Оценувајќи дека развојот на толерантна и просперитетна Европа не зависи само од соработката меѓу државите, туку бара и прекугранична соработка меѓу локалните и регионалните власти при почитување на Уставот и територијалниот интегригет на секоја држава;
Имајќи ги предвид обврските за заштита на националните малцинства содржани во конвенциите и декларациите на Обединетите Нации, како и во документите на Конференцијата за европска безбедност и соработка, посебно документот од Копенхаген од 29 јуни 1990;
Решени да го дефинираат принципите што треба да се почитуваат и обврските што произлегуваат од тие принципи со цел, во рамките на државите членки и на другите држави кои ќе се приклучат кон овој инструмент, да се обезбеди ефикасна заштита на националните малцинства и на правата и слободите на припадниците на тие малцинства со почитување на владеењето на правото, територијалниот интегритет и националниот суверенитет;
Одлучи да ги спроведуваат принципите наведени во оваа Рамковна конвенција низ национални закони и соодветна политика на владите,
Се согласија за следното:
ДЕЛ ПРВИ
Член 1
Заштитата на националните малцинства и на правата и слободите на припадниците на тие малцинства е интегрален дел на меѓународната заштита на човековите права и, како таква, претставува област на меѓународната соработка.
Член 2
Одредбите на оваа Рамковна конвенција ќе бидат совесно применувани, во дух на разбирање и толеранција, како и со почитување на принципите на добрососедство, пријателски односи и соработка меѓу државите.
Член 3
1. Секој припадник на национално малцинство има право слободно да избере да биде или да не биде третиран како таков, а никаква штета не смее да произлезе од таквиот избор или од вршењето на правата поврзани со тој избор.
2. Припадниците на националните малцинства можат поединечно и заедно со други да ги вршат правата и слободите што произлегуваат од принципите наведени во оваа Рамковна конвенција.
ДЕЛ ВТОРИ
Член 4
1. Страните се обврзуваат да му го гарантираат на секој припадник на национално малцинство правото на еднаквост пред законот и на еднаква законска заштита. Во тој поглед, се забранува секаква дискриминација заснована врз припадноста кон национално малцинство.
2. Странките се обврзуваат, доколку е потребно, да донесат соодветни мерки за унапредување, во сите области на економскиот, општествениот, политичкиот и културниот живот, на целосна и ефикасна еднаквост меѓу припадниците на националното малцинство и припадниците на мнозинството. Во тој поглед, тие ќе водат сметка за специфичните услови на припадниците на националните малцинства.
3. Мерките прифатени согласно став 2 не се сметаат за акт на дискриминација.
Член 5
1. Страните се обврзуваат да ги унапредуваат условите за да им овозможат на припадниците на националните малцинства да ја сочуваат и развиваат својата култура, како и да ги сочуваат суштинскитие елементи на нивниот идентитет - нивната вера, нивниот јазик, нивните традиции и нивното културно наследство.
2. Не навлегувајќи во мерките што се преземаат за спроведување на нивната општа политика за интеграција, Страните се воздржуваат од секаква политика или практика чија цел е асимилација на припадниците на националните малцинства против нивната волја и ќе ги штитат тие припадници од секаква акција чија цел е таквата асимилација.
Член 6
1. Страните ќе го поттикнуваат духот на толеранција и меѓукултурен дијалог, а ќе преземаат и ефикасни мерки за унапредување на заемното почитување и разбирање и соработката меѓу сите лица кои живаеат на нивната територија, без оглед на нивниот етнички, културен, јазичен или верски идентитет, посебно во областа на образованието, културата и медиумите.
2. Страните се обврзуваат да преземат соодветни мерки за заштита на лицата кои би можеле да бидат жртви на закани или акти на дискриминација, непријателство или насилство поради нивниот етнички, културен, јазичен или верски идентитет.
Член 7
Страните ќе му го обезбедат на секој припадник на национално малцинство почитувањето на правото на слобода на мирно собирање, на слобода на здружување, слобода на изразување и слобода на мисла, совест и вера.
Член 8
Страните се обврзуваат да му го признаат на секој припадник на национално малцинство правото на изразување на неговата вера или убедување, како и правото на формирање на верски институции, организации и здруженија.
