а) сите лица што учествуваат во постапките пред судот во својство на странки, нивни застапници и советници;
б) сведоци, вештаци и други лица повикани од Судот и други лица поканети од Претседателот на Судот да учествуваат во постапките.
2. За потребите на оваа Спогодба, терминот “Суд” ги опфаќа и одборите, судските совети, група судии на Големиот судски совет, Големиот судски совет и судиите. Терминот “учество во постапката” се однесува на комуникациите во врска со жалба поднесена против држава договорна страна на Конвенцијата.
3. Доколку, при вршењето од страна на Комитетот на Министрите на функциите од член 46 став 2 од Конвенцијата, било кое од лицата споменати во ставот 1 погоре е повикано да се јави пред, или да поднесе писмени изјави до Комитетот на Министрите, одредбите од оваа Спогодба ќе се применуваат и на тоа лице.
Член 2
1. Лицата од став 1 на член 1 од оваа Спогодба уживаат имунитет од судска постапка во поглед на усмени или писмени изјави, документи или други докази дадени пред, односно поднесени до Судот.
2. Имунитетот не се однесува на доставувањето, надвор од Судот, на таквите изјави, документи или докази до Судот.
Член 3
1. Договорните Страни го почитуваат правото на лицата од став 1 на член 1 од оваа Спогодба слободно да кореспондираат со Судот.
2. Во поглед на лицата лишени од слобода, остварувањето на ова право особено ќе подразбира:
а) нивната кореспонденција да се испраќа и врачува без непотребно задоцнување и без да се вршат измени;
б) на овие лица не можат да им се изречат дисциплински мерки од било кој вид поради било какво соопштение упатено по редовен пат до Судот;
в) овие лица имаат право да се допишуваат и да се советуваат без присуство на други лица со адвокат кој е овластен да ги застапува пред судовите на земјата во која се лишени од слобода, а во врска со жалба поднесена до Судот, или постапка што резултирала од таквата жалба.
3. Во примената на претходните ставови не смее да има мешање од стана на јавните власти, освен ако тоа е во согласност со закон и е неопходно во едно демократско општество во интерес на националната безбедност, за откривање и гонење на кривични дела или за заштита на здравјето.
Член 4
1.а) Договорните Страни се обврзуваат да не го попречуваат слободното движење и патување на лицата од став 1 на член 1 од оваа Спогодба, заради присуство и враќање од постапките пред Судот.
б) Нивното движење и патување може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои се неопходни во едно демократското општество во интерес на националната безбедност, јавната сигурност, за одржување на јавниот ред, спречување на кривични дела, заштита на здравјето или моралот, или заштита на правата и слободите на другите.
2. а) Овие лица, во земјите на транзит или во земјата во која се води постапката, не можат да бидат кривично гонети, лишени од слобода или подложени на било какви други ограничувања на нивната лична слобода во поглед на дејствија или осуди настанати пред почетокот на нивното патување.
б) Секоја договорна страна во моментот на потпишување, ратификација, прифаќање или одобрување на оваа Спогодба може да изјави дека одредбите од овој став нема да се применуваат на нејзините државјани. Ваквата изјава може да се повлече во секое време по пат на официјално известување упатено до Генералниот секретар на Советот на Европа.
3. Договорните Страни се обврзуваат по враќањето повторно да го примат на својата територија секое лице кое го започнало патувањето на споменатата територија.
4. Одредбите од став 1 и 2 на овој член престануваат да важат кога заинтересираното лице во период од 15 последователни денови од денот кога престанала потребата за негово присуство пред Судот, имало можност да се врати во земјата од која започнало неговото патување.
5. Во случај на судир на обврските кои за договорната страна произлегуваат од став 2 на овој член со оние од Конвенцијата на Советот на Европа за екстрадиција или од договор за екстрадиција или договор за меѓусебна правна помош во кривични работи склучен со други договорни страни, ќе се применуваат одредбите од став 2 на овој член.
Член 5
1. Имунитетите и олеснувањата на лицата од став 1 на член 1 од оваа Спогодба им се признаваат исклучиво со цел да им се овозможи слобода на говорот и потребната независност за вршење на нивните функции, задачи и обврски, или за остварување на нивните права во однос на Судот.
2. а) Судот е надлежен да го одземе во целост или делумно имунитетот предвиден во став 1 на член 2 од оваа Спогодба; тој има не само право, туку и должност да го одземе имунитетот во секој случај кога според негово мислење ваквиот имунитет би можел да го попречи текот на правдата, а целосното или делумното одземање не би било на штета на целите утврдени со став 1 на овој член.
