Потсетувајќи дека со дискриминација на жените се кршат начелата на рамноправност и почитување на човековото достоинство, дека тоа претставува пречка за рамноправно учество на жените во политичкиот, општествениот, економскиот и културниот живот на нивните земји, дека го запира понатамошниот напредок на општеството и семејството и го отежнува целосниот развој на способностите на жените и учеството во служба на своите земји и човештвото,
Загрижени поради фактот дека во услови на сиромаштво на жените им се најмалку достапни храната, здравствената заштита, образованието, обуката и вработувањето и задоволувањето на другите потреби,
Уверени дека воспоставувањето на новиот економски поредок, заснован на рамноправноста и праведноста многу ќе придонесе за остварувањето на рамноправноста на мажот и жената,
Нагласувајќи дека ликвидацијата на апартхејдот, на сите форми на расизам, расна дискриминација, колонијализам, неколонијализам, агресија, странска окупација, доминација и мешање во внатрешните работи се од голема важност за целосно остварување на правата на мажите и жените,
Потврдувајќи дека јакнењето на меѓународниот мир и безбедност, попуштањето на меѓународната затегнатост, меѓународната соработка на сите држави без оглед на нивниот општествен и економски систем, општото и целосно разоружување, посебно нуклеарното разоружување под строга и ефикасна меѓународна контрола, афирмација на принципите на праведност, рамноправност и взаемна корист во односите меѓу земјите, остварување на правото на народите под странска и колонијална доминација и странска окупација на самоопределување и независност, како и почитување на националниот суверенитет и територијалниот интегритет, ќе придонесе за општествениот напредок и развој, а со тоа и остварување на целосна рамноправност на мажите и жените,
Уверени дека целосниот и сестран развој на земјите благостојбата на светот и мирот бараат најголемо учество на жените, рамноправно со мажите во сите сфери на животот,
Имајќи го предвид големиот придонес на жените за благосостојбата во семејството и во развојот на општеството што досега не е целосно признато, општественото значење на мајчинството и улогата на двајцата родители во семејството и подигнувањето на децата и свесни дека улогата на жените во раѓањето не треба да биде основ за дискриминација туку подигнувањето на децата треба да се смета како одговорност на мажите и жените и општеството во целина,
Свесни дека е потребно да се измени традиционалната улога на мажите како и улогата на жената во општеството за да се оствари целосна рамноправност на мажите и жените,
Решени да ги применат принципите содржани во Декларацијата за елиминирање на дискриминацијата на жените, како и за таа цел да усвојат мерки потребни за отстранување на таа дискриминација во сите нејзини видови и манифестации,
Се согласија со следното:
Дел 1
Член 1
За целта на оваа конвенција изразот ,,дискриминација на жените,, означува секое разликување, исклучување или ограничување во поглед на полот, што има за последица или цел да го загрози или оневозможи признавањето, остварувањето или вршењето на човековите права на жените и основни слободи на политичко, економско, општествено, културно, граѓанско или друго поле, без оглед на нивната брачна состојба врз основа на рамноправноста на мажите и жените
Член 2
Државите членки ја осудуваат дискриминацијата на жените во сите видови, согласни се да ја спроведат со сите соодветни средства кои им стојат на располагање и без одлагање политиката на отстранување на дискриминацијата на жените и поради тоа се обврзуваат:
а)да го внесат принципот на рамноправноста на мажите и жените во своите национални устави или соодветни закони ако тоа веќе не го сториле, како и да обезбедат со законски или други соодветни мерки практична примена на тој принцип.
б)да усвојат соодветни закони и други мерки вклучувајќи и санкции кога е тоа потребно со кои се забрануваат сите видови дискриминација на жените,
в)да воведат правна заштита на правата на жените врз рамноправна основа со мажите и преку надлежните национални судови и други јавни институции да обезбедат ефикасна заштита на жените од секакви постапки со кои се врши дискриминација.
г)да се воздржат од секаква постапка или практика на дискриминација на жените и да обезбедат јавните органи и институциите да постапуваат во согласност со оваа обрска.