Член 9
1. Страните се обврзуваат да признаат дека правото на слобода на изразување на секој припадник на национално малцинство ја вклучува слободата на мислење и примање или давање информации или идеи на малцински јазик, без мешање на јавните власти и без оглед на границите. Во пристапот до медиумите, Страните, во рамките на нивниот правен систем, ќе обезбедат, припадниците на националното малцинство да не бидат дискриминирани.
2. Првиот став не ги спречува Страните да ги подведат под режим на дозвола, што не е дискриминаторски и што се засновува врз објективни критериуми, претпријатијата за радио, телевизија и филм.
3. Страните нема да го попречуваат формирањето и користењето на пишаните медиуми од страна на припадниците на националните малцинства. Во законските рамки за радиото и телевизијата, тие, во рамките на можното и имајќи ги предвид одредбите од првиот став, ќе им овозможат на припадниците на националните малцинства да формираат и користат нивни сопствени медиуми.
4. Во рамките на нивниот правен систем, Страните ќе донесат содоветни мерки за олеснување на пристапот на припадниците на националните малцинства до медиумите, заради унапредување на толеранцијата и овозможување на културен плурализам.
Член 10
1. Страните се обврзуваат да му го признаат на секој припадник на националното малцинство правото на слободна и непречена употреба на неговиот малцински јазик дома и на јавни места, усно и во пишана форма.
2. Во подрачја населени со припадници на националните малцинства по традиција или во значителен број, доколку таквите припадници тоа го побараат и доколку таквото барање одговара на реалната потреба, Страните ќе вложуваат напори, во рамките на можното, да обезбедат услови за користење на малцинскиот јазик во односите меѓу тие припадници и административните власти.
3. Страните се обврзуваат да му го гарантираат правото на секој припадник на национално малцинство да биде информиран, во најкус можен рок, и на јазик што го разбира, за причините на неговото апсење, видот и причината за обвинението подигнато против него, како и правото да се брани на тој јазик, ако е потребно со бесплатна помош на преведувач.
Член 11
1. Страните се обврзуваат да му го признаат на секој припадник на национално малцинство правото да го користи своето презиме (семејно име) и своите имиња на малцинскиот јазик, како и правото на нивното официјално признавање, според модалитетите предвидени во нивниот правен систем.
2. Страните се обврзуваат да му го признаат на секој припадник на национално малцинство правото, на својот малцински јазик да презентира натписи, знаци и други иннформации од приватен карактер видливи за јавноста.
3. Во подрачјата традиционално населени со значителен број припадници на националните малцинства, Страните, во рамките на нивниот правен систем, вклучувајќи ги, доколку соодветствува, и спогодбите со други држави, ќе вложуваат напори, водејќи сметка за нивните специфични услови, да ги презентираат локалните традиционални називи, имињата на улиците и другите топографски ознаки наменети на јавноста, и на малцинскиот јазик, доколку постои доволно барање за такви ознаки.
Член 12
1. Страните ќе преземат, доколку е потребно, мерки во образованието и истражувањата, за унапредување на сознанијата за културата, историјата, јазикот и верата на нивните национални малцинства како и на мнозинството.
2. Во овој контекст, Страните, меѓу другото, ќе понудат соодветни можности за образование на наставници и пристап до учебниците, а ќе ги олеснат контактите меѓу учениците и наставниците од различните заедници.
3. Страните се обврзуваат да ја унапредуваат еднаквоста на можностите во пристапот до образованието во сите степени за припадниците на националните малцинства.
Член 13
1. Во рамките на нивниот образовен систем, Страните им го признаваат на припадниците на националните малцинства правото на формирање и управување со нивните сопствени приватни установи за образование и обука.
2. Вршењето на ова право не подразбира никаква финансиска обврска за Страните.
Член 14
1. Страните се обврзуваат да му го признаат на секој припадник на националното малцинство правото да го изучува својот малцински јазик.
2. Во подрачјата населени со припадници на националните малцинства по традиција или во значителен број, доколку постои доволно големо барање, Страните ќе вложуваат напори да обезбедат, во рамките на можното и во рамките на нивниот образовен систем, на припадниците на тие малцинства да им се овозможи да го изучуваат малцинскиот јазик или да посетуваат настава на тој јазик.
3. Ставот 2 од овој член ќе се применува без оглед на изучувањето на официјалниот јазик или наставата на тој јазик.
