или другите лица кои се грижат за детето и така е осмислена детето да има ефикасен пристап и да добие образование, обука, услуги од здравствена заштита, рехабилитација, подготовка за вработување и можност за рекреација на начин кој придонесува за остварување на што поцелосна општествена интеграција и личен развој на детето вклучувајќи културен и духовен развој.

4.Државите членки ја унапредуваат во духот на меѓународната соработка, размената на соодветни информации во областа на превентивната заштита на здравјето и медицинското, психолошкото и функционалоното лечење на инвалидното дете, вклучувајќи го ширењето и достапноста на информациите во врска со методите на обука со цел рехабилитација и стручно оспособување за да им се овозможи на државите членки да ги подобрат своите можности и вештини и да ги прошират своите искуства во тие области. За таа цел посебно внимание се поклонува на земјите во развој.

Член 24

1.Државите членки го признаваат правото на детето на највисоко ниво здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Државите членки настојуваат на ниедно дете да не му биде одземено правото на таква здравствена заштита.

2.Државите членки ќе се залагаат за целосно остварување на ова право и посебно ќе преземаат соодветни мерки за:

а)намалување на смртноста на бебињата и децата

б)обезбедување неопходна медицинска помош и здравствена заштита на своите деца, со акцент на развојот на примарната здравствена заштита

в)сузбивање на болести и неисхранетост, вклучувајќи во рамките на примарната здравствена заштита меѓу останато примена на лесно достапна технологија и обезбедување соодветни хранливи продукти и чиста вода за пиење, имајќи ја предвид опасноста и ризикот од загаденоста на животната средина.

г)обезбедување на соодветна заштита на мајката пред и по раѓањето на детето.

ј)овозможување сите сегменти на општеството, посебно родителите и децата да бидат информирани како и да им се даде поддршка во користењето на основните знаења за здрвјето, исхраната на детето, предностите на доењето, хигиената и хигиенските услови на животната средина како и за спречување несреќа.

л)развој на превентивната здравствена заштита советите за родителите и образованието и давање услуги во врска со планирањето на семејството.

3.Државите членки ги преземаат сите ефикасни и соодветни мерки за укинување на традиционалната практика која штети на здравјето на детето.

4.Државите членки ја преземаат врз себе одговорноста да ја унапредуваат и поттикнуваат меѓународната соработка со цел постепено постигнување на целосна реализација на правата од овој член. Во тој поглед посебно ќе ги земат предвид потребите на земјите во развој.

Член 25

Државите членки го признаваат правото на детето кое надлежните органи го згрижиле заради заштита или лечење на неговото ментално или физичко здравје, на периодични проверки на лечењето кое му се обезбедува на детето и на сите околности од значење за неговото згрижување.

Член 26

1.Државите членки го уважуваат правото на секое дете да користи социјална заштита вклучувајќи социјално осигурување и ги преземаат сите мерки неопходни за целосно остварување на тоа право во согласност со националните закони.

2.Овие бенефиции треба да бидат признати таму каде тоа одговара имајќи ги предвид средствата и условите на детето и лицата кои се одговорни за издржување на детето како и сите останати услови од значење за барањето бенефиции кое го поднесува детето или кое се поднесува во негово име.

Член 27

1.Државите членки го признаваат правото на секое дете на животен стандард што одговара на физичкиот, менталниот, духовниот, моралниот и социјалниот развој на детето.

2.Родител(ите) или другите лица одговорни за детето првенствено се одговорни во рамките на своите способности и финансиски можности да му обезбедат на детето животни услови потреби за негов развој.

3.Државите членки во согласност со националните услови и своите можности преземаат соодветни мерки за помош на родителите и другите лица одговорни за детето со цел остварување на ова право и во случај на потреба за обезбедување на материјална помош и програми за подрршка посебно во поглед на исхрана, облека и домување.

4.Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки за да обезбедат детето да добие издржување од родителите или другите лица кои се финансиски одговорни за детето како во рамките на државата членка така и од странство.

