Сметајќи дека Декларацијата на Обединетите нации за укинување сите форми на расна дискриминација, од 20 ноември 1963 година (резолуцијата 1904 / XVIII на Генералното собрание) свечено ја утврдува потребата од брзо укинување на сите форми и сите појави на расна дискриминација во сите делови на светот и обезбедување разбирање и почитување на достоинството на човечката личност,
Убедени дека секоја доктрина за супериорноста заснована врз разликата помеѓу расите е научно лажна, за осуда од моралната точка на гледиштето и социјално неправедна и опасна и дека ништо не би можело да ја оправда, каде и да било тоа, расната дискриминација, ниту теоретски ниту практично,
Повторно потврдувајќи дека дискриминацијата помеѓу луѓето врз основа на расата, бојата или етничкото потекло претставува пречка за пријателските и мирољубивите односи помеѓу народите и дека може да го наруши мирот и безбедноста помеѓу народите, како и складната коегзистенција на граѓаните од иста држава,
Убедени дека постоењето на расни пречки е несогласиво со идеалите на секое човечко општество,
Загрижени со појавите на расна дискриминација што постојат уште во некои краишта на светот, како и во политиките на владите што се засноваат врз расна супериорност или омраза како што е политиката на апартхеид, сегрегација или одвојување,
Решени да ги преземат сите потребни мерки заради брзо укинување сите форми и сите појави на расна дискриминација и да ги спречат и да се борат против расистичките доктрини и практиката за да го помогнат разбирањето помеѓу расите и да изградат меѓународна заедница ослободена од сите форми на расна сегрегација и дискриминација,
Имајќи ја предвид Конвенцијата за дискриминацијата во областа на вработувањето и занимањата што ја усвои Меѓународната организација на трудот во 1958 година и Конвенцијата за борбата против дискриминацијата во областа на наставата што ја усвои Организацијата на Обединетите нации за просвета, наука и култура, во 1960 година,
Со желба да ги спроведат во живот принципите наведени во Декларацијата на Обединетите нации за укинување сите форми на расна дискриминација и да обезбедат што е можно побрзо усвојување на практичните мерки во таа цел,
Се договорија за следното:
ПРВ ДЕЛ
Член 1
1. Во оваа конвенција изразот “расна дискриминација” се однесува на секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се засноваат врз расата, бојата, претците, националното или етничкото потекло што имаат за цел или за резултат да го нарушат или да го компромитираат признавањето, уживањето или вршењето, под еднакви услови, на правата на човекот и основните слободи на политичко, економско, социјално и културно поле или во секоја друга област на јавниот живот.
2.Оваа конвенција не се применува на разликувањето, исклучувањето, ограничувањето или давањето на првенство што го спроведува државата членка на Конвенцијата кога се во прашање нејзини државјани или лица што не се нејзини државјани.
3. Ниедна одредба од оваа конвенција не може да се толкува како да ги нарушува на кој и да било начин законските одредби на државите членки на Конвенцијата во поглед на народноста, државјанството или приемот во државјанството, под услов овие одредби да не прават разлики во однос на некоја посебна народност.
4. Посебните мерки донесени единствено заради обезбедување соодветен напредок на некои расни или етнички групи или на лица на кои им е неопходна заштита која може да биде потребна заради гарантирање, уживање и остварување на правата на човекот и основните слободи под еднакви услови не се сметаат како мерки на расна дискриминација, под услов да немаат за резултат одржување на различни права за разни расни групи и да не се одржуваат во сила кога ќе се постигнат целите поради кои овие мерки биле преземени.
Член 2
1. Државите членки ја осудуваат расната дискриминација и се обврзуваат со сите соодветни средства и без одлагање да ја спроведуваат политиката што се стреми кон тоа да укине секоја форма на расна дискриминација и да го помагаат разбирањето помеѓу сите раси, и за таа цел:
а) секоја држава членка се обврзува да не стори никакво дело на расна дискриминација или да не врши расна дискриминација против лица, групи на лица или установи, како и да постапува така што сите јавни власти и јавни, национални и локални установи да се придржуваат кон оваа обврска;
б) секоја држава членка се обврзува да не ја поттикнува, брани или поддржува расната дискриминација што ја спроведува какво и да било лице или организација;
в) секоја држава членка треба да преземе ефикасни мерки заради повторно разгледување на националната и локалната владина политика и за измена, укинување или поништување на секој закон и секој пропис што има за цел да воведе расна дискриминација или да ја стабилизира таму каде што постои таа;
г) секоја држава членка треба со сите соодветни средства вклучуваји ги, доколку го бараат тоа околностите, и законските мерки, да ја забрани расната дискриминација што ја спроведуваат лица, групи или организации, како и да ја сузбие;
д) секоја држава членка се обврзува да помага, во даден случај, повеќерасни интеграционистички организации и движења и други средства заради укинување на пречките помеѓу расите, како и да се бори против она што се стреми да ја зајакне расната поделба.