д)да ги преземат сите потребни мерки за отстранување на дискриминацијата на жените од страна на кое било лице, организација или претпријатие
ѓ) да ги преземат сите погодни мерки вклучувајќи и законодавни, заради измени или укинување на постојните закони, прописи, обичаи и практиките кои претставуваат дискриминација на жените,
е) да ги стават вон сила сите внатрешни казнени одбори со кои се врши дискриминација на жените.
Член 3
Државите членки ги преземаат во сите области посебно во политичката, оштествената, економската и културната сите погодни мерки вклучувајќи ги и законодавните, за да обезбедат целосен развој и напредок на жените и за да им се гарантира остварувањето и уживањето на правата на човекот и основните слободи, рамноправно со мажите.
Член 4
1.Усвојувањето на посебни привремени мерки од страна на државите членки чија цел е да се забрза остварувањето на рамноправноста на мажите и жените де факто не се смета за дискриминација како е дефинирано во оваа конвенција, меѓутоа не смее на кој и да е начин да има како последица не еднакви или различни мерила, а овие мерки ќе престанат да важат кога ќе се оствари целта на сите да им се пружат еднакви можности и третман.
2.Усвојувањето на посебни мерки од страна на државите членки вклучувајќи ги и мерките содржани во оваа конвенција чија цел е заштита на мајчинството, не се сметаат за дискриминација.
Член 5
Државите ги преземаат сите погодни мерки:
а)заради измена на општествените и културните обичаи во поглед на однесувањето на мажите и жените, за да се отстранат предрасудите, како и вообичаената и секоја друга практика заснована врз сфаќањето за инфериорноста или супериорноста на едниот или другиот пол или традиционалната улога на мажите, односно жените.
б)семејното воспитување да го опфати и правилното сфаќање на мајчинството како општествена функција и признавањето на заедничката одговорност на мажите и жените во подигањето и развојот на децата подразбирајќи дека во сите случаи мора да се води сметка за интересите на детето.
Член 6
Државите членки ги преземаат сите погодни мерки вклучувајќи ги и законодавните заради сузбивање на сите форми на трговија со жените како и искористување на проситуцијата на жените.
Дел 2
Член 7
Државите членки ги преземаат сите погодни мерки за отстранување на дискриминацијата на жените во политичкиот и јавниот живот на земјата, а посебно се должни да го обезбедат под еднакви услови, како и за мажите, правото на жените:
а)да гласаат на сите избори и јавни референдуми и да бидат бирани во сите тела кои се бираат по пат на јавни избори.
б)да учествуваат во креирањето и спроведувањето на владината политика и да заземаат раководни функции и да ги вршат сите јавни функции на сите нивоа на власта.
в)да учествуваат во работата на невладините организации и здруженија кои се занимаваат со јавен и политички живот во земјата.
Член 8
Државите членки ги преземаат сите погодни мерки за да им обезбедат на жените можност под еднакви услови со мажите, без дискриминација да ги претставуваат своите влади на меѓународно ниво, како и да учествуваат во работата на меѓународните организации.
Член 9
1.Државите членки им признаваат на жените еднакви права како и на мажите да стекнат, променат или да задржат свое државјанство. Тие особено се грижат склучувањето на брак со странски државјанин или промената на државјанството на мажот за време на траењето на бракот да нема автоматски како последица промена на државјанството на жената, ниту таа да стане лице без државјанство, односно да биде присилена да го зема државјанството на мажот.
2.Државите членки им обезбедуваат на жените еднакви права како и на мажите во поглед на државјанството на децата.
Дел 3
Член 10
Државите членки ги преземаат сите погодни мерки за отсранување на дискриминацијата на жените, за да им обезбедат еднакви права како и на мажите во поглед на образованието, а посебно врз основа на рамноправноста на мажите и жените да им обезбедат:
а)еднакви услови во поглед на кариерата и професионалното насочување,
во поглед на можностите за учење и стекнување диплома во образовните установи од сите категории, како во селските така во градските средини; Оваа рамноправност се обезбедува во поглед на предшколското, општото, техничкото и стручното образование, како и повисокото техничко образование и сите видови професионално насочување;
б)достапност на еднакви наставни програми, еднакви испити, и наставен персонал кој има квалификации од исто ниво, како и школски простории и опрема од ист квалитет;
в)отстранување на традиционалното сфаќање за улогата на мажите и жените на сите степени и во сите форми на образование со поттикнување на создавање мешовити одделенија и други видови образование кои можат да придонесат за постигнување на таа цел, особено со ревизија на учебниците и школските програми и прилагодувањето на наставните методи.