Посебно доколку лицето кое е финансиски одговорно за детето, не живее во иста држава со него, државите членки поттикнуваат пристапување кон меѓународните спогодби односно склучување на такви спогодби како и други соодветни аранжмани.

Член 28

1.Државите членки го признаваат правото на детето на образование и со цел за постепено остварување на тоа право на основа на еднакви можности, посебно:

а)го прогласуваат основното образование задолжително и бесплатно за сите.

б)го поттикнуваат развојот на различни форми средношколско образование вклучувајќи општо и стручно образование кое е достапно за сите деца и преземаат соодветни мерки како што се воведување бесплатно образование и давање финансиска помош во случај на потреба.

в)на сите им овозможуваат стекнување високо образование врз основа на способноста, користејќи прикладни средства.

г) на сите деца им ставаат на располагање образовни и стручни информации и услуги за професионална ориентација.

д)преземаат мерки за поттикнување на редовното посетување на школото и намалување на отпишувањата од училиште.

2.Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки за да може да се спроведува дисциплината во училиштата на начин кој е во согласност со човековото достоинство на детето и оваа Конвенција.

3.Државите членки ја унапредуваат и поттикнуваат меѓународната соработка за прашањата кои се однесуваат на образованието посебно заради давање придонес во елиминацијата на незнаењето и неписменоста во светот и олеснување на пристапот кон науката и техничките знаења и современите методи на настава. Во тој поглед посебно внимание им се посветува на земјите во развој.

Член 29

1.Државите членки се согласни дека образованието на детето треба да биде насочено кон:

а)развој на личноста на детето, развој на надареноста и менталните и физичките способности до крајни граници.

б)развој на почитувањето на правата на човекот и основните слободи како и почитување на принципите содржани во Повелбата на Обединетите Нации.

в)развој на почитувањето на родителите на детето, неговиот културен идентитет, јазик и вредности, национални вредности на земјата во која живее и земјата од која потекнува, како и на цивилизациите кои се различни од неговата.

г)подготовка на детето за одговорен живот во слободното општество во дух на разбирањето, мирот, толеранцијата, еднаквоста на половите и пријателството меѓу сите народи, етнички, национални и верски групи и лица со автохтоно потекло.

д)развој на почитувањето на природната средина.

2.Ниедна одредба на овој член како ни членот 28 не смее да се толкува како да ја ограничува слободата на поединецот и органите да основаат и управуваат со образовни установи, имајќи го секогаш предвид почитувањето на принципите изложени во точката 1 од овој член и под услов образованието во такви институции да биде во согласност со минималните стандарди кои може да ги пропише државата.

Член 30

Во оние држави во кои постојат етнички, верски или јазични малцинства, или лица со автохтоно потекло, детето кое припаѓа на такво малцинство или е од автохтоно потекло не смее да биде лишено од правото во заедница со останатите принципи на групата на својата култура исповедување на својата вера и вршење верски обреди или употреба на свој јазик.

Член 31

1.Државите членки го признаваат правото на детето на одмор и слободно време, на игра и рекреација која одговара на возраста на детето и слободно учество во културниот живот и уметноста.

2.Државите членки го почитуваат и унапредуваат правото на детето на целосно учество во културниот и уметничкиот живот и го поттикнуваат давањето соодветни и еднакви можности за културни, уметнички, рекреативни и слободни активности.

Член 32

1.Државите членки го признаваат правото на детето на заштита од економска експлоатација и од работа која може да биде опасна или која го попречува образованието на детето или му штети на здравјето на детето односно на неговиот физички, ментален, духовен, морален или социјален развој.

2.Државите членки преземаат законодавни, административни, социјални и образовни мерки за примена на одредбите од овој член. За таа цел а имајќи ги во предвид соодветните одредби на другите меѓународни инструменти државите членки посебно:

а)ја одредуваат минималната возраст за вработување.

б)го обезбедуваат регулирањето на работното време и условите на работа.

в)одредуваат соодветни казни или други санкции за да се осигура ефикасна примена на одредбите на овој член.

