АМОСАМОС
 
 
Copyright © 2003 AMOS. All rights reserved.
 
 
 
Контакт
ул. Скоевска 114, Битола
Република Македонија
Телефон/Факс:
++ 389 47 252 307
e-mail: amos@amos.org.mk
http://www.amos.org.mk
 


ВИЕНСКА ДЕКЛАРАЦИЈА И ПРОГРАМА ЗА АКЦИЈА

(Виена 14-25 Јуни 1993 година. О.Н. Документ А/Конф.157/24 (Дел 1) 20 (1993)

Светската конференција за човекови права,

Земајќи предвид дека промовирањето и заштитата на човековите права претставува приоритет на меѓународната заедница и дека Конференцијата дава единствена можност за спроведување на сеопфатна анализа на меѓународниот систем на човекови права и на механизмот за заштита на човековите права, со цел да се зајакне и на тој начин да се промовира поцелосно набљудување на тие права на праведен и урамнотежен начин,

Признавајќи и потврдувајќи дека човековите права произлегуваат од дигнитетот и вредноста својствени на човекот и дека човекот претставува централен субјект на човековите права и фундаменталните слободи и, последователно, треба да биде главен корисник и активно да учествува во остварувањето на тие права и слободи,

Потврдувајќи ја својата определба кон целите и принципите содржани во Повелбата на Обединетите нации и во Универзалната декларација за човекови права,

Потврдувајќи ја определбата содржана во член 56 од Повелбата на Обединетите нации за преземање заеднички и посебни мерки, ставајќи соодветен акцент врз развојот на ефикасна меѓународна соработка за реализирање на целите наведени во член 55, вклучувајќи го и универзалниот респект и почитување на човековите права и основните слободи за сите луѓе,

Нагласувајќи ја одговорноста на сите земји, во согласност со Повелбата на Обединетите нации, за развој и поттикнување на почитувањето на човековите права и основни слободи за сите луѓе без оглед на расата, полот, јазикот или вероисповеста,

 
   

Повикувајќи се на Преамбулата на Повелбата на Обединетите нации, посебно на определбата за реафиримање на вербата во основните човекови права, во дигнитетот и вредноста на секој човек и на еднаквите права меѓу мажите и жените и меѓу народите, големи и мали,

Повикувајќи се, исто така, на решеноста искажана во Преамбулата на Повелбата на Обединетите нации да се спасат идните генерации од канџите на војната, да се воспостават услови под кои правдата и почитувањето на обврските што произлегуваат од договорите и другите извори на меѓународно право може да се одржуваат, да се промовира социјалниот прогрес и подобри стандарди на живот во поголема слобода, да се практикува толеранцијата и добрососедството и да се применува меѓународниот механизам за промовирање на економскиот и социјалниот напредок на сите народи,

Нагласувајќи дека Универзалната декларација за човекови права, која сочинува еден заеднички стандард што треба да го достигнат сите народи и нации, е извор на инспирација и претставува основа за напредокот на Обединетите нации на полето на поставување стандарди содржани во меѓународните инструменти за човекови права, посебно во Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и во Меѓународнииот пакт за економски, социјални и културни права,

Земјќи ги предвид главните промени што се случуваат на меѓународната сцена и аспирациите на сите народи за меѓународен поредок врз основа на принципите вткаени во Повелбата на Обединетите нации, вклучувајќи промовирање и поттикнување на почитувањето на човековите права и фундаменталните слободи за сите луѓе и почитување на принципот на еднакви права и на самоопределување на народите, мирот, демократијата, правдата, еднаквоста, владеењето на правото, плурализам, развој, подобри стандарди на живеење и солидарност,

Длабоко загрижени поради различните форми на дискриминација и насилство на кои жените и понатаму се изложени низ целиот свет,

Признавајќи дека активностите на Обединетите нации во полето на човековите права треба да се рационализираат и засилат со цел да се зацврсти механизмот на Обедитетите нации и да се унапредат целите на универзалното почитување на меѓународните стандарди за човекови права,

Земјаќи ги предвид декларациите усвоени на трите регионални средби во Тунис, Сан Хос и Бангкок и писмените прилози на владите и имајќи ги предвид предлозите на меѓувладините и невладините организации, како и студиите изготвени од страна на независни експерти за време на подготовките на Светската конференција за човекови права,

Поздравувајќи ја 1993 како Меѓународна година на светските автохтони народи, како реафирмација на определбата на меѓународната заедница да обезбеди уживање на нивните човекови права и основни слободи и почитувајќи ја вредноста и различноста на нивните култури и идентитети,

Признавајќи, исто така, дека меѓународната заедница треба да изнајде начини и средства за отстранување на постојните пречки и за остварување на предизвиците за целосна реализација на сите човекови права и за спречување на натамошното кршење на човековите права насекаде во светот што е последица од таквите пречки,

Повикувајќи се на духот на нашето време и реалноста на нашето време, кои повикуваат сите народи во светот и сите земји-членки на Обединетите нации повторно да се посветат себе си на глобалната задача за промовирање и заштита на сите човекови права и фундаментални слободи за да се осигури целосно и универзално уживање на овие права,

Решени да преземат понатамошни нови мерки во рамките на определбата на меѓународната заедница со цел постигнување значителен прогрес во напорите за човекови права со зголемени и постојани напори на меѓународната соработка и солидарност,

Свечено ја донесува Виенската декларација и Програмата за акција.

1. Светската конференција за човекови права ја реафирмира свечената определба на сите земји за исполнување на своите обврски да го промовираат универзалното почитување, запазување и заштита на сите човекови права и основнни слободи за сите луѓе во согласнсот со Повелбата на Обединетите нации, другите инструменти што се однесуваат на човековите права и со меѓународното право. Универзалната природа на овие права и слободи е несомнена.

Во оваа рамка, зајакнувањето на меѓународната соработка во областа на човековите права е од суштинско значење за целосно постигнување на целите на Обединетите нации.

Човековите права и основните слободи се права, стекнати со раѓање на сите човечки суштества; нивната заштита и промовирање претставува прва одговорност на владите.

2. Сите луѓе имаат право на самоопределување. Врз основа на тоа право, тие слободно го определуваат својот политички статус и слободно го спроведуваат својот економски, социјален и културен развој.

Земајќи ја предвид посебната положба на народите под колонијална или под други форми на странска доминација или окупација, Светската конференција за човекови права го признава правото на народите да преземат секакво легитимно дејство во согласност со Повелбата на Обединетите нации за реализирање на неотуѓивото право на самопределување. Светската конференција за човекови права смета дека ускратувањето на правото на самоопределување претставува прекршување на човековите права и ја нагласува важноста од ефикасно остварување на тоа право.

Во согласност со Декларацијата за принципите на меѓународното право за пријателските односи и соработка меѓу државите во согласност со Повелбата на Обединетите нации, ова нема да се сфати како давање согласност или поттикнување на какво и да е дејство кое би го распарчило или влошило, целосно или делумно, територијалниот интегритет или политичката целина на суверените и независните земји што се однесуваат во согласност со принципите за еднакви права и самопределување на народите и на тој начин имаат влада која го претставува целиот народ што припаѓа на територијата без никаква дистинкција.

3. Треба да се преземат ефикасни меѓународни мерки за гарантирање и мониторинг на имплементацијата на стандардите за човекови права што се однесуваат на народите под странска окупација и да се обезбеди ефикасна правна заштита против кршењето на човековите права во согласност со нормите за човекови права и со меѓународното право, посебно Женевската конвенција за заштита на цивилите во време на војна од 14 август 1949 и други важечки норми на хуманитарното право.

4. Промовирањето и заштитата на сите човекови права и основни слободи мора да се сметаат за приоритетна цел на Обединетите нации во согласност со нивните цели и принципи, посебно со целта на меѓународна соработка. Во рамките на овие цели и принципи, промовирањето и заштитата на сите човекови права е легитимна грижа на меѓународната заедница. Телата и специјализираните агнеции поврзани со човековите права треба, според тоа, понатаму да ја зацврстуваат координираноста на своите активности врз основа на конзистентна и објективна примена на меѓународните инструменти за човекови права.

5. Сите човекови права се универзални, неделливи, меѓузависни и меѓусебно поврзани. Меѓународната заедница мора овие права да ги третира глобално на праведен и ист начин, равноправно и со иста важност. Иако значењето на националните и регионалните посебности и различната историска, културна и религиозна заднина мора да се имаат предвид, должност на државите, без разлика на својот политички, економски и културен систем, е да ги промовираат и штитат сите човекови права и основни слободи.

6. Напорите на системот на Обединетите нации кон универзално почитување и запазување на човековите права и основни слободи за сите луѓе, придонесуваат кон стабилноста и благосостојбата, неопходни за мирољубиви и пријателски односи меѓу народите и кон подобри услови за мир и безбедност, како и социјален и економски развој во согласност со Повелбата на Обединетите нации.

7. Процесите на промовирање и заштита на човековите права треба да се спроведуваат во согласност со целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право.