Член 15
Страните се обврзуваат да создадат услови потребни за ефикасно учество на припадниците на националните малцинства во културниот, општествениот и економскиот живот, како и во јавните работи, посебно во оние што ги засегаат.
Член 16
Страните се воздржуваат од мерки кои, ја менуваат застапеноста на населението во подрачја во кои живеат припадници на националните малцинства, и имаат за цел да ги ограничат правата и слободите што произлегуваат од принципите наведени во оваа Рамковна конвенција.
Член 17
1. Страните се обврзуваат да не го попречуваат правото на припадниците на националните малцинства слободно и мирољубиво да одржуваат контакти со лица од другата страна на границите кои законски се наоѓаат во други држави, посебно оние со кои тие имаат заеднички етнички, културен, јазичен или верски идентетитет, или заедничко културно наследство.
2. Страните се обврзуваат да не го попречуваат правото на припадниците на националните малцинства да учествуваат во работата на невладини организации, како на национален, така и на меѓународен план.
Член 18
1. Страните ќе вложуваат напори, доколку е потребно за склучување на билатерални и мултилатерални спогодби со други држави, посебно со соседните држави, заради обезбедување на заштитата на припадниците на соодветните национални малцинства.
2. Доколку е потребно, Страните ќе преземаат мерки за поттикнување на прекуграничната соработка.
Член 19
Страните се обврзуваат да ги почитуваат и спроведуваат принципите содржани во оваа Рамковна конвенција внесувајќи ги, доколку е потребно, само ограничувањата, рестрикциите или укинувањата предвидени во меѓународните правни инструменти, посебно во Конвенцијата за заштита на правата на човекот и основните слободи и нејзините Протоколи, ако тие се однесуваат на правата и слободите што произлегуваат од споменатите принципи.
ДЕЛ ТРЕТИ
Член 20
Во вршењето на правата и слободите што произлегуваат од принципите наведени во оваа Рамковна конвенција, припадниците на националните малцинства ги почитуваат националното законодавство и правата на другите, посебно правата на припадниците на мнозинството или на другите национални малцинства.
Член 21
Ништо во оваа Рамковна конвенција нема да биде толкувано како да дава право да се презема активност или да се постапува спротивно на основните принципи на меѓународното право и посебно на суверената еднаквост, територијалниот интегритет и политичката независнот на државите.
Член 22
Ништо во оваа Рамковна конвенција нема да биде толкувано како да ги ограничува или укинува човековите права и основни слободи што се признати согласно законите на секоја Договорна страна или друга спогодба во која таа е потписничка.
Член 23
Правата и обврските што произлегуваат од принципите наведени во оваа Рамковна конвенција, во мерка во која се соодветни на Конвенцијата за заштита на правата на човекот и основните слободи и нејзините Протоколи, се подразбираат согласно со последните.
ДЕЛ ЧЕТВРТИ
Член 24
1. Комитетот на министрите на Советот на Европа е задолжен да го надгледува спроведувањето на оваа Рамковна конвенција од страна на Договорните страни.
2. Страните кои не се членки на Советот на Европа ќе учествуваат во механизмот на спроведување според модалитетите што треба да се утврдат.
Член 25
1. Во рок од една година од денот на стапувањето на сила на оваа Рамковна конвенција по однос на некоја Договорна страна, таа ќе му достави на Генералниот секретар на Советот на Европа целосни информации за законските и други мерки што ги презела заради остварување на принципите наведени во оваа Рамковна конвенција.
2. Подоцна, секоја Страна ќе му доставува на Генералниот секретар, повремено и секогаш кога тоа ќе го побара Комитетот на министрите, секаква друга информација во врска со спроведувањето на оваа Рамковна конвенција.
3. Генералниот секретар му ги пренесува на Комитетот на министрите сите информации добиени согласно одредбите од овој член.
Член 26
1. Кога ја проценува усогласеноста на мерките преземени од некоја Страна заради остварување на принципите наведени во оваа Рамковна конвенција, на Комитетот на министрите му помага советодавен комитет чиишто членови имаат призната компетентност во областа на заштитата на националните малцинства.
2. Составот на овој советодавен комитет, како и неговите процедурални правила, ги определува Комитетот на министрите во рок од една година од денот на стапувањето на сила на оваа Рамковна конвенција.