Член 33

Државите членки ќе ги преземат сите соодветни мерки вклучувајќи ги и правните, административните, општествените и образовните за да ги заштитат децата од незаконска употреба на наркотици и психотропски супстанци како што се дефинирани во основните меѓународни договори и да го спречат користењето на децата во незаконското производство на такви супстанци.

Член 34

Државите потписнички се обврзуваат да ги штитат децата од сите облици на сексуално искористување и сексуална злоупотреба. За таа цел државите членки особено ќе ги преземат сите соодветни национални, билатерални и мултилатерлани мерки за спречување:

а)наведување или принуда на детето за учество во која и да е незаконска активност.

б)искористување на децата за проституција или други незаконски сексуални дејства.

в)искористување на децата во порнографски претстави и материјали.

Член 35

Државите членки ќе ги преземат сите соодветни национални, билатерални и мултилатерални мерки да спречат киднапирање, продажба или трговија со деца со каква и да е намена или во која и да е форма.

Член 36

Државите членки ќе ги штитат децата од сите други форми на искористување штетни за доброто на детето.

Член 37

Државите членки ќе обезбедат,

а). ниедно дете да не биде подложено на мачење или на друга свирепа, нехумана или понижувачка постапка или казнување. Ни смртна казна ни доживотен затвор без можност за ослободување нема да бидат досудени за кривични дела кои ќе ги извршат лица под 18 год. возраст.

б). ниедно дете нема да биде незаконски или самоволно лишено од слобода. Апсењето, притворот и затворањето на децата ќе биде во согласност со законот и да се користат само како последна можна мерка и за најкус можен временски период,

в). со секое дете лишено од слобода ќе се постапува хумано со почитување на вроденото човеково достоинство и на начин што ги уважува потребите на лицата од таа возраст. Исклучително, секое дете лишено од слобода ќе биде издвоено од возрасните, освен ако не се смета дека тоа е во најдобар интерес на детето и ќе има право да одржува контакти со своето семејство по пат на преписка и посети, освен во исклучителни случаи.

г). секое дете лишено од слобода ќе има право на итна правна и друга соодветна помош, како и право на проверка на законитоста на лишувањето од слобода, пред судот или други надлежни, независни и непристрасни органи и на брза одлука во секоја таква акција.

Член 38

1.Државите членки се обврзуваат да ги почитуваат и да го обезбедат почитувањето на правилата на меѓународното хуманитарно право кои се применуваат врз нив во вооружени судари, а кои се однесуваат на детето.

2.Државите членки ги преземаат сите практично изводливи мерки лицата кои се уште не навршиле 15 години непосредно да не учествуваат во судирите

3.Државите членки се воздржуваат од регрутирање во вооружените сили на лицата кои се уште не навршиле 15 години возраст. При регрутирање на овие лица кои навршиле 15 години, но не 18, државите членки ќе настојуваат да им дадат предност на најстарите.

4.Во согласност со обврските на меѓународното хуманитерно право да се штити цивилното население во вооружените судири, државите членки ги преземаат сите практично изводливи мерки за да се обезбеди заштита и грижа за децата погодени со вооружени судири.

Член 39

Државите членки ги преземаат сите потребни мерки за подобро физичко и психичко закрепнување и социјална реинтеграција на детето кое е жртва на некоја форма на занемарување експлоатација, злоупотреба, мачење или некоја друга форма на свирепо, нехумано или понижувачко постапување или казнување или на вооружени судири.

Таквото закрепнување и реинтеграција се одвива во средина која го поттикнува здравјето, самопочитувањето и достоинство на детето.

Член 40

1.Државите членки го признаваат правото на секое дете за кое се тврди, или е обвинето или е утврдено дека го прекршило кривичниот закон, со него да се постапува на начин кој е во согласност со поттикнувањето на неговото чувство за достоинство и вредност, што го јакне неговото почитување на правата на човекот и основните слободи на другите, при што се земаат предвид возраста на детето и желбата да се подобри неговата реинтеграција и конструктивна улога во општеството.