8. Демократијата, развојот и почитувањето на човековите права и основните слободи се меѓузависни и меѓусебно се надополнуваат. Демократијата се темели врз слободно изразената волја на народот да ги определи своите сопствени политички, економски, социјални и културни системи и негово целосно учество во сите аспекти на животот. Во контекст на горенаведеното, промовирањето на заштитата на човековите права и основните слободи на сите државни и меѓународни нивоа треба да бидат универзални и спроведувани без никакви услови. Меѓународната заедница треба да го поддржи зајакнувањето и промовирањето на демократијата, развојот и почитувањето на човековите права и основните слободи во целиот свет.

9. Светската конференција за човекови права повторно потврдува дека најнеразвиените земји што се определени за процесот на демократизација и економски реформи, главно од Африка, треба да бидат поддржани од страна на меѓународната заедница за да успеат во својата транзиција кон демократија и економски развој.

10. Светската конференција за човекови права го реафирмира правото на развој, утврдено во Декларацијата за правото на развој, како универзално и неотуѓиво право и како интегрален дел на основните човекови права.

Како што е кажано во Декларацијата за правото на развој, човекот е централен субјект на развојот.

Иако развојот го олеснува уживањето на сите човекови права, неразвиеноста не може да се наведува како оправдување за ускратувањето на меѓународно признатите човекови права.

Државите треба да соработуваат една со друга за да обезбедат развој и отстранување на пречките за развојот. Меѓународната заедница треба да промовира ефикасна меѓународна соработка за реализирање на правото на развој и за елиминирање на пречките за развојот.

Траен прогрес кон имплементацијата на правото на развој бара ефикасна развојна политика на национално ниво, како и рамномерни економски односи и поволно економско опкружување на меѓународно ниво.

11. Правото на развој треба да биде така исполнето за праведно задоволување на барањата на сегашните и идните генерации за развој и за заштита на околината. Светската конференција за човекови права признава дека недозволеното складирање на токсични и штетни супстанци и отпадоци потенцијално претставува сериозна закана по сечиј живот и здравје.

Следствено на тоа, Светската конференција за човекови права ги повикува сите земји да ги усвојат и стриктно да ги применуваат постоечките конвенции за складирање на токсични и штетни производи и отпадни материјали и да соработуваат во спречување на недозволеното одлагање.

Секој има право да ужива во предностите на напредокот на науката и нивната примена. Светската конференција за човекови права истакнува дека напредокот во определени области, главно во биомедицината и науката за животот, како и во информативната технологија, потенцијално може да има спротивни последици по интегритетот, дигнитетот и човековите права на поединците и повикува на меѓународна соработа да се обезбеди дека човековите права и дигнитетот целосно се почитувани во оваа област од универзално значење.

12. Светската конференција за човекови права ја повикува меѓународната заедница да стори се што може за намалување на надворешниот долг на земјите во развој со цел да ги надополнат напорите на владите на овие земји да постигнат целосно остварување на економските, социјалните и културните права на своите народи.

13. Постои потреба за државите и меѓународните организации, во соработка со невладините организации, за создавање поволни услови на државен, регионален и меѓународен план да се осигури целосно и ефикасно уживање на човековите права. Државите треба да ги отстранат сите повреди на човековите права и причините за тоа, како и сите пречки што стојат на патот кон уживањето на овие права.

14. Постоењето на широкораспространетата екстремна сиромаштија го спречува целосното и ефикасно уживање на човековите права; нејзиното непосредно ублажување и евентуално елиминирање мора да остане висок приоритет на меѓународната заедница.

15. Почитувањето на човековите права и на основните слободи без каква и да е дискриминација претставува фундаментално правило на меѓународното право за човекови права. Брзото и сеопфатно елиминирање на сите форми на расизам и расна дискриминација, ксенофобија и слична нетолеранција е приоритетна задача на меѓународната заедница. Владите треба да преземат ефикасни мерки за спречување и за борба против нив. Се охрабруваат групите, институциите, меѓувладините и невладините организации и поединци да ги интензивираат своите напори за соработка и координирање на своите активности против овие зла.

16. Светската конференција за човекови права го поздравува постигнатиот напредок во исчезнувањето на апартхејдот и ја повикува меѓународната заедница и системот на Обединетите нации да помогнат во овој процес.

Светската конференција за човекови права исто така ги осудува континуираните акти на насилство насочени кон минирање на потребата кон мирно исчезнување на апартхејдот.

17. Актите, методите и примената на тероризам во сите негови форми и манифестации, како и неговот поврзување во некои земји со растурањето на дрога се активности насочени кон деструкција на човековите права, основните слободи и демократијата, заканувајќи се по територијалниот интегритет, безбедност на државите и дестабилизарајќи ги легитмно конституираните влади. Меѓународната заедница треба да ги преземе неопходните мерки за зајкнување на соработката за да го спречи и сузбие тероризмот.

18. Човековите права на жените и на девојчињата се неотуѓив, интегрален и неделив дел од универзалните човекови права. Целосното и еднаквото учество на жените во политичкиот, граѓанскиот, економскиот, социјалниот и културниот живот на национално, регионално и меѓународно ниво и искоренување на сите форми на дискриминација во однос на полот се приоритетни цели на меѓународната заедница.

Насилството врз основа на полот и сите форми на сексуално малтретирање и експлоатација, вклучувајќи ги оние што произлегуваат од културните предрасуди и меѓународната трговија, се некомпатабилни со дигнитетот и вредноста на човекот и мора да бидат елиминирани. Ова може да се постигне со помош на законски мерки и преку национална акција и меѓународна соработка во областите како што се економскиот и социјалниот развој, образованието, сигурно мајчинство, здравствена заштита и социјална помош.

Човековите права на жените треба да бидат интегрален дел на активностите на Обединетите нации во врска со човекови права, вклучувајќи промовирање на сите инструменти на човековите права за жените.

Светската конференција за човекови права ги поттикнува владите, институциите, меѓувладините и невладините организации да ги интензивираат своите напори за заштита и промовирање на човековите права на жените и девојчињата.

19. Земајќи ја предвид важноста на промовирањето и заштитата на правата на припадниците на малцинствата и придонесот на ваквото промовирање и заштита кон политичката и социјалната стабилност на земјите во кои живеат ваквите припадници,

Светската конференција за човекови права ја реафирмира обврската на земјите да обезбедат припадниците на малцинставата да можат целосно и ефикасно да ги уживаат сите човекови права и основни слободи без каква и да е дискриминација и потполно рамноправно пред законот во согласност со Декларацијата за правата на припадниците на националните или етничките, религиозни и јазични малцинства.

Припадниците на малцинствата имаат право на своја култура, право да ја практикуваат и исповедуваат својата религија и да го користат својот јазик јавно и приватно, слободно и без мешање или каква и да е форма на дискриминација.

20. Светската конференција за човекови права го признава вродениот дигнитет и единствениот придонес на автохтоните народи кон развојот и плуралитетот на општеството и ја нагласува определбата на меѓународната заедница за економска, социјална и културна благосостојба и уживање во плодовите на одржливиот развој. Државите треба да осигурат целосно и слободно учество на автохтоните народи во сите аспекти на општеството, посебно во областите што се однесуваат на нив. Имајќи ја предвид важноста од унапредувањето и заштитата на правата на автохтоните народи и придонесот од ваквото промовирање и заштита за политичката и социјалната стабилност на државите во кои овие народи живеат, Државите треба, во согласност со меѓународното право, да преземат конкретни позитивни мерки за да обезбедат почитување на сите човекови права и основни слободи на автохтоните народи врз основа на рамноправност, недискриминација и да ги признаат вредноста и разноликоста на нивниот различен идентитет, култура и општествена организација.

21. Светската конференција за човекови права, поздравувајќи ја брзата ратификација на Конвенцијата за правата на детето од страна на голем број земји и истакнувајќи го признавањето на човековите права на децата во Светската декларација за опстанок, заштита и за развој на децата и во Акциониот план усвоен од Светскиот самит за децата, заговара универзална ратификација на Конвенцијата до 1995 и нејзина ефикасна имплементација од страна на земјите-членки преку усвојување на сета неопходна легислатива, административни и други мерки и максимално распределување на расположивите ресурси. Во сите акции во однос на децата, недискриминацијата и најдобриот интерес на децата треба да бидат примарни во размислувањата, а на ставовите на децата да им се даде заслужено внимание. Треба да се зајакнат националните и меѓународните механизми и програми за одбрана и заштита на децата, посебно женските деца, напуштените деца, бездомните деца, економско и сексуално експлоатираните деца, вклучувајќи детска порнографија, детска простуција или продажба на органи, деца жртви на болест вклучувајќи и стекнат синдром на намален имунитет, бегалци и раселени деца, деца во притвор, деца во вооружени конфликти, како и деца жртви на глад и суша и други вонредни состојби. Треба да се унапреди меѓународната соработка и солидарност за да се поддржи имплементацијата на Конвенцијата, а правата на децата треба да бидат приоритет во акцијата за човекови права во системот на Обединетите нации.

Светската конференција за човекови права, исто така, нагласува дека за целосен и хармоничен развој на својата личност, детето треба да расте во семејство кое, соодветно, заслужува поширока заштита.

22. Посебно внимание треба да се посвети со цел да се осигури недискриминација и подеднакво уживање на сите човекови права и фундаментални слободи од страна на хендикепираните лица, вклучувајќи и нивно активно учество во сите аспекти на општеството.