б) Судот може да го одземе имунитетот по службена должност или по барање на било која договорна страна или заинтересирано лице.
в) Одлуките за одземање на имунитетот како и одлуките со кои се одбива барањето за одземање на имунитетот мора да содржат образложение за причините.
3. Ако договорната страна потврди дека одземањето на имунитетот предвидено во став 1 на член 2 од оваа Спогодба е потребно за водење на постапка за кривично дело против националната безбедност, Судот ќе го одземе имунитетот во оној обем утврден во потврдата.
4. Во случај на откривање на факт кој по својата природа би можел да има решавачко влијание, а кој во моменот на донесување на одлуката со која било одбиено барањето за одземање на имунитетот му бил непознат на подносителот на барањето, тој може да поднесе ново барање до Судот.
Член 6
Ниту една одредба од оваа Спогодба не може да се толкува на начин што би значел ограничување или укинување на обврските преземени од договорната страна според Конвенцијата или нејзините протоколи.
Член 7
1. Оваа Спогодба е отворена за потпишување од страна на државите членки на Советот на Европа кои можат да ја изразат својата согласност да бидат обврзани со неа по пат на:
а) потпишување без резерва во поглед на ратификација, прифаќање или одобрување; или
б) потпишување кое подлежи на ратификација, прифаќање или одобрување, проследено со ратификација, прифаќање или одобрување.
2. Инструментите за ратификација, прифаќање или одобрување се депонираат кај Генералниот секретар на Советот на Европа.
Член 8
1. Оваа Спогодба стапува во сила првиот ден од месецот по истекот на период од еден месец по датумот на кој десет држави членки на Советот на Европа ја изразиле својата согласност да бидат обврзани со Спогодбата во согласност со одредбите на член 7, или на датумот на стапување во сила на Протоколот бр. 11 на Конвенцијата, без оглед кој од овие датуми е подоцнежен.
2. Во однос на секоја држава членка која подоцна ќе ја изрази својата согласност да биде обврзана со неа, оваа Спогодба ќе стапи во сила првиот ден од месецот по истекот на период од еден месец по датумот на потпишувањето или депонирање на инструменот за ратификација, прифаќање или одобрување.
Член 9
1. Секоја договорна страна може, во моментот на депонирањето на инструментот за ратификација, прифаќање или одобрување или било кој подоцнежен датум, со изјава упатена до Генералниот секретар на Советот на Европа, да ја прошири оваа Спогодба на било која друга територија односно територии определени со таа изјава, за чии меѓународни односи таа е одговорна или во чие име таа е овластена да презема обврски.
2. Во однос на територијата односно териториите определени во изјавата дадена во согласност со став 1, оваа Спогодба стапува во сила првиот ден од месецот по истекот на еден месец по датумот на приемот на изјавата од страна на Генералниот секретар.
3. Секоја изјава дадена согласно став 1, може во однос на териториите наведени во неа, да биде повлечена во согласност со постапката за откажување пропишана во член 10 од оваа Спогодба.
Член 10
1. Оваа спогодба останува во сила неограничено.
2. Секоја договорна страна може, доколку е засегната, да се откаже од оваа Спогодба по пат на официјално известување упатено до Генералниот секретар на Советот на Европа.
3. Ова откажување стапува во сила шест месеци по датумот на приемот на известувањето од страна на Генералниот секретар на Советот на Европа. Ваквото откажување не ги ослободува договорните Страни од било каква обврска што произлегла од оваа Спогодба во однос на било кое лице од став 1 на член 1.
Член 11
Генералниот секретар на Советот на Европа ги известува државите членки на Советот на Европа за:
а) секое потпишување;
б) секое депонирање на инструмент за ратификација, прифаќање или одобрување;
в) секој датум на влегување во сила на оваа Спогодба во согласност со член 8 и 9 од неа;
г) секој друг акт, известување или комуникација во врска со оваа Спогодба;
Во потврда на тоа, долупотпишаните, прописно овластени за таа цел ја потпишаа оваа Спогодба.
Составено во Стразбур на 5 март 1996 година, на англиски и француски јазик, од кои и двата текста се автентични, во еден примерок кој останува во архивите на Советот на Европа. Генералниот секретар на Советот на Европа ќе достави заверени копии на секоја држава потписничка.
|