ДЕЛ ПЕТТИ
Член 27
Оваа Рамковна конвенција е отворена за потпишување за државите членки на Советот на Европа. До датумот на нејзиното стапување на сила, таа исто така е отворена за потпишување за секоја друга држава што Комитетот на министрите ќе ја покани да ја потпише. Таа ќе биде доставена на ратификација, прифаќање или одобрување. Инструментите за ратификација, прифаќање или одобрување ќе бидат депонирани кај Генералниот секретар на Советот на Европа.
Член 28
1. Оваа Рамковна конвенција ќе стапи на сила првиот ден од месецот по истекот на периодот од три мееца од денот на кој дванаесет држави членки на Советот на Европа ќе ја прифатат Рамковната конвенција согласно одредбите од членот 27.
2. За секоја држава членка која подоцна ќе ја прифати Рамковната конвенција, таа ќе стапи на сила првиот ден од месецот по истекот на период од три месеца од денот на депонирањето на инструментот за ратификација, прифаќање или одобрување.
Член 29
1. По стапувањето на сила на оваа Рамковна конвенција и по консултациите со Договорните држави, Комитетот на министрите на Советот на Европа ќе може, со одлука донесена со мнозинство гласови предвидена во членот 20.г од Статутот на Советот на Европа, да ја покани секоја друга држава што не е членка на Советот на Европа да ја потпише оваа Рамковна конвенција согласно одредбите од членот 27, доколку поканета да ја потпише, таа тоа се уште не го сторила, како и секоја друга држава не членка.
2. За секоја држава што и пристапила, Рамковна конвенција ќе стапи на сила првиот ден од месецот по истекот на период од три месеца сметано од денот на депонирањето на инструментот за пристапување кај Генералниот секретар на Советот на Европа.
Член 30
1. Секоја држава, во моментот на потпишувањето или во моментот на депонирањето на својот инструмент за ратификација, прифаќање, одобрување или пристапување, може да ги наведе територијата или териториите за кои ги обезбедува меѓународните односи на кои ќе се применува оваа Рамковна конвенција.
2. Секоја држава, во секој момент потоа, со изјава упатена до Генералниот секретар на Советот на Европа, може да ја прошири примената на оваа Рамковна конвенција на секоја друга територија наведена во изјавата. Рамковната конвенција ќе стапи на сила по однос на таа територија првиот ден од месецот по истекот на период од три месеца од денот на кој Генералниот секретар ја примил изјавата.
3. Секоја изјава дадена врз основа на двата претходни става ќе може да биде повлечена, по однос на секоја територија наведена во таа изјава, со нотификација доставена до Генералниот секретар. Повлекувањето ќе стапи на сила првиот ден од месецот по истекот на период од три месеци од денот на кој Генералниот секретар ја примил нотификацијата.
Член 31
1. Секоја Страна, во секој момент, може да се откаже од оваа Рамковна конвенција доставувајќи му за тоа нотифкација на Генералниот секретар на Советот на Европа.
2. Откажувањето ќе стапи на сила првиот ден од месецот по истекот на период од 6 месеци од денот на кој Генералниот секретар ја примил нотификацијата.
Член 32
Генералниот секретар на Советот на Европа ќе ги извести државите членки на Советот, другите држави потписнички и секоја држава која и пристапила на оваа Рамковна конвенција за:
а) секое потпишување;
б) депонирање на секој инструмент за ратификација, прифаќање, одобрување или пристапување;
в) секој датум за стапување на сила на оваа Рамковна конвенција согласно нејзините членови 28, 29 и 30;
г) секој друг акт, нотификација или соопштение во врска со оваа Рамковна конвенција.
Врз основа на што, долупотпишаните, прописно овластени за таа цел, ја потпишаа оваа Рамковна конвенција.
Во Стразбур, 1 февруари 1995, на француски и англиски јазик, со тоа што обата текста се еднакво веродостојни, во еден единствен примерок што ќе биде депониран во архивите на Советот на Европа. Генералниот секретар на Советот на Европа ќе и достави заверена копија на секоја од државите членки на Советот на Европа и на секоја држава поканета да ја потпише или да и пристапи на оваа Рамковна конвенција.
|