23. Светската конференција за човекови права повторува дека секое лице, без разлика на расата на која припаѓа, има право да бара и добие, во други земји, азил поради прогонство, како и на правото на враќање во сопствената земја. Во тој поглед, Конференцијата го нагласува значењето на Универзалната декларација за човекови права, на Конвенцијата од 1951 во врска со статусот на бегалците, со нејзиниот Протокол од 1967 и регионалните инструменти. Конференцијата ја изразува својата благодарност кон државите кои продолжуваат да прифаќаат голем број бегалци на своите териториии и на Канцеларијата на Високот комесар за бегалци на Обединетите нации за неговата посветеност кон својата задача. Таа, исто така, ја изразува својата благодарност кон Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестински бегалци на Блискиот Исток.

Светската конференција за човекови права признава дека големите прекршувања на човековите права, опфатени во вооружените конфликти, спаѓаат меѓу сложените и повеќекратни фактори кои водат кон раселување на народите.

Светската конференција за човекови права прифаќа дека, земајќи ја предвид глобалната криза на бегалци во согласност со Повелбата на Обединетите нации, релевантните меѓународни инструменти и меѓународната солидарност и во духот на споделување на бремето, потребен е еден сеопфатен приод од страна на меѓународната заедница во координација и соработка со засегнатите земји и релевантните организации, имајќи го предвид мандатот на Високиот комесар за бегалци на Обединетите нации. Ова треба да опфати развој на стратегии за решавање на причините и ефектите од движењата на бегалци и други раселени лица, зајакнување на подготвеноста за итни ситуации и механизми за реагирање, обезбедување на ефикасна заштита и помош, имајќи ги предвид посебните барања на жените и децата, како и постигнување на трајни решенија, главно преку приоритетно решение на достоинствена и безбедна доброволна репатријација, вклучувајќи решенија како оние усвоени од страна на меѓународните конференции за бегалци. Светската конференција за човекови ава ја нагласува однговорноста на државите, посебно на оние од кои потекнуваат бегалците.

Во врска со сеопфатниот приод, Светската конференција за човекови права ја нагласува важноста од посветување посебно внимание и изнаоѓање трајни решенија за прашањата поврзани со интерно раселените лица и нивното доброволно и безбедно враќање и рехабилитација, вклучувајќи ги и меѓувладините и хуманитарни организации

Во согласност со Повелбата на Обединетите нации и со принципите на хуманитарното право, Светската конференцијта за човекови права натаму ја нагласува важноста и потребата од хуманитарна помош на жртвите од сите видови природни катастрофи и катастрофи предизвикани од човекот.

24. Големо внимание мора да се посвети на промовирањето и заштитата на човековите права на лица што припаѓаат на групи што се сметаат за ранливи, вклучувајќи и работници-мигранти, на елиминирањето на сите форми на дискриминација према нив и на зајакнување и поефикасно имплементирање на постоечките инструменти за човекови права. Државите имаат обврска да креираат и одржуваат соодветни мерки на национално ниво, посебно во областа на образованието, здравствената заштита и социјалната помош, за промовирање и заштита на правата на лица во ранливите сектори и да обезбедат нивно учество во изнаоѓањето решенија за нивните проблеми.

25. Светската конференција за човекови права потврдува дека екстремната сиромаштија и исклучувањето од општествениот живот претставуваат повреда на човековиот дигнитет и дека се потребни итни мерки за подобро запознавање на екстремната сиромаштија и причините за нејзината појава, вклучувајќи ги оние поврзани со проблемите на развојот, со цел да се промовираат човековите права на најсиромашните и да се стави крај на екстремната сиромаштија и исклучувањето од општествениот живот, и да се промовира уживањето на плодовите од социјалниот напредок. Од исклучително значење е државите да го негуваат учеството на најсиромашните во процесите на донесување на одлуки од страна на заедницата во која тие живеат, да ги промовираат човековите права и напорите за борба против екстремната сиромаштија.

26. Светската конференција за човекови права го поздравува постигнатиот прогрес во кодификацијата на инструментите за човекови права, што претставува динамичен и еволутивен процес и апелира за ратификација на договорите за човекови права. Сите држави се поттикнуваат да им пристапат на овие меѓународни инструменти; сите држави се поттикнуваат да избегнуваат, колку што е можно повеќе, ставање резерви.

27. Секоја држава треба да обезбеди ефикасна рамка на правни лекови за отстранување на повредите и кршењата на човековите права. Правосудството, вклучувајќи ги и агенциите за применување на законите и обвинителствата и, особено, независната судска и правна професија во целосна усогласеност со важечките стандарди содржани во меѓународните инструменти за човековите права, се од огромно значење за целосна и недискриминаторска реализација на човековите права и се неопходни за процесите на демократија и оддржлив развој. Во овој контекст, институциите што се занимаваат со спроведување на правдата треба да бидат соодветно финансирани, а меѓународната заедница треба да обезбеди зголемена техничка и финансиска помош. Должност е на Обединетите нации да ги користат специјалните програми на советодавните услуги, врз приоритетна основа, заради постигнување на посилно и независно спроведување на правдата.

28. Светската конференција за човекови права ја искажува својата вчудоневиденост од масовното кршење на човековите права особено во форма на геноцид, “етничко чистење” и ситематско силување на жените во воени состојби, создавање на масовен егзодус на бегалци и раселени лица. Остро осудувајќи ги ваквите ужасни постапки, Конференцијата го повторува повикот сторителите на ваквите злосторства да бидат казнети, а ваквите постапки веднаш да бидат запрени.

29. Светската конференција за човекови права искажува длабока загриженост поради континуираното кршење на човековите права во сите делови на светот при што се занемаруваат стандардите содржани во меѓународните инструменти за човекови права и меѓународното хуманитарно право и поради недостатокот на доволни и ефикасни правни лекови за жртвите.

Светската конференција за човекови права е длабоко загрижена поради кршењето на човековите права во текот на оружените конфликти над цивилното население, особено жените, децата, постарите лица и хендикепираните. Затоа Конференцијата ги повикува државите и сите страни во оружените конфликти стриктно да го почитуваат меѓународното хуманитарно право, формулирано во Женевските конвенции од 1949 г. и другите правила и принципи на меѓународното право, како и минималните стандарди за заштита на човековите права наведени во меѓународните конвенции.

Светската конференција за човекови права го реафирмира правото на жртвите да им биде дадена помош од страна на хуманитарните организации, утврдено во Женевските конвенции од 1949 г. и во другите релевантни инструменти на меѓународното право и повикува на безбеден и навремен пристап кон ваквата помош.

30. Светската конференција за човекови права, исто така ја изразува својата згрозеност и осуда поради големите и систематски прекршувања на правата и поради состојбите кои претставуваат сериозна пречка за целосно уживање на сите човекови права, а кои и понатаму се случуваат во различните делови на светот. Ваквите прекршувања и пречки вклучуваат тортура и грубо, нехумано и деградирачко однесување или казнување, егзекуции по итна постапка и произволни екзекуции, исчезнувања, произволно притворање, сите форми на расизам, расна дискриминација и апартхејд, странска окупација и доминација, ксенофобија, сиромаштво, глад и други оспорувања на економски, социјални и културни права, религиозна нетолеранција, тероризам, дискриминација против жените и недостаток на владеење на правото.

31. Светската конференција за човекови права ги повикува државите да се воздржат од каква и да е еднострана мерка што не е во согласност со меѓународното право и со Повелбата на Обединетите нации која создава пречки за трговските односи меѓу државите и го попречува целосното реализирање на човековите права формулирани во Универзалната декларација за човекови права и во меѓународните инструменти за човекови права, посебно правото на секое лице на животен стандард соодветен за неговото здравје и благосостојба, вклучувајќи храна и медицинска заштита, сместување и неопходните социјални услуги. Светската конференција за човекови права потврдува дека храната не треба да се користи како средство за политички притисок.

32. Светската конференција за човекови права повторно ја потврдува важноста да се обезбеди универзалност, објективност и неселективност при разгледувањена прашањата за човекови права.

33. Светската конференција за човекови права потврдува дека државите се обврзани, како што е предвидено во Универзалната декларација за човекови права и во Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и во другите меѓународни инструменти за човекови права, да обезбедат образованието да е насочено кон зајакнување на почитувањето на човековите права и фундаменталните слободи. Светската конференција за човекови права го нагласува значењето од инкорпорирање на предметот “едукативни програми за човекови права” и ги повикува државите да го сторат тоа. Образованието треба да ги промовира разбирањето, толеранцијата, мирот и пријателските односи меѓу народите и сите расни или религиозни групи и да го поттикнува развојот на активности на Обединетите нации во напорите за исполнување на овие цели. Според тоа, едукацијата за човекови права и дисеминацијата на правилни и соодветни информации, теоретски и практично, имаат важна улога во промовирањето и почитувањето на човековите права во однос на сите поедин без разлика на расата, полот, јазикот или религијата и ова треба да се интегрира во образовната политика на национален и на меѓународен план. Светската конференција за човекови права истакнува дека ограничувањето на финанасиски средства и институционалната несоодветност може да бидат пречки за непосредната реализација на овие цели.