2. Државите членки ќе преземат, ако го бараат тоа околностите, во социјалната, економската, културната и во другите области, посебни и конкретни мерки за соодветно обезбедување на развојот или заштита на некои расни групи или поединци што им припаѓаат на овие групи заради гарантирање, под условите на еднаквост, полно остварување на правата на човекот и основните слободи. Овие мерки не можат во никој случај да имаат за резултат одржување на нееднакви или различни права за разни расни групи, кога ќе се постигнат целите поради кои биле преземени овие мерки.
Член 3
Државите членки ја осудуваат посебно расната сегрегација и апартхеидот и се обврзуваат на териториите под нивна јурисдикција да спречуваат, забрануваат и укинуваат секоја практика од оваа природа.
Член 4
Државите членки ја осудуваат секоја пропаганда и сите организации што се раководат со идеите или теориите засновани врз врз супериорноста на некоја раса или група на лица од извесна боја или извесно етничко потекло или што сакаат да оправдаат или поддржат секоја форма на расна омраза или дискриминација; тие се обврзуваат да ги усвојат, без одлагање, позитивните мерки што имаат за цел да укинат секое поттикнување на таква дискриминација или на секое дело на дискриминација, и за таа цел, водејќи сметка за принципите наведени во Универзалната декларација за правата на човекот и за правата што се изречно наведени во членот 5 од оваа конвенција, тие особено се обврзуваат:
а) да го утврдат како кривично дело секое ширење на идеите засновани врз супериорност или расна омраза, секое поттикнување на расна дискриминација како и сите дела на насилство или предизвикување на таква насилство, насочено против сите раси или секоја група лица од друга боја или друго етничко потекло, како и давање помош на расистички активности, подразбирајќи го тука и нивното финансирање;
б) да изјават дека се незаконити и да ги забранат организациите и активностите на организирана пропаганда и секој друг вид пропагандна активност што поттикнуваат на расна дискриминација и што ја помагаат, како и да изјават дека учеството во овие организации или во нејзини активности е со закон казниво дело;
в) да не им дозволат на јавните власти ниту на јавните национални или локални установи да поттикнуваат на расна дискриминација или да ја помагаат.
Член 5
Според основните обврски наведени во членот 2 на оваа конвенција, државите членки се обврзуваат да ја забранат и да ја укинат расната дискриминација во сите нејзини форми и да му гарантираат на секој право на еднаквост пред законот без разлика на расата, бојата или националното или етничкото потекло, особено во поглед на уживањето на следните права:
а) правото на еднаква постапка пред судовите и пред секој друг судски орган;
б) правото на безбедноста на лицата и на заштитата на државата од насилба и злоставување било од страна на владини службеници, било од секое лице, група или установа;
в) политичките права, особено правото на учество на избори, правото на глас и кандидатура - според системот на општото и еднаквото право на глас, правото на учествување во владата како и во управувањето со јавните работи, на сите нивоа, и правото на пристап, под еднакви услови, на јавните функции;
г) другите граѓански права, особено:
I) правото слободно да се движат и да одберат свое престојувалиште во една држава;
II) правото да ја напуштат секоја земја, подразбирајќи ја и својата и правото на враќање во својата земја;
III) правото на народност;
IV) правото на склучување брак и избор на брачниот другар;
V) правото на секое лице на сопственост, како поединци или во заедница;
VI) право на наследување;
VII) правото на слободата на мислењето, совеста и верата;
VIII) правото на слобода на мислењето и изразувањето;
IX) правото на слобода на мирољубив собир и здружување;
д) економските, социјалните и културните права, особено:
I) правото на работа, на слободен избор на работата, на правични и задоволителни услови на работата, на заштита во случај на безработност, на еднаква заработка за еднаква работа, на правична и задоволителна награда;
II) право на основање синдикати и за членување на нив;
III) правото на стан;
IV) правото на здравје, лекарска помош, социјално осигурување и на користење на социјалните служби;
V) правото на образование и на стручно оспособување;
VI) правото на учество, под еднакви услови, во културните активности;
ѓ) правото на пристап на сите места и служби, наменети на јавната употреба, како што се превоз, хотели, ресторани, кафеани, приредби и паркови.