г)еднакви можности за користење на стипендии и други видови бесповратна помош за студирање.
д)еднакви можности за пристап кон програмите за перманентно образование вклучувајќи ги програмите за образование на возрасни и функционалните програми за описменување, особено оние чија цел е во што пократно време да се смали јазот во степенот на обрзованието меѓу мажите и жените.
е)намалување на стапките на напуштање на училиштето од страна на женската младина И организирање програми за девојки и жени кои прерано го напуштиле училиштето.
р)еднакви можности за активно занимавање со спорт и физичко воспитување
х)достапност до посебните информации од областа на образованието заради давање помош во обезбедувањето на здравјето и благосостојбата на семејсттвото, вклучувајќи ги информациите и советите за формирање на семејствотото.
Член 11
1.Државите членки ги преземаат сите погодни мерки за елиминирање на дискриминацијата на жените во областа на вработувањето врз основа на рамноправноста на мажите и жените, за да се обезбедат еднакви права а особено:
а)право на работа како неотуѓиво право на сите луѓе
б)право на еднакви можности за вработување вклучувајќи и примена на еднакви критериуми при изборот на кандидати за работното место,
в)право на слободен избор на професија и вработување, правото на напредување, сигурност на вработување и сите права и услови кои произлегуваат од работата како и правото на стручно оспособување и преквалификација, вклучувајќи го учењето во стопанството, вишото стручно оспособување и повременото додатно оспособување.
г)право на еднаква награда вклучувајќи ги и бенефициите, како и на еднаков третман за иста работа и еднаков третман при оценувањето на квалитетот на работата.
д)право на социјална заштита, посебно во случај на одење во пензија, невработеност, болест, инвалидност, старост и други неспособности за работа, како и право на платено отсуство.
к)право на здравствена заштита и заштита на работа вклучувајќи ја заштитата на биолошките и репродуктивните функции на жената.
2.За спречување на дискриминацијата на жените поради стапување во брак или мајчинство и обезбедување на нивното стварно право на работа, државите членки преземаат соодветни мерки за:
а)забрана, под закана на санкција, на давање отказ поради бременост или породилно отсуство и дискриминација при отпуштање од работа поради брачна состојба.
б)воведување на платено породилно отсуство или слични социјални бенефиции без губење на правото на поранешното работно место, примања врз основа на стаж и социјални примања.
г)поттикнување на обезбедување на потребните помошни општествени служби за да им се овозможи на родителите да ги усогласат семејните обврски со обврските на работното место и учество во општествениот живот, посебно поттикнување за основање и развој на мрежа установи за грижа на децата,
ѓ)обезбедување на посебна заштита на жените за време на бременоста на оние работни места за кои е докажано дека се штетни за трудницата,
3.Мерките на законска заштита кои се однесуваат на прашањата опфатени со овој член се преиспитуваат периодично во согласност со научните и технолошките сознанија и според потребата се ревидираат, укинуваат или продложуваат.
Член 12
1.Државите членки преземаат соодветни мерки за елиминирање на дискриминацијата на жените во областа на здравствената заштита за да се обезбеди, врз основа на рамноправноста на мажите и жените, достапност на здравствените услуги вклучувајќи ги оние кои се однесуваат на планирање на семејството.
2.Без оглед на одредбите од ставот 1 на овој член државите членки обезбедуваат соодветни здравствени услуги за време на бременоста, раѓањето и во перидот по раѓањето на детето, со обезбедување бесплатни услуги кога тоа е потребно како и соодветна исхрана за време на бременоста и доењето.
Член 13
Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки за елиминирање на дискриминацијата на жените во другите области на стопанскиот и општествениот живот за да врз основа на рамноправноста на мажите и жените се обезбедат еднакви права, а посебно:
а)право на семејни бенифиции.
б)право на банкарски заеми, хипотекарни и други видови финансиски кредити.