34. Треба да се вложат зголемени напори да им се помогне на земјите кои бараат создавање на услови во кои секој поединец може да ги ужива универзалните права и фундаментални слободи. Владите, системот на Обединетите нации, како и другите мултилатерални организации се поттикнуваат значително да ги зголемат средствата што се доделуваат на програми насочени кон воспоставување и зајкнување на националната легислатива, националните институции и сродни инфраструктури кои го потврдуваат владеењето на правото и демократијата, изборна помош, свесност за човековите права преку обука, настава и образование, преку учеството на јавноста и граѓанското општество.

Програмите за советодавни услуги и техничка соработка на Центарот за човекови права треба да се зајакнат, како и да се направат поефикасни и транспарентни и на тој начин да станат главен придонес кон подобурвање на почитувањето на човековите права. Се повикуваат државите да ги зголемат своите придонеси кон овие програми преку доделување на поголеми средства од редовниот буџет на Обединетите нации и преку доброволни прилози.

35. Целосно и ефикасно имплементирање на активностите на Обединетите нации за промовирање и заштита на човековите права мора да ја рефлектира големата важност што им се дава на човековите права со Повелбата на Обединетите нации и со барањата на активностите на Обединетите нации за човекови права, според мандатот на државите-членки. За оваа цел, активностите на Обединетите нации за човекови права треба да бидат обезбедени со поголеми финансиски средства.

36. Светската конференција за човекови права ја потврдува важноста и конструктивната улога на националните институции за унапредување и заштита на човековите права, посебно во нивната советодавна функција кон надлежните органи, нивната улога во отстранувањето на повредите на човековите права, во дисеминацијата на информациите за човекови права и во едукацијата за човекови права.

Светската конференција за човекови права го поттикнува основањето и зајакнувањето на националните институции, имајќи ги предвид “Принципите во врска со статусот на националните институции” и прифаќа дека секоја држава треба да си избере рамка која најдобро ќе одговара на нејзините посебни барања на национално ниво.

37. Регионалните спогодби играат основна улога во промовирањето и заштитата на човековите права. Тие треба да ги засилат универзалните стандарди за човекови права содржани во меѓународните инструменти за човекови права, и нивната заштита. Светската конференција за човекови права ги поткрепува тековните напори за зајакнување на овие спогодби и за зголемување на нивната ефикасност, истовремено нагласувајќи ја важноста од соработка со активностите на Обединетите нации за човекови права.

Светската конференција за човекови права ја повторува потребата да се разгледа можноста за основање на регионални и субрегионални спогодби за унапредување и заштита на човековите права онаму каде тие сеуште не постојат.

38. Светската конференција за човекови права ја потврдува важната улога на невладините организации во промовирањето на сите човекови права и хуманитарните активности на национално, регионално и меѓународно ниво. Светската конференција за човекови права го цени својот придонес кон зголемување на јавната свест за прашањата за човековите права, за спроведување на образованието, обуката и истражувањето во оваа област и кон промовирањето и заштитата на сите човекови права и основни слободи. Истовремено со потврдува дека примарната одговорност за поставување на стандарди е на самите држави. Конференцијата, исто така, го цени придонесот на невладините организации кон овој процес. Во тој контекст, Светската конференција за човекови права ја нагласува важноста од континуираниот дијалог и соработка меѓу владите и невладините организации. Невладините организации и нивните членки искрено и вистински вклучени во областа на човекови права треба да ги уживаат правата и слободите признати во Универзалната декларација за човови права и да ја уживаат заштитата на националното право. Овие права и слободи не може да се применуваат во спротивност со целите и принципите на Обединетите нации. Невладините организации треба да бидат слободни во извршувањето на своите активности за човекови права, без мешање, во рамките на националното право и Универзалната декларација за човекови права.

39. Нагласувајќи ја важноста од објективно, одговорно и непристрасно информирање за хуманитарните прашања и за човековите права, Светската конференција за човекови права ја поттикнува зголемената инволвираност на медиумите, на кои треба да им биде загарантирана слободата и заштитата во рамките на националното право.

А. Зголемена координација за човекови права во системот на Обединетите нации

1. Светската конференција за човекови права препорачува зголемена координираност во поддршката на човековите права и фунадменталните слободи во рамките на ситемот на Обединетите нации. За таа цел, Светската конференција за човекови права ги поттикнува телата на Обединетите нации и специјализираните агенции чии активности се однесуваат на човековите права да соработуваат со цел зајакнување, рационализација и усогласување на своите активности, имајќи ја предвид потребата да се избегне неопходното дуплирање. Светската конференција за човекови права, исто така, му препорачува на Генералниот секретар, службениците на високо ниво во релевантните тела на Обединетите нации и во специјализираните агенции на своите годишни средби, освен координирање на своите активности, да извршат проценка на влијанието на нивните стратегии и политика врз уживањето на човековите права.

2. Натаму, Светската конференција за човекови права ги повикува регионалните организации и еминентни меѓународни и регионални финансиски и развојни институции, исто така, да извршат проценка на влијанието на својата политика и програмите врз уживањето на човековите права.

3. Светската конференција за човекови права потврдува дека релевантните специјализирани агенции и тела и институции на системот на Обединетите нации, како и други релевантни меѓувладини организации чии активности се однесуваат на човековите права, имаат витална улога во формулирањето, промовирањето и имплементирањето на стандардите за човекови права, во рамките на нивните мандати, и тие треба да го земат во предвид исходот од Светската конференција за човекови права во делот на нивната надлежност.

4. Светската конференција за човекови права силно препорачува да се направат напори за поттикнување и олеснување на ратификацијата и пристапот или сукцесијата на меѓународните договори и протоколи за човекови права усвоени во рамките на системот на Обединетите нации со цел да бидат универзално прифатени. Генералниот секретар, во консултација со телата од договорите, треба да разгледа отворање на дијалог со државите кои не им пристапиле на овие договори за човекови права со цел да се утврдат пречките и да се бараат начини за нивно надминување.

5. Светската конференција за човекови права ги поттикнува државите да го ограничат нивото на сите резерви што тие ги поднеле кон меѓународните инструменти за човекови права, да ги формулираат сите резерви колку што е можно попрецизно и концизно, да проверат ниедна од нив да не е некомпатибилна со целите на релевантниот договор и редовно да вршат преглед на сите резерви со цел истите да ги повлечат.

6. Светската конференција за човекови права, прифаќајќи ја потребата да одржува конзистентност со високиот квалитет на постоечките меѓународни стандарди и да избегне пролиферација на инструментите за човекови права, ги потврдува насоките во врска со елаборацијата на новите меѓународни инструменти содржани во Резолуцијата 41/120 од 4 декември на Генералното собрание и ги повикува телата на Обединетите нации за човекови права при разгледување на елаборацијата на новите меѓунродни стандарди да ги имаат во предвид овие насоки, да се консултираат со органите воспоставени со договорите за човекови права за потребата од изготвување нацрт на нови стандарди и да бараат од Секретаријатот да врши технички прегледи на предложените нови инструменти.

7. Светската конференција за човекови права препорачува службениците за човекови права да бидат назначени, ако и кога ќе биде потребно, во регионалните канцеларии на Организацијата на Обединетите нации со цел дисеминција на информации и обука и друга техничка помош во полето на човековите права по барање на заинтересираните земји-членки. Треба да се организира обука за човекови права на меѓународните државни службеници кои работат на човековите права.

8. Светската конференција за човекови права ја поздравува итната седница на Комисијата за човекови права како позитивна иницијатива, како и потребата релевантните органи на системот на Обединетите нации да разгледаат и други патишта како одговор на акутните прекршувања на човековите права.

Средства

9. Светската конференција за човекови права, загрижена поради зголемениот диспаритет меѓу активностите на Центарот за човекови права и хуманитарните, финансиските и други средства што се на располагање за спроведување на овие активности, а имајќи ги предвид средствата што се потребни за другите релевантни програми на Обединетите нации, бара од Генералниот секретар и од Генералното собрание да преземат непосредни мерки за значително зголемување на средствата за програмата за човекови права од постоечките и идните редовни буџети на Обединетите нации и да преземат итни мерки за зголемување на екстрабуџетски средства.

10. Во рамките на ова, зголемен дел од редовниот буџет треба да се додели директно на Центарот за човекови права за да се покријат неговите трошоци и сите други трошоци на товар на Центарот за човекови права, вклучувајќи ги и оние поврзани со органите на Обединетите нации за човекови права. Доброволното финансирање на активностите за техничкита соработка на Центарот треба да го зајакнат овој зголемен буџет; Светската конференција за човекови права повикува на великодушни придонеси кон постоечките фондови.

11. Светската конференција за човекови права бара од Генералниот секретар и од Генералното собрание да обезбедат доволно хуманитарни, финансиски и други средства за Центарот за човекови права за да може ефикасно и брзо да ги спроведува своите активности.

12. Светската конференција за човекови права, истакнувајќи ја потребата да се обезбеди расположивост на хуманитарни и финансиски средства за спроведување на активностите во врска со човековите права според мандатот на меѓувладините тела, бара од Генералниот секретар, во согласност со член 101 од Повелбата на Обединетите нации и од земјите-членки да усвојат еден кохерентен пристап со цел да се обезбеди средствата, што одговараат на зголемените мандати, да му бидат доделени на Секретаријатот. Светската конференција за човекови права го поканува Генералниот секретар да разгледа дали прилагодувањата кон процедурите во програмскиот буџетски циклус се неопходни или корисни за обезбедување на навремено и ефикасно имплементирање на активностие за човекови права според мандатот на земјите-членки.