Член 6
Државите членки ќе му обезбедат на секое лице под нивна јурисдикција фактичка заштита и право на жалба пред националните судови и пред другите државни надлежни органи против сите дела на расна дискриминација што, спротивно на оваа конвенција, би ги повредиле неговите индивидуални права и неговите основни слободи, како и право да бара од сите судови задоволување или праведен и соодветен надоместок за секоја штета што би можела да му ја стори таквата дискриминација.
Член 7
Државите членки се обврзуваат да преземат итни и ефикасни мерки, особено во областа на наставата, воспитувањето, културата и информациите со цел за борба против предрасудите што водат кон расна дискриминација и помагање на разбирањето, толеранцијата и пријателството помеѓу народите, расните или етничките групи, како и унапредување на целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации, Универзалната декларација за правата на човекот, Декларацијата на Обединетите нации за укинување на сите форми на расна дискриминација и оваа конвенција.
ВТОР ДЕЛ
Член 8
1. Установен е Комитет за укинување на расната дискриминација (во понатамошниот текст: Комитет) составен од осумнаесет стручњаци познати според своите високи морални квалитети и својата непристрасност, што помеѓу своите државјани ги избираат државите членки а кои заседаваат во лично својство, со тоа што се води сметка за праведната географска поделба и застапеноста на разни форми на цивилизација, како и на главните правни системи.
2. Членовите на Комитетот се избираат со тајно гласање според листата на кандидатите што ќе ја определат државите членки. Секоја држава членка може да определи кандидат што ќе го избере помеѓу своите државјани.
3. Првиот избор ќе се одржи шест месеци по влегувањето во сила на оваа конвенција. Три месеци пред секој избор, Генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации им доставува писмо на државите членки повикувајќи ги да поднесат свои кандидатури во рок од два месеца. Генералниот секретар составува список на сите така определени кандидати, по азбучен ред, со означување на државите членки што ги определиле и им го доставува на државите членки.
4. Членовите на Комитетот се избираат на состанокот на државите членки што го свикува Генералниот секретар во седиштето на Организацијата на обединетите нации. На тој состанок, на кој кворум сочинуваат две третини од државите членки, за членовите на Комитетот се избираат кандидатите што ќе добијат најголем број гласови и апсолутно мнозинство од претставниците на државите членки што се присутни и што гласаат.
5. а) Членовите на Комитетот се избираат на четири години. Меѓутоа, мандатот на девет членови избрани на првото гласање им истекува по две години; веднаш по првиот избор претседателот на Комитетот ги извлекува со ждрепка имињата на овие девет членови;
б) Заради пополнување на евентуално упразнети места, државата членка чиј стручњак престанал да ги врши своите функции на член на Комитетот именува друг стручњак помеѓу своите државјани, под резерва на одобрение од Комитетот.
6. Државите членки ги поднесуваат трошоците на членовите на Комитетот за периодот во кој ги вршат тие функциите во Комитетот.
Член 9
1. Државите членки се обврзуваат да му поднесат на Генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации заради разгледување од страна на Комитетот, извештај за законските, судските, административните или други мерки што ќе ги донесат а што им даваат дејство на одредбите од оваа Конвенција: а) во рок од една година сметајќи од влегувањто во сила на Конвенцијата за секоја заинтересирана држава во поглед на она што се однесува на неа и б) потоа, секои две години, а, освен тоа, секој пат кога ќе го побара тоа Комитетот. Комитетот може да побара дополнителни известувања од државите членки.
2. Комитетот му поднесува секоја година на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации, преку Генералниот секретар, извештај за својата работа и може да дава сугестии и препораки од општ карактер врз основа на разгледувањето на извештаите и известувањата добиени од државите членки. Тој го запознава Генералното собрание со овие сугестии и препораки од општ карактер, а во даден случај со забелешките од државите членки.
Член 10
1. Комитетот донесува свој внатрешен правилник.
2. Комитетот избира свој секретаријат за период од две години.
3. Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации ја врши должноста на секретар во Комитетот.
4. Комитетот ги одржува редовно своите состаноци во седиштето на Организацијата на Обединетите нации.