в)право на учество во рекреативни активности, спорт и сите форми на културен живот.
Член 14
1.Државите членки ќе ги земат предвид посебните проблеми со кои се соочува жената на село, како и значајната улога која ја има таа во економскиот опстанок на своето семејство, вклучувајќи ја нејзината работа во секторот на стопанството во кој не се остварува доход и ќе ги преземат сите соодветни мерки за да се обезбеди одредбите на оваа конвенција да се применат на жените на село.
2.Државите членки ќе ги преземаат сите соодветни мерки за елиминирање на дискриминацијата на жените во селските средини за да се обезбеди тие врз основа на рамноправноста на мажите и жените да учествуваат во развојот на селото и од тоа да имаат корист особено за да се обезбеди нивното право на:
а)учеството во изработка и спроведување на плановите за развој на сите нивоа,
б)пристап до соодветна здравствена заштита вклучувајќи ги информациите, советите и услугите во врска со планирањето на семејството.
в)директно користење на програмите на социјална заштита,
г)стекунување нови видови обука и образование, формално и неформално вклучувајќи и описменување, пристап до сите услуги во рамките на селската заедница, како и советодавни услуги интер алиа заради проширување на нивните општи, технички знаења.
х)организирање групи за самопомош и задруги за да се оствари еднаков пристап до стопанските дејности по пат на вработување или вршење самостојни дејности.
к)учество во сите активности на селската заедница.
о)достапност до земјоделските кредити и заеми, олеснување за продажба на производите, соодветна технологија и еднаков третман во земјишната и аграрната реформа како и во програмите за повторно населување.
п)соодветни животни услови особено во поглед на живеењето, хигиенските услови, електричната енергија и снабдувањето со вода, сообраќајот и врските.
Дел 4
Член 15
1.Државите членки им признаваат на жените еднакви права пред законот како и на мажите.
2.Државите членки им признаваат на жените еднаква правна способност во граѓанските работи како и на мажите и им даваат еднакви можност неа да ја користат. Тие посебно им даваат на жените еднакви права на склучување договори и управување со имотот и ги третираат рамноправно во сите фази на постапката пред судот.
3.Државите членки се согласни дека сите напори и сите други приватни инструменти од кој било вид чие правно дејство има за цел да ја ограничи правната способност на жените се сметаат за ништовни и неважечки.
4.Државите членки им признаваат на жените и мажите еднакви права во поглед на законот за движење на лицата и слободен избор на местото на престој и живеалиште.
Член 16
1.Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки за отстранување на дискриминацијата на жените во сите прашања кои се однесуваат на бракот и семејните односи, а посебно обезбедуваат врз основа на рамноправноста на мажите и жените:
а)еднакво право на склучување брак,
б)еднакво право на слободен избор на брачен другар и склучување брак само по слободна волја и со целосна согласност,
в)еднакви права и одговорности во бракот и при разводот,
г)еднакви родителски права и обврски во однос на децата без оглед на брачниот статус. Во сите овие случаи интересите на децата мораат да бидат на прво место.
к)еднакви права слободно и одговорно да одлучуваат за планирање на семејството како и да имаат пристап до информациите, образованието и средствата кои ќе им овозможат да ги користат овие права.
л)еднакви права и одговорности во поглед на старателството, туторството, управувањето со имотот и усвојувањето на деца или слични институции ако постојат во националното законодавство. Во сите случаи интересите на децата мора да бидат на прво место.
с)еднакви лични права на мажот и жената вклучувајќи го правото на избор на семејно име, професија и занимање.
м)еднакви права на двата брачни другари во поглед на сопственоста над имотот, односно стекнувањето, управувањето, уживањето и отуѓувањето на имотот без оглед на тоа дали ова се прави бесплатно или за значителна награда.
2.Веридбата и стапувањето на детето во брак не може да има никакви правни последици, а ќе се преземат сите потребни мерки вклучувајќи ги законодавните, за утврдување на минимална возраст за склучување брак, како и воведување обврска бракот да се склучи во официјален матичен уред.