Центар за човекови права

13. Светската конференција за човекови права ја нагласува важноста од зајакнување на Центарот на ОН за човекови права.

14. Центарот за човекови права треба да има важна улога во координирање на системско внимание за човековите права. Централната улога на Центарот може најдобро да се реализира ако му се овозможи целосно да соработува со другите тела и органи на ОН. Координаторната улога на Центарот за човекови права, исто така, имплицира зајакнување на канцеларијата на Центарот за човекови права во Њујорк.

15. Центарот за човекови права треба да биде опремен со адекватен систем на известувачи, по теми и земји, експерти, работни групи и договорни тела. Проследувањето на препораките треба да стане приоритетна работа за Комисијата за човекови права.

16. Центарот за човекови прават треба да преземе поголема улога во промовирањето на човековите права. Оваа улога треба да се моделира преку соработка со земјите-членки и со зајакната програма на советодавни услуги и техничка помош. Постоечките доброволни фондови треба значително да се зголемат за овие цели и треба да бидат управувани на поефикасен и координаран начин. Сите активности треба да следат стриктни и транспарентни проектирани правила за менаџмент и редовни програми и треба да се вршат периодични евалуации на проектот. За ова цел, резултатите од ваквите евалуации и од други релевантни информации треба да бидат редовно ставени на располагање. Центарот, посебно, треба да организира најмалку еднаш годишно информативни средби отворени за сите земји-членки и организации директно вклучени во овоие програми и проекти.

Прилагодување и зајакнување на машинеријата на Обединетите нации за човекови права, вклучувајќи го прашањето за основање на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации

17. Светската конференција за човекови права ја потврдува неопходноста од континуирана адаптација на машинеријата за човекови права на Обединетите нации кон сегашниве и идни потреби во промовирањето и заштитата на човековите права, прикажано во сегашнава Декларација и во рамките на балансиран и одржлив развој за сите луѓе. Посебно, органите за човекови права на Обединетите нации треба да ја усовршат својата координираност, ефикасност и корисност.

18. Светската конференција за човекови права му препорачува на Генералното собрание, на своето 48-мо заседание, кога ќе го испитува извештајот на Конференцијата, да започне, поради приоритетноста, со разгледувањена прашањето за основање на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации за промовирање и заштита на сите човекови права.

Б. Еднаквост, дигнитет и толеранција

1. Расизам, расна дискриминација, ксенофобија и други форми на нетолеранција

19. Светската конференција за човекови права ги смета елиминацијата на расизмот и расната дискриминација, посебно во нивните институционализирани форми како апархејд или кои резултираат од доктрините на расната супериорност или ексклузивност или современите форми и манифестација на расизмот, за примарна цел на меѓународната заедница и на светската промотивна програма во полето на човековите права. Телата на Обединетите нации и агенции треба да ги засилат своите напори за имплементација на таквата програма на акција поврзана со третата декада на борбата против расизмот и расната дискриминација како и последователните мандати за истата цел. Светската конференција за човекови права силно апелира на меѓународната заедница великодушно да учествува со свои придонеси во Фондот за Програмата на декадата за акција на борба против расизмот и расната дискриминација.

20. Светската конференција за човекови права апелира до сите влади веднаш да преземат мерки и да развиваат силна политика за превентива и борба против сите форми и манифестации на расизам, ксенофобија, или слична нетолеранција, а по потреба преку донесување на соодветни закони, вклучувајќи и казнени мерки, и преку основање на национални институции за борба против таквите појави.

21. Светската конференција за човекови права ја поздравува одлуката на Комисијата за човекови права да назначи специјален известувач за современите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и слична нетолеранција. Светската конференција за човекови права исто така апелира до сите држави-членки на Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација да размислат за донесување на декларацијата од член 14 на Конвенцијата.

22. Светската конференција за човекови права ги повикува сите влади да преземат соодветни мерки, соодветно на своите меѓународни обврски и со соодветен респект за своите правни системи, за спротивставување на нетолеранцијата и насилството засновано на религија или уверување, вклучувајќи ги и практиката на дискриминација на жени и злоупотребата на религиозните места, признавајќи дека секој поединец има право на слобода на мислење, совест, изразување и религија. Конференцијата исто така ги поканува сите држави да ги применат одредбите на Декларацијата за елиминација на сите форми на нетолеранција и на дискриминација засновани на религија или уверување.

23. Светската конференција за човекови права потенцира дека сите лица, кои вршат или одобруваат криминални дела поврзани со етничко чистење, се индивидуално и правно одговорни за таквите кршења на човековите права, и дека меѓународната заедница треба да направи секаков напор да ги донесе оние кои се правно одговорни за таквите насилства, пред правдата.

24. Светската конференција за човекови права апелира до сите држави да преземат итни чекори, поединечно и колективно, за борба против етничкото чистење и за негово брзо елиминиарње. Жртвите на ужасната практика на етничко чистење имаат право на соодветно и ефикасно надоместување.

2. Лица кои припаѓаат на национални или етнички, религиозни и јазични малцинства

25. Светската конференција за човекови права ја повикува Комисијата за човекови права да разгледа начини и средства за промоција и ефективна заштита на лицата кои припаѓаат на малцинства како што е утврдено во Декларацијата за правата на лица кои припаѓаат на национални или етнички, религиозни и јазични малцинства. Во овој контекст, Светската конференција за човекови права го повикува Центарот за човекови права да даде, по барање на заинтересираните влади и како дел од својата програма на советодавни услуги и техничка помош, квалификувана експертиза во врска со малцинските прашања и човековите права, како и во врска со превенцијата и решавањето на споровите, и да помогне во постоечките или потенцијалните ситуации во кои се инволвирани малцинствата.

26. Светската конференција за човекови права ургира до сите држави и меѓународната заедница да ги промовираат и штитат правата на припадниците на национални или етнички, религиозни и јазични малцинства во согласност со Декларацијата за правата на лица кои припаѓаат на национални или етнички, религиозни и јазични малцинства.

27. Мерките кои треба да се преземат, каде е потребно, треба да го вклучат олеснувањето на нивната целосна партиципација во сите аспекти на политичкиот, економскиот, социјалниот, религиозниот и културниот живот на општеството и во економскиот напредок и развој на нивната земја.

Автохтони народи

28. Светската конференција за човекови права ја повикува Работната група за автохтони народи при Подгрупата за превенција на дискриминација и заштита на малцинствата да го заврши подготвувањето на декларација за правата на автохотните народи на својата 11-та седница.

29. Светската конференција за човекови права препорачува Комисијата за човекови права да ги разгледа обновата и ажурирањето на мандатот на Работната група за автохтони населенија, по завршувањето на подготовката на декларација за правата на автохтоните народи.

30. Светската конференција за човекови права исто така препорачува советодавните услуги и програмите за техничка помош при системот на Обединетите нации да одговорат позитивно на барањата на државите за помош која би била од директна корист за автохтоните луѓе. Светската конференција за човекови права понатаму препорачува да се обезбедат адекватни човечки и финансиски ресурси за Центарот за човекови права во севкупната рамка на јакнење на активностите на Центарот како што е планирано со овој документ.

31. Светската конференција за човекови права ургира до сите држави да обезбедат целосно и слободно учество на автохтоните луѓе во сите аспекти на опшетството, особено во прашањата кои се од интерес за нив.

32. Светската конференција за човекови права препорачува Генералното собрание да прокламира меѓународна декада на автохтоните луѓе на светот, а која би почнала од јанаури 1994 г., вклучувајќи и програми ориентирани кон акција, за кои ќе се одлучува во соработка со автохтоните луѓе. За оваа цел треба да биде основан соодветен доброволен фонд. Во рамките на таквата декада, треба да биде разгледа прашањето за основање на постојан форум за автохтони луѓе при Обединетите нации.

Работници-мигранти

33. Светската конференција за човекови права апелира до сите држави да ја гарантираат заштитата на човековите права на сите работници-мигранти и на нивните семејства.

34. Светската конференција за човекови права смета дека создавањето на услови за негување на поголема хармонија и толеранција меѓу работниците-мигранти и другиот дел од опшетството на државата во која тие живеат е од посебна важност.

35. Светската конференција за човекови права ги поканува државите да ја разгледаат на можноста за потпишување и ратификување, во најскоро можно време, на Меѓународната конвенција за правата на сите работници-мигранти и на членовите на нивните семејства.

3. Еднаквиот статус и човековите права на жените

36. Светската конференција за човекови права апелира на целосно и еднакво уживање на жените на сите човекови права и ова да биде приоритет за владите и за Обединетите нации. Светската конференција за човекови права исто така ја подвлекува важноста на интеграцијата и целосната партиципација на жените и како инструменти и корисници во развојниот процес, и ги повторува целите, утврдени со глобална акција, за жените кон траен и рамноправен развој дефиниран во Декларацијата за околината и развојот и глава 24 од Агенда 2, усвоена од Конференцијата за околина и развој на Обединетите нации (Рио де Жанеиро, Бразил, 3-14 јуни 1992 г.)