Член 11
1. Ако една од државите членки смета дека некоја друга држава што исто така е членка не ги применува одредбите од оваа конвенција, таа може да му обрне внимание на Комитетот на ова прашање. Комитетот ја известува за тоа заинтересираната држава членка. Во рок од три месеци заинтересираната држава му поднесува на Комитетот писмено објаснение или изјава со која го објаснува прашањето и во дадениот случај, ги назначува мерките што наведената држава би можела да ги преземе заради решавање на оваа ситуација.
2. Ако, во рок од шест месеци сметајќи од денот на приемот на оригиналното соопштение од страна на заинтересираната држава, не се реши прашањето на задоволителен начин за обете држави, по пат на двострани преговори или по пат на секоја друга постапка со која располагаат, и едната и другата држава имаат право повторно да му го поднесат на Комитетот упатувајќи му едно соопштение на Комитетот, а друго - на заинтересираната држава.
3. Комитетот може да биде надлежен за решавање на прашањето што му е поднесено согласно со точка 2 од овој член, само ако претходно се увери дека биле искористени и исцрпени сите расположиви правни средства на внатрешното право според општопризнаените принцпи на меѓународното право. Ова правило не се применува ако постапките по жалбите ги преминуваат разумните рокови.
4. За секое прашање што му е поднесено на решавање, Комитетот може да побара од државите членки да му ги дадат сите потребни дополнителни објасненија.
5. Кога Комитетот разгледува некое прашање согласно овој член, заинтересираните држави членки имаат право да определат претставник кој без право на глас ќе учествува во работата на Комитетот за целото време на расправата.
Член 12
1. а) Откако Комитетот ќе ги добие и подробно разгледа сите известувања што ги смета за потребни, претседателот именува една ад хок Комисија за помирување (во понатамошниот текст: комисијата) составена од пет лица при потполна и едногласна согласност од страните во спор; Комисијата им ги става своите добри услуги на располагање на заинтересираните држави, за да се постигне пријателско решение на прашањето засновано врз почитувањето на оваа Конвенција.
б) Ако државите членки во спор не постигнат спогодба за потполниот или делумниот состав на Комисијата во рок од три месеци, членовите на Комисијата што не добиле согласност од државите членки се избираат со тајно гласање помеѓу членовите на Комитетот со двотретинско мнозинство од членовите на Комитетот.
2. Членовите на Комисијата заседаваат во лично својство. Тие не мораат да бидат државјани на една од државите членки во спор ниту на државата што не е членка на оваа Конвенција.
3. Комисијата избира свој претседател и донесува свој внатрешен правилник.
4. Комисијата ги одржува своите редовни состаноци во седиштето на Организацијата на обединетите нации или на кое и да било друго соодветно место што го определува Комисијата.
5. Секретаријатот предвиден во точка 3 на членот 10 од оваа конвенција и дава исто така свои услуги на Комисијата секој пат кога некој спор помеѓу државите членки има за последица формирање на комисија.
6. Сите трошоци на членовите на Комисијата ги поднесуваат, исто така, државите членки во спор врз основа на пресметката на Генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации.
7. Во случај на потреба, Генералниот секретар е овластен да им ги исплати трошоците на членовите на Комисијата пред да ги надоместат државите членки во спор трошоците согласно точката 6 од овој член .
8. Известувањата што ќе ги добие и подробно разгледа Комитетот и се ставаат на располагање на Комисијата, која може да побара од заинтересираните држави да и достават секое соодветно дополнително известување.
Член 13
1. Откако ќе го разгледа прашањето во сите негови видови, Комисијата подготвува и му поднесува на претседателот на Комитетот извештај кој ги содржи нејзините заклучоци за сите фактички прашања во врска со спорот помеѓу страните со препораките што ги смета целесообразни за решавање на спорот на пријателски начин.
2. Претседателот на Комитетот и го доставува извештајот од Комисијата на секоја држава членка во спор. Овие држави го известуваат претседателот на Комитетот, во рок од три месеци, дали ги прифаќаат или не препораките што се содржани во извештајот на Комисијата.
3. По истекот на рокот предвиден во точката 2 на овој член, претседателот на Комитетот им го доставува извештајот на Комисијата и изјавите од заинтересираните држави членки на другите држави членки на Конвенцијата.
Член 14
1. Секоја држава членка може да изјави во секој момент дека ја признава надлежноста на Комитетот да ги прима и разгледува соопштенијата на лица или на групи на лица под нејзина јурисдикција што се жалат дека се жртви на повреда од страна на таа држава членка во поглед на кое и да било право споменато во оваа конвенција. Комитетот не прима ниедно соопштение кое се однесува на држава членка што не дала ваква изјава.