Дел 5
Член 17
1.Заради следењето на напредокот остварен во примената на оваа Конвенција ќе се формира Комитет за елиминирање на дискриминацијата на жените(во натамошниот текст комитет) кој при стапувањето на конвенцијата во сила ќе има 18, а по ратификацијата или пристапувањето на 35 држави членки, 23 стручњаци со високи морални квалитети и стручност во областа на која се однесува оваа Конвенција.
Државите членки меѓу своите државјани бираат стручњаци кои во работата на комитетот ќе учествуваат во лично својство. При изборот на членовите на комитетот ќе се води сметка за рамномерна географска застапеност како и за тоа да бидат избрани стручњаци кои ги претставуваат различните цивилизации и главните правни системи.
2.Членовите на комитетот се бираат со тајно гласање врз основа на списокот на кандидати кои ги именувале државите членки. Секоја држава членка може да именува еден свој државјанин.
3.Првиот избор ќе се одржи 6 месеци од денот на стапување во сила на оваа Конвенција. Најмалку 3 месеци пред датумот на секои избори Генералниот секретар на ОН ќе упати повик до државите членки да поднесат предлози во рок од 2 месеци. Генералниот секретар ќе подготви список на сите на тој начин именувани лица по азбучен ред со називот на државите членки кои ги именувале и ќе го достави до државите членки.
4.Изборите за членови на комитетот ќе се одржат на состанокот на државите членки кој ќе го свика Генералниот секретар на ОН и кој ќе се одржи во седиштето на ОН. На тој состанок на кој кворумот го сочинуваат 2/3 од членките ќе бидат избрани оние кандидати кои ќе добијат најголем број гласови и апсолутно мнозинство на гласови од присутните претставници на државите членки кои гласаат.
5.Членовите на комитетот се бираат на 4 години, меѓутоа мандатот на 9 члена избрани на првото гласање истекува по 2 години, веднаш по првите избори претседателот на комитетот со ждрепка ќе ги избере имињата на овие 9 члена.
6.Изборите за додатните 5 члена на комитетот ќе се одржат во согласност со одредбите на ст.2, 3,4 на овој член по соопштението за 35-тата ратификација или пристапување на конвенцијата. Мандатот на двајцата додатни членови на комитетот кои ќе бидат притоа избрани истекува по две години. Овие два члена ги бира претседателот на комитетот со ждрепка.
7.За пополнување на евентуално празните места, државата членка на чиј претставник му престанала функцијата во својство на член на комитетот, именува друго лице од редот на своите државјани под резерва на одобрување од комитетот.
8.Членовите на комитетот во согласност со Генералното Собрание примаат награда од средствата на ОН под услови кои ќе ги одреди Генералното собрание имајќи го во предвид значењето на функцијата која ја врши Комитетот.
9.Генералниот секретар на ОН обезбедува потребен персонал и услови за ефикасно вршење на функциите на комитетот во рамките на оваа конвенција.
Член 18
1.Државите членки се обврзуваат на генералниот секретар на ОН да му поднесуваат за разгледување во Комитетот извештај за законодавните, судските, управните и другите мерки кои ги усвоија заради примена на одредбите на конвенцијата како и за напредокот остварен во тој период:
а)во рок од 1 година по стапувањето во сила на Конвенцијата во соодветната држава;
б). најмалку секоја 4-та година по тоа и секогаш кога тоа ќе биде побарано од Комитетот
2. Во извештаите можат да се наведат факторите и потешкотите кои влијаат на тоа во која мерка се извршуваат обврските кои произлегуваат од оваа Конвенција.
Член 19
1.Комитетот усвојува деловник за работа.
2.Комитетот бира свои функционери за период од 2 години.
Член 20
1.Комитетот обично се состанува еднаш годишно во траење најмногу до 2 недели, за разгледување на извештаите поднесени во согласност со членот 18 на оваа Конвенција
2.Состаноците на Комитетот обично се одржуваат во седиштето на О.Н. или на кое било друго соодветно местошто ќе го одреди Комитетот.
Член 21
1.Комитетот, преку Економскиот и Социјалниот совет, секоја година го известува Генералното собрание за својата работа и може да дава предлози и општи препораки врз основа на разгледаните извештаи и информации кои ги примил од државите членки. Таквите предлози и општи препораки се внесуваат во извештајот на Комитетотзаедно со евентуалните забелешки на државите членки.
