Ја усвојува оваа Конвенција 14-тиот ден во декември 1960.
Член 1
За целта на оваа Конвенција изразот ,,дискриминација,, опфаќа секое разликување, исклучување, ограничување или предност заснована врз раса, боја на кожа, пол, јазик, вера, политичко или секое друго убедување, општествено или национално потекло, економска положба или раѓање, кое има за цел или последица уништување или нарушување на еднаквото постапување во областа на просветатата, а особено:
а)ограничување на пристап на кое било лице или група кон разните типови или степени образование;
б)ограничување на образованието за кое било лице или група на пониско ниво;
ц)воведување или задржување на одвоени просветни системи или установи за поединци или групи со резерва од членот 2 на оваа Конвенција;
д)ставање на кое било лице или група во положба неспоива со достоинството на човекот;
2.За целите на оваа Конвенција зборот ,,образование,, се однесува на сите типови и степени на образование и го опфаќа пристапот кон образованието, неговото ниво и квалитет, како и условите под кои тоа се стекнува.
Член 2
Следните случаи не се сметаат за дискриминација во смисла на првиот член на оваа Конвенција, ако е допуштено во државата:
а)создавање или задржување на одвоени школски системи или установи за ученици од различен пол, ако тие системи или установи обезбедуваат еднаков пристап кон образованието, ако наставниот персонал има иста стручност и ако имаат исти школски простории и опрема од ист квалитет и ако допуштаат спроведување на исти или еднакви наставни програми;
б)создавање или задржување поради вера или јазик, одвоени системи или установи за образование по избор на родителите или законските старатели на учениците, ако вклучувањето во тие системи или установи е доброволно и ако образованието е во согласност со нормите кои можат да бидат пропишани или одобрени од надлежните власти, особено за образование од ист степен;
ц)создавање или задржување на приватни школски установи, ако целта им е да овозможат неисклучување на која било група туку зголемување на можностите за образование која го пружаат јавните власти, ако нивната работа одоговара за таа цел и ако образованието е во согласност со нормите кои можат да бидат пропишани или одобрени од надлежните власти, особено за образование од ист степен.
Член 3
Со цел за укинување и спречување на секоја дискриминација во смисла на оваа Конвенција, државите членки се обврзуваат:
а)да ги укинат сите законски и управни одредби и да ја прекинат секоја управна практика која допушта дискриминација во областа на просветата;
б)да преземат потребни мерки, по потреба законодавни, за да не се спроведува никаква дискриминација при приемот на учениците во школите;
ц)да не се дозволи во поглед на трошоците на образованието стипендии и секоја друга форма на помош на учениците, дозволите и олеснувањата неопходни за продолжување на школувањето во странство јавните власти да постапуваат различно со граѓаните, освен во поглед на заслугите или потребите;
д)да не допуштаат, во случаите кога јавната власт во било која форма ги помага просветните установи, никакво првенство, или ограничување засновано исклучиво врз припадноста на учениците на одредена група;
е)да допуштат на странските државјани кои живеат на нивната територија ист пристап кон образованието како и за своите државјани;
Член 4
Државите членки на оваа Конвенција се обрзуваат, покрај тоа, да изработат, развиваат и спроведуваат национална политика чија цел е унапредување, со методи прилагодени на националните политики и практики, еднаквост во поглед на можностите и постапувањата во областа на образованието, а особено:
а)да го направат задолжително и бесплатно основното образование; средното образование во различни форми да биде општо и достапно за сите; вишото образование да биде подеднакво достапно за сите во зависност од способностите; да обезбедат сите да извршуваат школски обврски пропишани со закон;
б)да обезбедат во сите јавни установи од ист степен настава од исто ниво и еднакви услови во поглед на квалитетот на наставата;
ц)да поттикнуваат и развиваат со погодни методи, школување на лица кои не добиле основно образование, или кои не го завршиле, и да им овозможат да го продолжат школувањето во зависност од нивните способности;
д)да обезбедат подготвување за наставничкиот позив без дискриминација;
Член 5
1.Државите членки на оваа Конвенција се согласни дека:
а)образованието треба да биде насочено кон целосен развој на човековата личност и кон зацврстување на почитта за човековите права и основни слободи дека треба да го помага разбирањето, трпеливоста, и пријателството меѓу сите народи и сите расни или верски групи, како и да ги развива понатамошните активности на Обединетите Нации за одржување на мирот;
б)треба да се почитува слободата на родителите и во дадениот случај на законските старатели, како прво да изберат за своите деца установи кои не ги издржуваат јавните власти меѓутоа ги исполнуваат минималните услови кои треба да бидат пропишани или прифатени од надлежните власти, и како второ, да обезбедат според практичните можности на законодавството на секоја држава, верско и морално воспитување на децата согласно со нивните убедувања;
ц)треба да им се признае на припадниците на националните малцинства правото да вршат сопствена просветна дејност, подразбирајќи управување со школите и, според просветната политика на секоја држава, да го употребуваат или изучуваат својот јазик под услов:
и)ова право да не биде користено на начин кој ги спречува припадниците на малцинствата да ја разбираат културата и јазикот на целата заедница и да учествуваат во нејзините активности и да не го доведуваат во прашање националниот суверенитет;
ии)нивото на настава во тие школи да не биде пониско од општото ниво пропишано или одобрено од надлежните власти;
иии)посетувањето на овие школи да биде доброволно;
2.Државите членки на оваа Конвенција се обврзуваат да ги преземат сите потребни мерки за да ја обезбедат примената на начелата внесени во ставот 1 на овој член.