2. Секоја држава членка што ќе даде изјава согласно со точката 1 од овој член може да формира или да определи орган, во рамките на својот национален правен поредок, што е надлежен да ги прима и разгледува претставките на лице или групи на лица под јурисдикција на оваа држава, што се жалат дека се жртви на повреда на кое и да било право споменато во оваа конвенција а што ги искористиле другите расположиви локални правни средства.
3. Заинтересираната држава членка ја упатува изјавата, дадена согласно со точка 1 од овој член, како и името на секој орган формиран или определен согласно со точката 2 од овој член до Генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации кој една нејзина копија им доставува на другите држави членки. Изјавата може да се повлече секој момент по пат на соопштение што му се упатува на Генералниот секретар, но ова повлекување не се однесува на соопштенијата што веќе му се поднесени на Комитетот.
4. Органот установен или определен согласно со точката 2 од овој член треба да води регистар на претставките, а заверените копии на регистарот се депонираат секоја година кај Генералниот секретар на соодветен начин, со тоа што содржината на овие копии не се објавува во јавноста.
5. Ако не добие согласност од органот што е установен или определен согласно со точката 2 од овој член, подносителот на претставката има право, во рок од шест месеци, за таа цел да се обрати до Комитетот.
6. а) Комитетот, на доверлив начин, со секое соопштение ја запознава државата членка што наводно повредила некоја одредба од Конвенцијата, но идентитетот на лице или на група на заинтересирани лица не може да се открие без изрично одобрение од тоа лице или од групата на лица. Комитетот не прима анономни соопштенија.
б) По три месеци, оваа држава му доставува по писмен пат на Комитетот објасненија или изјави што го разјаснуваат прашањето и ги означува, во дадениот случај, мерките што би можеле да се преземат за решавање на ситуацијата.
7. а) Комитетот ги разгледува сопштенијата водејќи сметка за сите известувања што му ги поднеле заинтересираната држава членка и подносителот на претставката. Комитетот не ги разгледува соопштенијата на подносителот на претставката додека не провери дали тој ги искористил сите внатрешни расположиви правни средства. Меѓутоа ова правило не се применува ако постапките по жалбите ги преминуваат разумните рокови.
б) Комитетот и упатува свои сугестии и евентуални препораки на заинтересираната држава членка и на подносителот на претставката.
8. Комитетот внесува во својот годишен извештај кратка содржина на овие соопштенија, а во дадениот случај, кратка содржина на објасненијата и изјавите на заинтересираните држави членки и на своите сопствени сугестии и препораки.
9. Комитетот е надлежен да ги врши функциите предвидени во овој член само ако најмалку десет држави членки на Конвенцијата се врзани со изјавите што се дадени согласно со точката 1 од овој член.
Член 15
1. Во очекување на остварувањето на целите на Декларацијата за давање независност на колонијалните земји и народи, содржана во Резолуцијата 1514 ( XV ) на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации од 14 декември 1960 година, одредбите од оваа конвенција во ништо не го ограничуваат правото на претставка што на овие народи им го даваат другите меѓународни инструменти или Организацијата на обединетите нации или нејзините специјализирани установи.
2.а) Комитетот, установен согласно со точката 1 од членот 8 на оваа конвенција ја прима копијата на претставките што доаѓаат од органите на Организацијата на обединетите нации а кои се занимаваат со прашањата во непосредна врска со принципите и целите на оваа конвенција, го изразува мислењето и дава препораки во врска со примените претставки при разгледувањето на претставките на жителите на териториите под старателство или на неавтономните територии или на секоја друга територија врз која се применува Резолуцијата 1514 ( XV ) на Генералното собрание во врска со прашањата споменати во оваа конвенција а што им се поднесени на решавање на овие органи.
б) Комитетот ја прима од надлежните органи на Организацијата на обединетите нации копијата на извештаите за законските, судските, административните или други мерки во непосредна врска со принципите и целите на оваа конвенција што административните сили ги примениле на териториите споменати во ставот а) на оваа точка, и изразува мислење и им дава препораки на овие органи.
3. Комитетот во своите извештаи до Генералното собрание вклучува краток преглед на претставките и извештаите што ги примил од органите на Организацијата на обединетите нации, како и свои мислења и препораки по прашањата на овие претставки и извештаи.
4. Комитетот упатува молба до Генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации да му ги достави сите податоци што се однесуваат на целите на оваа конвенција со кои располага по прашањето на териториите споменати во ставот а) точка 2 на овој член.