2.За таа цел, имајќи ги предвид одредбите на меѓународните инструменти, државите членки посебно обезбедуваат:

а). за ниедно дете неосновано да не се тврди, да не биде обвинето или утврдено дека го прекршило кривичниот закон, поради дела или пропусти кои не биле забранети со националните или меѓународите закони во времето кога се сторени.

б). на секое дете за кое се тврди или кое е обвинето за кршење на кривичниот закон му се гарантира најмалку,

I) да се смета за невино додека вината не му се докаже со закон,

II)да биде веднаш и директно известено за обвиненијата против него и доколку е потребно неговите родители или законски старатели и да има правна или друга соодветна помош во подготовка и презентирање на својата одбрана

III)постапка да се води без задоцнување од страна на надлежниот, независен и непристрасен орган или судско тело во праведно сослушување во согласност со законот, во присуство на правна или друга соодветна помош, освен доколку не се смета дека тоа не е во интерес на детето, посебно земајќи ги предвид неговите години, или положбата на неговите родители или старатели

IV)да не биде присилено да сведочи или да ја признае вината; да се испитаат или да бидат испитани сведоците на другата страна и да се обезбеди учество и испитување на неговите сведоци под еднакви услови;

V)доколку се смета дека го прекршило кривичниот закон, оваа одлука и секоја досудена мерка која од тоа произлегува, одново да ја разгледува повисок, надлежен, независен и непристрасен орган или судско тело во согласност со законот

VI)да има бесплатна помош на преведувачот доколку детето не може да го разбере или не го зборува јазикот кој се користи

VII)да се почитува неговата приватност на сите нивоа на постапката.

3.Државитечленки ќе настојуваат да го поттикнат донесувањето на закони, постапки, установување на органи и установи применливи на децата за кои се тврди, кои се обвинети и за кои се смета дека го прекршиле кривичниот закон, а посебно:

а. утврдување на најниската возраст под која децата не можат да бидат сметани за способни за кршење на кривичниот закон;

б. секогаш кога што е можно и пожелно, мерки за постапување со такви деца, без прибегнување кон судска постапка, со тоа што човековите права и законската заштита да бидат целосно почитувани;

4.Разнообразноста на расположливите можности како што се грижата, советувањето, надзорот, правното застапување, условното казнување, прифатот, образованието и програмите за стручно насочување и другите можности за институционална грижа ќе бидат на располагање за да се обезбеди со децата да се постапува на начин кој одговара за нивното добро и кој е пропорционален на околностите и на стореното добро.

Член 41

Ниедна одредба на оваа Конвенција нема да влијае на било кои други одредби кои повеќе придонесуваат за остварување на правата на детето, а кои евентуално се наоѓаат:

а. во законот на државите членки или

б. во меѓународното право кое државата го применува.

ДЕЛ 2

Член 42

Државите членки се обврзуваат што пошироко да ги запознаат со принципите и одредбите на Конвенцијата како возрасните така и децата на соодветен начин.

Член 43

1.Заради разгледување на постигнатиот напредок на државите членки во извршувањето на обврските преземени врз основа на оваа Конвенција, се формира Комитет за правата на детето, кој ги врши функциите наведени подолу во текстот.

2.Комитетот го сочинуваа 10 експерти со високи морални квалитети и призната компетентност во областа на која се однесува оваа Конвенција. Членовите ги бираат државите членки од редот на своите државјани и тие ги вршат своите функции во лично својство при што се воси сметка за подеднаква географска застапеност како и за главните правни системи.

3.Членовите на Комитетот се бираат со тајно гласање од листата на лица кои ги кандидирале државите потписнички. Секоја држава потписничка може да предложи 1 кандидат кој го избрала меѓу своите државјани.

4.Првите избори за Комитетот ќе се одржат најдоцна 6 месеци по датумот на стапување во сила на оваа Конвенција, а потоа секоја втора година. Најмалку 4 месеци пред датумот на секој избор, Генералниот Секретар на Обединетите Нации ќе упати писмо до државите членки повикувајќи ги да поднесат свои кандидатури во рок од 2 месеца. Потоа генералниот секретар подготвува листа на сите така кандидирани лица по азбучен ред, назначувајќи ги државите членки кои ги кандидирале и ја поднесува до државите членки на оваа Конвенција.