37. Еднаквиот статус на жените и човековите права на жените мора да бидат интегрирани во главните текови на системската активност на Обединетите нации. Овие прашања треба редовно и систематски да бидат третирани во сите релевантни тела и механизми на Обединетите нации. Особено, треба да се преземат чекори за зголемување на соработката и за промовирање понатамошна интеграција на целите и задачите меѓу Комисијата за статусот на жените, Комисијата за човекови права, Комитетот за елиминација на дискриминација против жените, Развојниот фонд за жените на Обединетите нации, Развојната програма на Обединетите нации, и останати агенции на Обединетите нации. Во овој контекст, треба да биде зајакната соработката и координацијата меѓу Центарот за човекови права и Дирекцијата за унапредуавње на жените.

38. Светската конференција за човекови права особено го потенцира значењето да се оди кон елиминирање на насилството против жените во јавниот и државниот живот, елиминацијата на сите форми на малтретирање, експлоатација и трговија со жени, елиминацијата на половите предрасуди во делењето на правдата и искоренувањето на какви и да се конфликти кои може да се појават меѓу правата на жените и штетните ефекти на некои традиционални и обичајни практики, културни предрасуди и религиозни ектремизми. Светската конференција за човекови права го повикува Генералното собрание да ја усвои нацрт-резолуцијата за насилство против жените и ургира до сите држави да се борат против насилството против жените според нејзините одредби. Кршењето на човековите права на жените во ситуации на вооружен конфликт се кршења на фундаменталните принципи на меѓународните човекови права и хуманиатрното право. Сите насилства од овој тип, вклучувајќи ги особено убиството, систематското силување, сексуалната робија, и присилната бременост, барт особено ефикасен одговор.

39. Светската конференција за човекови права се залага за искоренување на сите форми на дискриминација против жените, и отворени и скриени. Обединетите нации треба да ја охрабруваат целта за универзална ратификација на сите држави на Конвенцијата на елиминација на сите форми на дискриминација против жените до 2000 г. Начини и средства за третирање на особено големиот број на резерви кон Конвенцијата треба да бидат охрабрувани. Меѓу другото, Комитетот за елиминација на дискриминацијата на жените треба да продолжи со своето разгледување на резервите кон Конвенцијата. Се повикуваат државите да ги повлечат своите резерви кои се спротивни на целите и задачите на Конвенцијата или кои се на друг начин некомапатибилни со меѓународното договорно право.

40. Телата кои вршат мониторинг на договорите треба да ги рашират потребните информации да им овозможат на жените поголемо ефективно користење на постоечките процедури на имплементација во своите намери за целосно и еднакво уживање на човековите права и недискриминацијата. Треба да бидат усвоени нови процедури за јакнење на имплементацијата на напорите за еднаквост на жените и човековите права на жените. Комисијата за статусот на жените и Комитетот за елиминација на дискриминација против жените треба што поитно да ја испитаат можноста за воведување на правото на петиција преку подготвувањето на опционален протокол кон Конвенцијата за елиминација на сите форми против жените. Светската конференција за човекови права ја поздравува одлуката на Комисијата за човекови права за разгледување именување на специјален известувач за насилство против жените на својата 50-та седница.

41. Светската конференција за човекови права ја признава важноста на уживањето на жените на највисоките стандарди на физичкото и ментално здравје преку целиот својот живот. Во контекст на Светската конференција за елиминација на сите форми на дискриминација против жените како и Прокламацијата од Техеран од 1968 г., Светската конференција за човекови права го потврдува, врз основа на еднаквоста меѓу мажите и жените, правото на жената на расположива и адекватна здравствена грижа и на најширок спектар на услуги во планирањето на семејството, како и еднаков пристап на образование на сите нивоа.

42. Договорните мониторинг тела треба да го вклучат статусот на жените и на човековите права на жените во своите разгледувања и наоди, користејќи се со податоци специфични за полот. Државите треба да бидат охрабрувани да даваат информации за ситуацијата на жените де јуре и де факто во нивните извештаи до договорните мониторинг тела. Светската конференција за човекови права со задоволство забележува дека Комисијата за човекови права ја усвои на својата 49-та седница резолуцијата 1993/46 од 8 март 1993 г., а која вели дека известувачите и работните групи во полето на човековите права исто така треба да бидат охрабрувани да постапуваат на ваков начин. Треба исто така да бидат преземени чекори од страна на Дирекцијата за унапредување на жените во соработка со телата на Обединетите нации, конкретно со Центарот за човекови права, да се обезбеди активностите за човекови права на Обединетите нации редовно да ги разгледуваат повредите на човековите права на жените, вклучувајќи и злоупотреби специфични за полот. Требаа се охрабри обуката за персонал на Обединетите нации за човекови права и за хуманитарна помош да им помага да ги препознаваат и да се справуваат со злоупотребите на човековите права особено на жените и да ја извршуваат нивната работа без полова предрасуда.

43. Светската конференција за човекови права апелира до сите влади и регионални и меѓународни органзиации да го олеснат пристапот на жените на раководни функции и нивното поголемо учество во процесот на донесување одлуки. Конференцијата ги охрабрува понатамошните чекори во рамките на Секретаријатот на Обединетите нации да именува и промовира свои членови од женскиот пероснал во склад со Повелбата на Обединетите нации, и ги охрабрува другите главни и помошни тела на Обединетите нации да ја гарантираат партиципацијата на жените под еднакви услови.

44. Светската конференција за човекови права ја поздравува Светската конференција за жените која треба да се одржи во Пекинг во 1995 г. и апелира човековите права на жените да играат важна улога во нејзината работа, во склад со приоритетните теми на Светската конференција за жените во врска со еднаквоста, развојот и мирот.

4. Правата на детето

45. Светската конференција за човекови права го повторува принципот на “Првиот повик за децата” и во овој поглед ја подвлекува важноста на главните национални и меѓународни обиди, особено оние на Фондот за деца на Обединетите нации за промоција на почитување на правата на детето на опстанок, заштита, развој и партиципација.

46. Треба да се преземат мерки да се реализира универзалната ратификација на Конвенцијата на правата на детото до 1995 г. и на универзалното потпишување на Светската декларација за опстанок, заштита и развој на децата и Планот за акција усвоени од страна на Светскиот самит за децата, како и нивната ефективна имплементација. Светската конференција за човекови права апелира до сите држави да ги повлечат своите резерви кон Конвенцијата за правата на детето спротивни на целите и задачите на Конвенцијата или на друг начин спротивни на меѓународното договорно право.

47. Светската конференција за човекови права апелира до сите нации да преземат чекори до максимум на нивните распложиви ресурси, со поддршка на меѓународната соработка, да се реализираат целите на Планот за акција на Светскиот самит. Конференцијата ги повикува државите да ја интегрираат Конвенцијата за правата на детото во нивните национални планови за акции. Со помош на овие национални планови за акција и преку меѓународните напори, посебен приоритет треба да се направи во правец на намалување на стапката на смртност на бебињата и на мајките, намалување на стапките на неисхранетост и неписменост и обезбедување пристап на чиста вода за пиење и на основно образование. Секогаш кога има потреба, треба да се изготват национални планови за акција за борба против ужасните ситуации кои се резултат на природните катастрофи и на вооружените конфликти и против еднакво сериозниот проблем на децата во што живеат во екстремна сиромаштија.

48. Светската конференција за човекови права ги повикува сите држави, со помош на меѓународната соработка, да се справат со акутниот проблем на децата во особено тешки околности. Треба активно да се бориме против експлоатација и злоупотреба на децата, вклучувајќи го и третирањето на причините за тоа. Потребни се ефективни мерки за борба против убиството на женски бебиња, штетен детски труд, продавање на деца и органи, детска проституција, детска порногарфија, како и други форми на сексуална злоупотреба.

49. Светската конференција за човекови права ги поддржува сите мерки преземени од страна на Обединетите нации и на нејзините специјализирани агенции за обезбедување ефективна заштита и промоција на човекови права на женското дете. Светската конференција за човекови права ги повикува сите држави да ги повлечат постоечките закони и регулативи и да ги отстранат обичаите и практиките кои ги дискриминираат и прават штета на женското дете.

50. Светската конференција за човекови права дава силна поддршка на предлогот Генералниот секретар да иницира студија за начини на заштита на децата во вооружени судири. Хуманитарните норми треба да бидат имплементирани и мерки преземени за заштита и олеснување на помошта на децата во воените зони. Мерките треба да вклучат заштита на деца од употреба на сите оружја на војната, посебно антипешадиските мини. Потребата за допонителна грижа и рехабилитација на децета трауматизирани од војната мора итно да биде разгледана. Конференцијата го повикува Комитетот за правата на детето да го проучи прашањето на подигнување на минималната старост при регрутирање во вооружените сили.

51. Светската конференција за човекови права препорачува прашањата поврзани со човековите права и ситуацијата со децата да биде редовно разгледувана и надгледувана од сите релевантни тела и механизми на системот на Обединетите нации и од телата за мониторинг на специјализираните агенции во склад со нивните мандати.

52. Светската конференција за човекови права ја потврдува важната улога која ја имаат невладините организации во ефикасната имплементација на сите инструменти на човековите права и, посебно, на Конвенцијата за правата на детето.

53. Светската конференција за човекови права препорачува на Комитетот за правата да детето, со помош на Центарот за човекови права, да му биде овозможено експедитивно и ефективно да го остварува својот мандат, посебно поради невообичаениот степен на ратификација и последователно поднесување на извештаите за државите.

