Начело 1
Детето треба да ги ужива сите права наведени во оваа Декларација. На сите деца, без исклучок треба да им припаѓаат овие права, без разлика или дискриминација заснована на раса, боја на кожа, пол, јазик, вероисповед, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, имот, раѓање, или други околности, било на самото дете или на неговите родители.
Начело 2
Детето треба да ужива посебна заштита и треба да му се даде прилика и олеснување, со закон или други средства, да се развие физички, ментално, морално и општествено на здрав и нормален начин и во услови на слобода и достоинство. Во донесувањето на законите кои се насочени кон таа цел, најдобрите интереси на децата треба да бидат главен мотив.
Начело 3
Детето треда да има право на име и државјанство според своето раѓање.
Начело 4
Детето треба да ја ужива користа на социјална сигурност. Тоа треба да има право да расте и да се развива во здрави услови: за таа нему и на неговата мајка треба да им се укаже специјална грижа и заштита вклучувајќИ ја потребната грижа пред и по раѓањето. Детето треба да има право на соодветна исхрана, стан, разонода и лекарски услуги.
Начело 5
Детето кое е заостанато физички, ментално или социјално треба да ужива специјална постапка, воспитување и грижа која ја бараат неговите посебни услови.
Начело 6
На детето му се потребни љубов и разбирање за да се развие сестрано и складно. Тоа треба кога тоа е можно да расте под закрила на грижата и одговорноста на своите родители и во секој случај во атмосфера на наклонетост и морална и материјална сигурност. Детето во првите години од животот не смее да биде одвоено од својата мајка, освен во исклучителни околности. Општеството и јавните власти имаат должност посебно да се грижат за децата без семејство и за оние кои немаат потребни средства за издржување.Пожелна е парична и друга помош од државата за издржување на децата во големите семејства.
Начело 7
Детето има право на школување кое треба да биде бесплатно и задолжително барем во основниот степен. Тоа треба да добие образование кое ќе ја унапреди неговата општа култура и кое ќе му овозможи под еднакви услови за сите да ги развие способностите, своето лично расудување, чувство за морал и општествена одговорност и да стане корисен член на општеството.
Најголема корист за детето треба да биде раководен принцип за оние кои се одговорни за неговото школување и воспитување, таа одговорност, пред се, паѓа врз неговите родители.
Детето треба да има целосна можност за игра и забава кои треба да бидат насочени кон истите цели како и воспитувањето; општеството и јавните власти треба да настојуваат да го унапредат користењето на ова право.
Начело 8
Детето треба во секоја прилика да биде меѓу првите на кои ќе им се пружи заштита и помош.
Начело 9
Детето треба да биде заштитено од сите форми на небрежност, свирепост и експлоатација. Тоа не смее да биде предмет на трговија во каква и да е форма. Детето не смее да биде примено на некоја работа пред соодветна минимална возраст, во никој случај не смее да се предизвика или дозволи детето да работи во било кое занимање или вработување кое е штетно за неговото здравје или воспитување или го нарушува неговиот физички, ментален или морален развој.
Начело 10
Детето треба да биде заштитено од постапки кои можат да доведат до расна, религиозна или некоја друга дискриминација. Тоа треба да се воспитува во духот на разбирањето, трпеливоста, пријателството меѓу народите, во духот на мирот и општото братство, и во полна свест својата енергија и талент да ја користи за доброто на своите собраќа.