5.Изборите се одржуваат на состаноците на државите потписнички кои ги свикува Генералниот Секретар на О.Н. во седиштето на О.Н. На тие состаноци, чиј кворум го чинат 2/3 од државите членки, ќе се избере Комитетот во чиј состав влегуваат кандидати кои ќе добијат најголем број гласови и апсолутно мнозинство гласови на претставниците на државите кои се присутни и кои гласаат.

6.Членовите на Комитетот се избираат на период од 4 години. Можат да бидат избрани повторно, ако се повторно кандидадирани. Меѓутоа, за 5 од 10 членови избрани при првиот избор мандатот ќе истече по 2 години, веднаш по првиот избор имињата на тие 5 члена ќе ги извлече со ждрепка претседателот на седницата.

7.Ако некој член на Комитетот почине, поднесе оставка на својата функција или од било кои други причини не е веќе во можност да ги врши своите функции во Комитетот, државата потписничка која го кандидадирала именува меѓу своите државјани друг стручњак кој ќе биде член на Комитетот до истекот на мандатот на членот кој го заменува, со тоа што тоа именување мора да го одобри мнозинството држави потписнички.

8.Комитетот донесува свој деловник.

9.Комитетот бира свои функционери на период од 2 години.

10.Состаноците на Комитетот обично се одржуваат во седиштето на О.Н. или на некое друго погодно место кое ќе го одреди Комитетот. Комитетот обично се состанува еднаш годишно. должината на траењето на состаноците на Комитетот се одредува и по потреба се преиспитува на состаноците на државите членки на оваа Конвенција, во зависност од согласноста на Генералното Собрание.

11.Генералниот Секретар на ООН обезбедува потребен персонал и услови за ефикасно вршење на функциите на Комитетот, врз основа на оваа Конвенција.

12.Со согласност на Генералното собрание членовите на Комитетот, формиран врз основа на оваа Конвенција, примаат плата од средствата на О.Н. под услови кои ќе ги определи Собранието.

Член 44

1.Државите членки се обврзуваат да му поднесат до Комитетот, преку Генералниот Секретар на О.Н., извештаи за мерките кои ги презеле за остварување на правата кои се овде признати, како и за непредокот постигнат во остварување на тие права:

а. во рок од 2 години од стапување во сила на Конвенцијата за државите членки

б. потоа секое 5 години

2.Во извештаите подготвени во согласност со овој член ќе се укаже на факторите и потешкотиите, ако ги има, кои влијаат на степенот на остварување на обврските на оваа Конвенција. Извештаите треба да содржат доволно информации врз основа на Конвенцијата во соодветната држава.

3.Државата членка која поднела сеопфатен прв извештај на Комитетот не мора во своите наредни извештаи кои ги поднесува во согласност со точката 1б. да ги повторува основните информации дадени претходно.

4.Комитетот може да побара од државите членки дополнителни информации кои се однесуваат на примената на Конвенцијата.

5.Комитетот му поднесува на Генералното Собрание, преку Економскиот и Социјалниот совет, извештаи за своите активности секои 2 години.

6.Државите членки извештаите ги ставаат на увид на јавноста во своите земји.

Член 45

Заради постигнување ефикасна примена на Конвенцијата и унапредувањето на меѓународна соработка во областа за која се однесува оваа Конвенција:

а. специјализираните агенции, УНИЦЕФ и други органи на О.Н. имаат право на присуство на свој претставник при разгледување на примената на оние одредби од оваа Конвенција кои се во нивна надлежност. Комитетот може да ги повика специјализираните агенции, УНИЦЕФ и другите органи на О.Н. да поднесат извештај за примена на Конвенцијата во областите кои се во рамките на нивните активности

б. Комитетот, доколку смета за потребно, им ги доставува на спезијализираните агенции, УНИЦЕФ и другите надлежни органи, извештаите на државите членки кои содржат барање или укажуваат на потребата од стручни совети или помош, заедно со евентуални забелешки и предлози во врска со тие молби или потреби

ц. Комитетот може да даде препорака до Генералното собрание да го замоли Генералниот Секретар во името на Комитетот да преземе студии за конкретни прашања кои се однесуваат на правата на детето.