Член 6
Во примената на оваа Конвенција државите членки се обврзуваат да посветат најголемо внимание на препораките кои Општата конференција на Организацијата на Обединетите Нации за просвета, наука и култура би можела да ги усвои заради одредување мерки кои треба да се преземат во борбата против разните видови дискриминација во просветата и обезбедување еднаквост во поглед на можностите и постапувањата во образованието.
Член 7
Државите членки на оваа Конвенција треба во периодични извештаи кои ќе ги доставуваат до Општата конференција на Организацијата на Обединетите Нации за просвета, наука и култура, во рокови и форма кои таа ќе ги одреди, да ги назначат законските и управните прописи и другите мерки кои се преземени за примена на оваа Конвенција, подразбирајќи ги и оние за спроведување и развивање на националната политика, одредена во членот 4, како и постигнатите резултати и пречки на кои се наишло во нејзино спроведување.
Член 8
Секој спор меѓу две или повеќе држави членки на оваа Конвенција во поглед на толкувањето или примената на оваа Конвенција, кој не е решен по пат на преговори, ќе биде изнесен на барање на страната во спорот, пред Меѓународниот суд на правдата заради одлучување во недостаток на други начини за решавање на спорот.
Член 9
Не се допуштени никакви резерви на оваа Конвенција.
Член 10
Оваа Конвенција нема за последица повреда на правата кои можат да ги уживаат поединците или групите врз основа на спогодбите склучени меѓу две или повеќе држави, под услов тие права да не се во спротивност со словото и духот на конвенција.
Член 11
Оваа Конвенција е составена на англиски, шпански, француски и руски и сите четири текста се подеднакво веродостојни.
Член 12
1.Оваа Конвенција ќе биде подложена на ратификација или прифаќање на државите членки на Организацијата на Обединетите Нации за просвета, наука и култура во согласност со нивните уставни постапки.
2.Инструментите за ратификација или прифаќање ќе бидат депонирани кај Генералниот директор на Организацијата на Обединетите Нации за просвета, наука и култура.
Член 13
1.Оваа Конвенција е отворена за пристапување на секоја држава која не е членка на Организацијата на Обединетите Нации за просвета, наука и култура која Извршниот совет на Организацијата ја повикал да и пристапи.
2.Пристапувањето ќе се изврши со депонирањето на инструментите за пристапување кај Генералниот директор на Организацијата на Обединетите Нации за просвета, наука и култура.
Член 14
Оваа Конвенција ќе стапи во сила 3 месеци од денот на депонирањето на третиот инструмент на ратификација, прифаќање или пристапување, меѓутоа само во поглед на државите кои ги депонирале своите инструменти за ратификација, прифаќање или пристапување истиот ден или порано. За секоја друга држава таа ќе стапи во сила 3 месеци по депонирањето на нејзиниот инструмент за ратификација, прифаќање или пристапување.
Член 15
Државите членки на оваа Конвенција признаваат дека таа ќе се применува не само на териториите на метрополите, туку и на сите несамоуправни територии, територии под старателство, во колониите и на сите други територии за кои се одговорни, обврзувајќи се во моментот на ратификација, прифаќање или пристапување, или пред тоа, да се советуваат ако е потребно, со владите или другите надлежни власти на тие територии за да се обезбеди примената на таа Конвенција на тие територии, како и да го известат Генералниот директор на Организацијата на Обединетите Нации за просвета, наука и култура за териториите на кои Конвенцијата ќе се применува, а ова известување ќе произведе дејство три месеци по неговиот прием.
Член 16
1.Секоја држава на оваа Конвенција може да ја откаже во свое име или во име на територијата за чии меѓународни односи е одговорна.
2.Отказот ќе биде соопштен по писмен пат и депониран кај Генералниот директор на Организацијата на Обединетите Нации за просвета, наука и култура.
3.Отказот ќе стапи во сила 12 месеци по приемот на актот за откажување.
Член 17
Генералниот директор на Организацијата на Обединетите Нации за просвета, наука и култура ќе ги извести државите членки на Организацијата, државите кои не се членки споменати во членот 13, како и Обединетите нации за депонирањето на сите инструменти на ратификација, прифаќање или пристапување споменати во членовите 12 и 13, како и за известувањата и отказите предвидени во членовите 15 и 16.
Член 18
1.Оваа Конвенција може да ја измени Општата Конференција на Организацијата на Обединетите Нации за просвета, наука и култура. Меѓутоа, таа измена, ќе ги обврзува сите држави кои ќе станат членки на изменетата Конвенција.
2.Во случај Општата Конференција да усвои нова Конвенција за целосна или делумна измена на оваа Конвенција, и доколку новата Конвенција не предвидува поинаку, оваа Конвенција ќе престане да биде отворена за ратификација, прифаќање или пристапување, почнувајќи од денот на стапување во сила на изменетата Конвенција.
Член 19
Согласно со член 102 од Повелбата на Обединетите нации оваа Конвенција ќе биде регистрирана во Секретаријатот на Обединетите нации на барање на Генералниот директор на Организацијата на Обединетите Нации за просвета, наука и култура.
Составена во Париз на 15 декември 1960 во два веродостојни примероци со потпис на Претседателот на 11-тото заседание на Општата Конференција и Генералниот директор на Организацијата на Обединетите Нации за просвета, наука и култура, кои ќе бидат депонирани во архивата на Организацијата на Обединетите Нации за просвета, наука и култура и чии прописно заверени преписи ќе бидат доставени до сите држави споменати во членовите 12 и 13, како и до Обединетите Нации.
Горниот текст е веродостоен текст на Конвенцијата кого прописно го усвоила Општата Конференција на Организацијата на Обединетите Нации за просвета, наука и култура на своето 11-то заседание кое е одржано во Париз и кое е заклучено на 15 декември 1960.
ВО ПОТВРДА НА ОВА ги ставија своите потписни на 15 декември 1960 година.