Член 16
Одредбата од оваа Конвенција, во врска со мерките што треба да се преземат заради решавање на некој спор или некоја жалба, се применуваат без штета во другите постапки за решавање на споровите или жалбите по прашањето на дискриминацијата предвидена во основните инструменти на Организацијата на обединетите нации и нејзините специјализирани установи или во конвенциите што ги усвоиле овие организации и не ги спречуваат државите членки да применат други постапки за решавање на некој спор согласно со општите или посебните меѓународни спогодби што ги врзуваат.
ТРЕТ ДЕЛ
Член 17
1. Оваа конвенција е отворена за потпишување на секоја држава членка на Организацијата на Обединетите нации или на член на која и да било нејзина специјализирана установа, на секоја држава членка на Статутот на Меѓународниот суд на правдата, како и на секоја друга држава што Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации ќе ја повика да стане членка на Конвенцијата.
2. Оваа конвенција подлежи на ратификација, а ратификационите инструменти се депонираат кај Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации.
Член 18
1. Кон оваа Конвенција може да пристапи секоја држава спомената во точката 1 од членот 17 на Конвенцијата.
2. Пристапувањето се врши со депонирање на инструментот за пристапување кај Генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации.
Член 19
1. Оваа конвенција влегува во сила триесеттиот ден од денот на депонирањето кај Генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации на дваесет и седмиот ратификационен инструмент или на инструментот за пристапување.
2. За секоја држава што ќе ја ратификува оваа Конвенција или што ќе и пристапи по депонирањето на дваесет и седмиот ратификационен инструмент или на инструментот за пристапување, оваа Конвенција влегува во сила триесетиот ден од денот на депонирањето од страна на оваа држава на ратификациониот инструмент или на инструментот за пристапување.
Член 20
1. Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации ќе го прими текстот со резервите што ќе бидат ставени во моментот на ратификувањето или пристапувањето и ќе им го соопшти на сите држави што се членки на оваа конвенција или можат да станат членки. Секоја држава што ќе стави приговор на резервата ќе го извести Генералниот секретар, во рок од деведесет дена сметајќи од денот на ова соопштение, дека не ја прифаќа оваа резерва.
2. Никаква резерва што била несогласна со предметот и со целта на оваа конвенција не може да биде одобрена како ниту онаа резерва што би имала за резултат да ја парализира работата на кој и да било орган што го установила Конвенцијата. Се смета дека резерва им припаѓа на напред наведените категории ако најмалку две третини од државите членки на Конвенцијата стават приговор.
3. Резервите можат да се повлечат во секој момент по пат на соопштение упатено до Генералниот секретар. Соопштението влегува во сила од денот на неговиот прием.
Член 21
Секоја држава членка може да ја откаже оваа конвенција по пат на соопштение упатено до Генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации. Отказот влегува во сила по истекот на периодот од една година, сметајќи од денот кога Генералниот секретар го примил ова соопштение.
Член 22
Секој спор помеѓу две или повеќе држави членки во врска со толкувањето или примената на оваа Конвенција, што не ќе се реши по пат на преговор или по постапката изречно предвидена со оваа Конвенција се изнесува, на барање од која и да било од страните во спор, пред Меѓународниот суд на правдата за да решава тој за него, освен ако страните во спор не се договорат за некој друг начин на решавање.
Член 23
1. Секоја држава членка може да упати во секој момент барање за ревизија на оваа конвенција по пат на писмено соопштение упатено до Генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации.
2. Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации, решава, во дадениот случај, за мерките што треба да се преземат во врска со ова барање.
Член 24
Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации ги известува сите држави наведени во точка 1 на членот 17 од оваа Конвенција за:
а) потписите ставени на оваа конвенција и за ратификационите инструменти и за инструментите за пристапување депонирани согласно со членовите 17 и 18;
б) датумот на влегувањето во сила на оваа конвенција согласно со член 19;
в) соопштенијата и изјавите примени согласно со членовите 14, 20 и 23;
г) отказите соопштени согласно со членот 21.
Член 25
1. Оваа конвенција чиј англиски, кинески, шпански, француски и руски текст се подеднакво веродостојни, се депонира во архивата на Организацијата на Обединетите нации.
2. Генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации по една заверена копија од оваа Конвенција доставува до сите држави што и припаѓаат на која и да било категорија спомената во точката 1 од членот 17 на Конвенцијата.
Во потврда на ова долу потпишаните, прописно овластени од своите односни влади, ја потпишаа оваа конвенција што беше отворена за потпишување во Њујорк на 7 март 1966 година