д. Комитетот може да дава предлози и општи препораки врз основа на информациите примени во согласност со членот 44 и 45 на оваа Конвенција. Таквите предлози и општи препораки се доставуваат до заинтересираните држави членки, а Генералното собрание се известува за нив со евентуални коментари на државите членки.

ДЕЛ 3

Член 46

Оваа Конвенција е отворена за потпишување на сите држави.

Член 47

Оваа Конвенција подлежи на ратификација. Инструментите на ратификација ќе бидат депонирани кај Генералниот Секретар на О.Н.

Член 48

Оваа Конвенција е отворена за пристапување на сите држави. Пристапувањето се врши со депонирање на инструментите за пристапување кај Генералниот Секретар на О.Н.

Член 49

1.Оваа Конвенција ќе стапи во сила 30-иот ден по денот на депонирање на 20-иот инструмент за ратификација или пристапувањето кај Генералниот секретар на О.Н.

2.За секоја држава која ја ратификува оваа Конвенција или и пристапила по депонирањето на 20-иот инструмент за ратификација или пристапување, Конвенцијата ќе стапи во сила 30-иот ден по денот на поднесување на инструментот за ратификација или пристапување од страна на таа држава.

Член 50

1.Секоја држава потписничка на оваа Конвенција може да предложи амандман и тој предлог го поднесува до Генералниот секретар на О.Н. Генералниот секретар ќе го соопшти предлогот за амандманот на државите членки и ќе побара од нив да го известат дека се согласуваат да се свика конференција на државите членки за разгледување и гласање на предлогот. Ако во рок од 4 месеци по таквото соопштение најмалку 1/3 од државите потписнички се изјасни во прилог на свикување на таква конференција, Генералниот секретар ќе организира конференција под покровителство на О.Н. Сите амандмани усвоени со мнозинство гласови на државите потписнички присутни на конференцијата и кои гласале, се поднесуваат на одобрение до Генералното Собрание.

2.Амандманот усвоен во согласност со одредбите на ставот 1 на овој член ќе стапи во сила по одобрувањето од Генералното собрание на О.Н. и со прифаќање на 2/3 од државите членки.

3.Кога амандманот ќе стапи во сила тој ќе биде задолжителен за сите држави потписнички кои го прифатиле, а останатите држави потписнички ќе имаат обврска во однос на одредбите на оваа Конвенција и на претходните амандмани кои ги прифатиле.

Член 51

1.Генералниот Секретар на ОН го прима и им го доставува на сите држави текстот за резерви кои ќе ги изразат државите во времето на ратификација или пристапувањето.

2.Резервата која не е во согласност со целите и намената на оваа Конвенција не е дозволена.

3.Резервите може да се повлечат во кое било време по пат на писмено соопштение упатено до генералниот секретар на О.Н., кој за тоа ги известува сите држави. Таквото соопштение стапува во сила на денот кога го примил Генералниот Секретар.

Член 52

Држава потписничка може да се откаже од оваа Конвенција по пат на писмено соопштение упатено до Генералниот секретар на О.Н. Откажувањето стапува во сила 1 година по денот на приемот на соопштение од страна на Генералниот секретар.

Член 53

Генералниот секретар на О.Н. е одреден за депозитор на Конвенцијата.

Член 54

Оригиналот на оваа Конвенција чии текстови на англиски, арапски, кинески, шпански, француски и руски се подеднакво веродостојни, ќе биде депонирана кај генералниот секретар на О.Н.

Како доказ на тоа, долупотпишаните ополномошници, полноправно овластени од своите влади, ја потпишуваат оваа Конвенција.


 
 
www.amos.org.mk