5. Слобода од тортура

54. Светската конференција за човековите права ја поздравува ратификацијата од страна на многу држави-членки на Конвенцијата против тортура и друго свирепо, нечовечко или понижувачко постапување или казнување и се залага за нејзина брза ратификација од сите други земји-членки.

55. Светската конференција за човекови права нагласува дека едно од најсвирепите повреди на човековото достоинство е актот на тортура, чиј резултат го уништува дигнитетот и ја намалува способноста на жртвите да продолжат со своите животи и нивните активности.

56. Светската конференција за човековите права потврдува дека, според правото за човековите права и меѓународното хуманитарно право, слободата од тортура е право кое мора да биде заштитено во сите околности, вклучувајќи и во време на интерни и меѓународни немири или вооружени конфликти.

57. Светската конференција за човекови права затоа ги повикува сите држави да стават итно крај на практиката на тортура и да го искоренат ова зло засекогаш преку целосна имплементација на Универзалната декларација за човекови права, како и релевантите конвенции и, каде е потребно, јакнење на постојните механизми. Светската конференција за човекови права ги повикува сите држави да соработуваат целосно со специјалниот известувач по прашањето за тортура во исполнувањето на неговиот мандат.

58. Специјално вимание треба да се направи за да се обезбеди универзално почитување и ефективна имплементација на Принципите на медицинската етика, релевантни за улогата на здравствениот персонал, посебно докторите, во заштита на затворениците и притворените лица од тортура и друго свирепо, нехумано или понижувачко постапување или казнување усвоени од страна на Генералното собрание на Обединетите нации.

59. Светската конференција за човекови права ја потенцира важноста на понатамошна конкретна акција во рамките на Обединетите нации. Давањето на потребните ресурси за оваа цел треба да биде врвен приоритет, меѓу другото, преку дополнителни донации до Доброволниот фонд за жртвите на тортура при Обединетите нации.

60. Државите треба да ги укинат законите кои водат кон неказнување на тие кои се одговорни за сериозни кршења на човековите права како што е тортурата, и судски да ги гонат таквите кршења, давајќи така солидна основа за владеење на правото.

61. Светската конференција за човекови права потврдува дека обидите да се искорени тортурата треба, прво и најповеќе, да се концентрираат на превенција и затоа повикува за скорешно усвојување на опционален протокол кон Конвенцијата против тортура и друго сурово, нехумано и понижувачко постапување или казнување, кој предвидува превентивен систем на редовни посети на местата на притвор.

Насилни исчезнувања

62. Светската конференција за човекови права, поздравувајќи го усвојувањето од страна на Генералното собрание на Декларацијата за заштита на сите лица од насилно исчезнување, ги повикува сите држави да преземат ефективни законодавни, административни, судски и други мерки за превенција, окончување и казнување на дела на насилни исчезнувања. Светската конференција за човекови права потврдува дека должност е на сите држави, во сите околности, да спроведат истраги секогаш кога има причина да се верува дека се случило насилно исчезнување на територија под нивнта јурисдикција и, ако се потврдат сомневањата, судски да ги гонат сторителите.

6. Правата на хендикепираните

63. Светската конференција за човекови права потврдува дека сите човекови права и основни слободи се униврзални, па така без резерви ги вклучуваат хендикепираните. Секое лице е родено рамноправно и ги има истите права на живот и благосостојба, образование и работа, независен живот и активна партиципација во сите аспекти на општеството. Секаква директна дискриминација или друг дискриминаторски третман на хендикепирано лице, според тоа претставува кршење на неговите/нејзините права. Светската конференција за човекови права ги повикува владите, каде е потребно, да усвојат или да ги усогласат законите за да обезбедат пристап на овие и на други права на хендикепираните.

64. Местото на хендикепираните е насекаде. На хендикепираните треба да им се гарантира еднаква шанса преку елиминицијата на сите општествено поставени бариери, без разлика дали се физички, финансиски, социјални или психолошки, кои ја исклучуваат или ограничуваат целосната партиципација во општеството.

65. Повикувајќи се на Светската програма на акција за хендикепираните усвоена од страна на Генералното собрание на неговата 37-ма седница, Светската конференција за човекови права апелира до Генералното собрание и Економско-социјалниот совет да ги усвојат нацрт-стандардните правила за давање еднакви шанси на хендикепираните, на своите средби во 1993 г.

В. Соработка, развој и јакнење на човековите права

66. Светската конференција за човекови права препорачува приоритет да се даде на национална и меѓународна демократрија, развој и човекови права.

67. Посебен акцент треба да се даде на мерките за помагање и градење на институции кои се однесуваат на човековите права, јакнењето на плуралното цивилно општество и заштитата на групи за кои се смета дека се ранливи. Во овој контекст, од посебна важност е помошта која се дава по барање на владите за водење на слободни и фер избори, вклучувајќи помош во аспектите на човековите права при изборите и јавно информиарње за изборите. Еднакво важна е и помошта која треба да се даде за јакнење на владеење на правото, промоцијата на слободата на изразувањето и делењето правда, и за вистинската и ефективна партиципација на луѓето во процесот на донесување одлуки.

68. Светската конференција за човекови права ја потенцира потребата за имплементација на засилени советодавни услуги и активности на техничка помош од страна на Центарот за човекови права. Центарот треба да им овозможи, на нивно барање, помош на државите за специфични прашања за човековите права, вклучувајќи подготвување на извештаи според договорите за човекови права, како и имплементација на кохерентни и сеопфатни планови на акција за промоција и заштита на човековите права. Јакнењето на институциите на човековите права и демократијата, правната заштита на човековите права, обука на службеници и други, широко засновано образование и јавно информиарње кои имаат за цел промовирање на почитувањето на човековиоте права, треба да бидат достапни како

компоненти на овие програми.

69. Светската конференција за човекови права силно препорачува при Обединетите нации да се воспостави една сеопфатна програма за да им се помогне на државите во градењето и јакнењето на адекватните национални структури кои имаат директно влијание врз севкупното почитување на човековите права и одржувањето на владеењето на правото. Таквата програма која ќе биде координирана од Ценатрот за човекови права, треба да може да даде, по барање на заинтересираните влади, техничка и финанска помош на националните проекти во реформирањето на казнените и затворските установи, образованието и обуката на правници, судии и службите за безбедност во полето на човекови права, и во кое и да е друго поле релевантно за доброто функционирање на владењето на правото. Со оваа програма треба да им се овозможи на дражавите помош за имплементација на плановите на акција за промоцијата и заштитата на човековите права.

70. Светската конференција за човекови права бара од Генералниот секретар на Обединетите нации да даде предлози го Генералното собрание на Обединетите нации, кои содржат алтернативи за основањето, структурата, оперативните модалитети и финансирање на предложените програми.

71. Светската конференција за човекови права препорачува секоја држава да ја разгледа пожелноста на подготвување на план на акција преку идентификација на чекори кои би ја подобриле промоцијата и заштитата на човековите права.

72. Светската конференција за човекови права потврдува дека универзалното и неотуѓиво право на развој, како што е утврдено во Декларацијата за правото на развој, мора да биде имплеметирано и реализирано. Во овој контекст, Светската конференција за човекови права го поздравува именувањето од страна на Комисијата за човекови права, на тематска работна група за правото на развој и апелира Работната група, во консултација и соработка со другите тела и агенции на системот на Обединетите нации, итно да формулира сеопфатни и ефективни мерки за елиминирање на пречките за имплементација и реализација на Декларацијата на право на развој кои ќе бидат итно разгледани од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, и да препорача начини и средства за реализирање на правото на равој од страна на сите држави.

73. Светската конференција за човекови права препорачува на невладините и други локални организации, кои се активни во развивањето на човековите права, да им се овозможи да играат главна улога на национално и меѓународно ниво во дискусиите, активностите и имплементацијата која се однесува на правото на развој и, во соработка со владите, во сите релевантни аспекти на развојната соработка.

74. Светската конференција за човекови права апелира до владите, компетентните агенции и институции да ги зголемат значително ресурсите пооветени на градење правни системи кои добро функционираат и кои можат да ги штитат човековите права, и на национални инситуции кои работат на ова поле. Учесниците во полето на развојната соработка треба да ја имаат предвид заеднички поттикнувачката врска меѓу развојот, демократијата и човековоте права. Соработката треба да се заснова врз дијалог и транспарентност. Светската конференција за човекови права исто така повикува за основање на сеопфатни програми, вклучувајќи и ресурсни банки на информации и експерти кои се однесуваат на јакнење на владеење на правото и на демократските институции.

75. Светската конференција за човекови права ја охрабрува Комисијата за човекови права, во соработка со Комитетот за економски, социјални и културни права, да продолжи со разгледувањето на факултативни протоколи кон Меѓународниот пакт за економски. социјални и културни права.

76. Светската конференција за човекови права препорачува да се обезбедат повеќе средства за јакнење или основање на регионални аранжмани за промоција и заштита на човековите права под програмите на советодавни услуги и техничка помош на Центарот за човекови права. Државите се поттикнуваат да барат помош за таквите цели како регионалните и субрегионалните работилници, семинари и размена на информации, кои се дизајнирани да ги засилат регионалните аранжмани за промоција и заштита на човековите права, во склад со униврзалните стандарди на човекови права содржани во меѓународните инструменти за човековите права.