2.Генералниот Секретар ги доставува извештаите на Комитетот до Комисијата за положбата на жените, заради информирање.
Член 22
Специјализираните агенции имаат право да присуствуваат на состаноците при разгледувањето на примената на оние одредби на оваа Конвенција во областите кои спаѓаат во делокругот на нивната работа. Комитетот може да побара специјализираните агенции да поднесат извештаи за примената на одредбите на Конвенцијата во обласите кои спаѓаат во делокругот на нивната работа.
ДЕЛ 6
Член 23
Ниедна одредба на оваа Конвенција не смее да влијае на кои било одредби кои поефикасно водат кон постигнување на рамноправноста на мажите и жените, а кои можат да бидат содржани во:
а). законодавството на државите членки; или
б). во која било друга меѓународна конвенција, договор или спогодба која е во сила во соодветната држава членка.
Член 24
Државите членки се обврзуваат да ги усвојат сите потребни мерки на внатрешен план за целосно остварување на правата признати во оваа Конвенција.
Член 25
1.Оваа Конвенција е отворена за потпис за сите држави.
2.Генералниот секретар на О.Н. е одреден за депозитар на Конвенцијата.
3.Оваа Конвенција подлежи на ратификација. Инструментите на ратификацијата се депонираат кај генералниот секретар на О.Н.
4.Оваа Конвенција е отворена за пристапување за сите држави. Пристапувањето се врши со депонирање на инструментите за пристапување кај генералниот секретар на О.Н.
Член 26
1.Барање за ревизија на Конвенцијата може да поднесе секоја држава членка, во секое време, по пат на соопштение во писмена форма упатено до генералниот секретар на О.Н.
2.Генералното собрание на О.Н. одлучува за евентуалните мерки кои треба да се преземат во врска со барањето.
Член 27
1.Оваа Конвенција стапува во сила 30-иот ден од денот на депонирањето кај генералниот секретар на О.Н. на 20-иот инструмент за ратификација или пристапување.
2.За секоја држава која ја ратификувала оваа Конвенција или и пристапила по депонирањето на 20-иот инструмент за ратификација или пристапување. Конвенцијата стапува во сила 30-иот ден од денот на депонирање на нејзиниот инструмент за ратификација или пристапување.
Член 28
1.Генералниот секретар на О.Н. го прима и доставува до сите држави текстот на резервите кои државите ги изјавиле при ратификацијата или пристапувањето.
2.Резерва која не е споива со предметот и целите на оваа Конвенција не е дозволена.
3.Резервите можат да се повлечат во секое време по пат на соопштение упатено до генералниот секретар на О.Н., кој за тоа ги известува сите држави. Таквото соопштение стапува во сила почнувајќи од денот на приемот.
Член 29
1.Секој евентуален спор меѓу 2 или повеќе држави членки во поглед на толкувањето или примената на оваа Конвенција кој не се решава по пат на преговори, се поднесува на арбитража на барање на едната од нив. Ако во рок од 6 месеци од датумот на поднесувањето на барањето за арбитражата, државите членки не успеат да се согласат за организацијата на арбитражата, секоја странка може да се обрати до Меѓународниот суд на правдата за решавање на спорот со барање кое се поднесува согласно со Статутот на Судот.
2.Секоја држава членка може при потпишувањето или ратификацијата на оваа Конвенција или при пристапувањето на Конвенцијата да изјави дека не се смета за обврзна согласно со ставот 1 на овој член. Другите држави членки нема да бидат обврзни согласно ставот 1 на овој член во однос на секоја држава членка која изјавила таква резерва.
3.Секоја држава која изјавила резерва во согласност со ставот 2 на овој член може во секое време да ја повлече резервата по пат на соопштение до генералниот секретар на О.Н.
Член 30
Оваа Конвенција е составена на арапски, кинески, англиски, француски, руски и шпански јазик, при што сите текстови се еднакво веродостојни и ќе се депонираат кај генералниот секретар на О.Н. Во потврда на што, долу потпишаните прописно овластени за таа цел, ја потпишаа оваа Конвенција.