77. Светската конференција за човекови права ги поддржува сите мерки на Обединетите нации и нејзините специјализирани агенции во обезбедувањето ефективна промоција и заштита на синдикалните права, како што е предвидено во Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и во други релевантни меѓународни инструменти. Ги повикува сите држави целосно да се придржуваат кон своите обврски во овој поглед кои се содржани во меѓународните инструменти.

Г. Образование за човековите права

78. Светската конференција за човекови права ги смета образованието, обуката и информирањето за човековите права битни за унапредувањето и остваруавњето на стабилни и хармонични односи меѓу заедниците и за поттикнување на заемно разбирање, толеранција и мир.

79. Државите треба да прават напори да ја искоренат неписменоста и треба да го насочуваат образованието кон целосен развој на хумана личност и кон јакнење на почитувањето на човековите права и фундаменталните слободи. Светската конференција за човекови права ги повикува сите држави и институции да ги вклучат човековите права, хуманитарното право, демократијата и владеењето на правото како предмети во наставните програми во сите образовни институции во формални и неформални амбиенти.

80. Образованието за човековите права треба да содржи мир, демократија, развој и социјална правда, како што се утврдени во меѓународните и регионални инструменти за човекови права, за да се постигне заедничко разбирање и свест, а со цел за јакнење на универзланата заложба за човековите права.

81. Земајќи го предвид Светскиот план на акција на образование за човековите права и демократијата, усвоен во март 1993 г., од страна на Меѓународниот конгрес за образование за човековите права и демократијата на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации и другите инструменти за човекови права, Светската конференција за човекови права препорачува државите да развиваат конкретни програми и стратегии за обезбедување на најширокото образование за човековите права и ширење на јавни информации, имајќи ги посебно предвид потребите за човекови права на жените.

82. Владите, со помош на меѓувладините организации, националните институции и невладините организации, треба да промовираат зголемена свест за човековите права и заемна толеранција. Светската конференција за човекови права ја подвлекува важноста на јакнење на Светската јавна информативна кампања за човекови права реализирана од страна на Обединетите нации. Тие треба да иницираат и да подржуваат образование за човековите права и да преземаат ефективно ширење на јавни информации во ова поле. Советодавните услуги и програмите за техничката помош на системот на Обединетите нации треба да можат да одговорат веднаш на барањата од државите за активности во образованието и обуката во полето на човековите права, како и специјално образование во врска со стандарди како што се содржани во меѓународните инструменти за човекови права и во хуманитарното право и нивната апликација за специјални групи како воените сили, безбедносните служби, полицијата и здравствената струка. Треба да се разгледа можноста за прогласување наекада на Обединетите нации за образование во човековите права, за промовирање, поттикнување и фокусирање на овие образовни активности.

Д. Имплеменатција и мониторинг методи

83. Светската конференција за човекови права апелира до владите да ги инкорпорираат стандардите кои што се содржани во меѓународните инструменти за човекови права, во домашните закони и да ги јакнат националните структури, институции и општествени тела кои имаат улога во промоцијата и запазувањето на човековите права.

84. Светската конференција за човекови права препорачува засилување на активностите и програмите на Обединетите нации за помош на државите кои сакаат да основаат или да ги зајакнат своите национални институции за потткнување и заштита на човековите права.

85. Светската конференција за човекови права исто така го поддржува јакнењето на соработката меѓу националните институции за унапредување и заштита на човековите права, посебно преку размени на информации и искуства, како и соработка со регионалните организации на Обединетите нации.

86. Светската конференција за човекови права силно препорачува од овој аспект, претставниците на националните институции за ундапредување и заштита на човековите права да се собираат на периодични средби под покровителство на Центарот за човекови права за разгледување начини и средства за подобрување на нивните механизми и споделување искуства.

87. Светската конференција за човекови права препорачува на договорните тела за човекови права, на средбите на претседавачите на договорните тела и на средбите на државите-членки и натаму да продолжат со преземање чекори чија цел е координиарње на многукратните известувачки барања и насоки за подготвување на извештаите на државите по соодветните конвенции за човекови права и да ја разгледаат сугестијата дека поднесувањето на еден сеопфатен извештај за договорните обврски преземни од страна на секоја држава би ги направило овие процедури поефективни и би го зголемило нивното влијание.

88. Светската конференција за човекови права препорачува државите-членки на меѓународните инструменти за човекови права, Генералното собрание и Економско-социјалниот совет да го разгледуваат проучувањето на постоечките договорни тела за човекови права и разните тематски механизми и процедури, со цел унапредување поголема ефикасност и ефективност преку подобра координација на разните тела, механизми и процедури, земајќи ја предвид потребата да се одбегнува неотребното дуплирање и преклопување на нивните мандати и задачи.

89. Светската конференција за човекови права препорачува континуирана работа за подобрување на функционирање, вклучително на мониторинг задачите, на договорните тела, земајќи ги предвид многукратните предлози направени во овој контекст, посебно оние од страна на самите договорни тела и од средбите на претседавачите на договорните тела. Сестраниот национален пристап направен од страна на Комитетот за права на детето треба исто така да биде поддржан.

90. Светската конференција за човекови права препорачува државите-членки во договорите за човекови права да го разгледат прифаќањето на сите расположиви опционални процедури за доставување на индивидуални обраќања.

91. Светската конференција за човекови права гледа со загриженост на прашањето на неказнување на сторителите на прекршувањата на човекови права и ги поддржува обидите на Комисијата за човекови права и Поткомисијата за превенција на дискриминација и заштита на малцинства да ги разледаат сите аспекти на ова прашање.

92. Светската конференција за човекови права препорачува Комисијата за човекови права да ја разгледа можноста за подобра имплементација на постоечките инструменти за човекови права на меѓународен и регионален план и ја поттикнува Меѓународната правна комисија да продолжи со својата работа во врска со меѓународен кривичен суд.

93. Светската конференција за човекови права апелира до државите, кои се уште не го сториле тоа, да пристапат кон Женевската конвенција од 12 август 1949 г. и нејзините Протоколи и да ги преземат сите соодветни национални мерки, вклучително и законодавните, за нивната целосна имплементација.

94. Светската конференција за човекови права препорачува брзо завршување и усвојување на нацрт-декларацијата за право и одговорност на поединци, групи и општествени тела за унапредување и заштита на универзално признатите човекови права и фундаментални слободи.

95. Светската конференција за човекови права ја подвлекува важноста од зачувување и јакнење на системот на специјални процедури, известувачи, претставници, експерти и работни групи на Комисијата за човекови права и на Поткомисијата за превенција на дискриминација и заштита на малцинствата, за да им се овозможи да ги исполнуваат своите мандати во сите земји низ целиот свет, снабдувајќи ги со потребните човекови и финансиски ресурси. Треба да се овозможат процедури и механизми за усогласуавње и рационализација на нивната работа преку периодични средби. Се бара од сите држави да соработуваат целосно со овие процедури и механизми.

96. Светската конференција за човекови права препорачува Обединетите нации да преземат поактивна улога во унапредувањето и заштитата на човековите права во обезбедувањето целосно почитување на меѓународното хуманитарно право во сите ситуации на вооружен судир, во согласност со целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации.

97. Потврдувајќи ја важната улога на компонентите на човековите права во специфичните аранжмани кои се однесуваат на некои мировни операции на Обединетите нации, Светската конференција за човекови права препорачува Генералниот секретар да ги земе предвид известувањето, искуството и способностите на Центарот за човекови права и механизмите за човекови права, во склад со Повелбата на Обедиентите нации.

98. Со цел да се засили уживањето на економските, социјални и културни права, треба да се разгледуваат определени дополнителни пристапи, како системот на индикатори за мерење на напредокот во реализацијата на правата утврдени во Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права. Мора да постои усогласен напор за обезбедување на економските, социјални и културни права, на национално, регионално и меѓународно ниво.

Ѓ. Континуитет на Светската конференција за човекови права

99. Светската конференција за човекови права препорачува Генералното собрание, Комисијата за човекови права и други тела и агенции на системот на Обединетите нации кои се однесуваат на човековите права да разгледуваат начини и средства за целосна имплементација, без одлагање, на препораките содржени во оваа Декларација, вклучувајќи ја и можноста за објавување на декада за човекови права на Обединетите нации. Светската конференција за човекови права понатаму препорачува Комисијата за човекови права годишно да го разгледува напредокот кон оваа цел.

100. Светската конференција за човекови права бара од Генералниот секретар, по повод 50 години од Универзалната декларација за човекови права, да ги покани сите држави, сите тела, и агенции на системот на Обединетите нации кои се однесуваат на човековите права, да го известат за напредокот направен во имплементацијата на оваа Декларација, и да поднесат извештај до Генералното собрание на неговата 53-та седница, преку Комисијата за човекови права и Економско-социјалниот совет. Исто така, регионалните, и, каде е соодветно, националните институции за човекови права, како и невладините организации, може да ги презентираат своите ставови до Генералниот секретар за напредокот направен во имплементацијата на оваа Декларација. Посебно внимание треба да се даде на вреднувањето на напредокот кон целта на универзална ратификација на меѓународните договори и протоколи за човековите права усвоени во рамките на системот на Обединетите нации.

 


 
 
www.amos.org.mk