Свесни за фактот дека заштитата и унапредувањето на малцинските или регионалните јазици во одделни земји и региони на Европа претставуваат значаен придонес кон изградбата на Европа заснована врз принципите на демократијата и културната разновидност во рамките на државниот суверенитет и територијалниот интегритет;
Имајќи ги предвид специфичните услови и историските традиции својствени на секој регион во земјите на Европа,
Се согласија за следното:
ДЕЛ ПРВ - Општи одредби
Член 1 - Значење на поимите
За целите на оваа Повелба:
а) под поимот “регионални или малцински јазици” се подразбираат јазиците
и) кои на територијата на една држава традиционално ги употребуваат државјани на таа држава кои претставуваат бројно помала група од останатиот дел на населението на државата; и
ии) кои се различни од официјалниот (официјалните) јазик (јазици) на таа држава; тој поим не ги вклучува ниту дијалектите на официјалниот (официјалните) јазик (јазици) на таа држава, ниту јазиците на мигрантите.
б) под “територија на која се употребува регионален или малцински јазик” се подразбира географска област во која тој јазик е средство за изразување на определен број лица кој го оправдува донесувањето на одделни мерки на заштита и унапредување предвидени со оваа Повелба;
в) под “јазици без територија” се подразбираат јазиците со кои се служат државјаните на државата, а кои се различни од јазикот (јазиците) на кој (на кои) говори останатиот дел од населението на државата, но кои, и покрај тоа што се во традиционална употреба на територијата на државата, не можат да се однесуваат на некоја посебна нејзина географска област.
Член 2 - Обврски
1. Секоја Страна се обврзува да ги применува одредбите од делот II на сите регионални или малцински јазици на коишто се говори на нејзината територија и кои одговараат на дефинициите од членот 1.
2. Што се однесува на секој јазик наведен во моментот на ратификацијата, прифаќањето или одобрувањето, согласно со членот 3, секоја Страна се обврзува дека ќе применува најмалку триесет и пет ставови или алинеи избрани меѓу одредбите од делот III на оваа Повелба, од кои најмалку три од секој од членовите 8 и 12 и една од секој од членовите 9, 10, 11 и 13.
Член 3 - Модалитети
1. Секоја држава договорничка, во своите инструменти за ратификација, прифаќање или одобрување, е должна да го наведе секој регионален или малцински јазик или секој официјален помалку распространет јазик на целокупната или на дел од својата територија, на кој се применуваат ставовите избрани согласно став 2 на членот 2.
2. Секоја Страна, во секој момент потоа, може да го извести Генералниот секретар дека ги прифаќа обврските што произлегуваат од одредбите на секој друг став од оваа Повелба, што не се внесени во нејзините инструменти за ратификација, прифаќање или одобрување, или дека ќе го применува ставот 1 од овој член на другите регионални или малцински јазици, или на други помалку распространети официјални јазици на целокупната или на дел од нејзината територија.
3. Обврските наведени во предходниот став ќе се сметаат за составен дел на ратификацијата, прифаќањето или одобрувањето и ќе го имаат истото дејство почнувајќи од денот на нивната нотификација.
Член 4 - Постоен систем на заштита
1. Ниту една одредба од оваа Повелба не може да се толкува како да ги ограничува или укинува правата што ги гарантира Европската конвенција за човекови права.
2. Одредбите на оваа Повелба не засегаат во кои и да е поповолни одредби со кои се регулира положбата на регионалните или малцинските јазици или правниот статус на припадниците на малцинствата кои веќе постојат во Страната или се наведени во релевантните меѓународни двострани или повеќестрани спогодби.
Член 5 - Постојни обврски
Ништо во оваа Повелба не може да се толкува како право да се презема било каква активност или да се спроведува било каква акција којашто е спротивна на целите на Повелбата на Обединетите нации или на други обврски од меѓународното право, подразбирајќи го и принципот на суверенитет и територијален интегритет на државите.
Член 6 - Информирање
Страните се обврзуваат да ги информираат заинтересираните власти, организации и лица за правата и обврските наведени во оваа Повелба.
ДЕЛ ВТОРИ - Цели и принципичие остварување е во согласност со став 1 од членот 2
Член 7 - Цели и принципи
1. Во однос на регионалните или малцинските јазици, на териториите на кои се говорат и според ситуацијата на секој јазик, Страните ги темелат својата политика, своето законодавство и својата практика врз следните цели и принципи:
а) признавањето на регионалните или малцинските јазици како израз на културното богатство;
б) усогласување со географскиот простор на секој регионален или малцински јазик, но на начин кој овозможува постојните или новите административни поделби да не претставуваат пречка за унапредувањето и развојот на таквиот регионален или малцински јазик;
в) потребата од одлучна акција за развој на регионалните или малцинските јазици со цел тие да се сочуваат;
г) олеснувањето и/или поттикнувањето на усменото и писменото користење на регионалните или малцинските јазици во јавниот и приватниот живот;
д) оддржувањето и развојот на односите меѓу областите што ги покрива оваа Повелба, меѓу групите коишто се служат со определен регионален или малцински јазик и другите групи на истата држава кои говорат на јазик користен во идентичен или сличен вид, како и воспоставување на културни врски со други групи на државата кои говорат на други јазици;
ѓ) ставањето на располагање на соодветни начини и средства за образование и изучување на регионални или малцински јазици во сите степени;
е) ставањето на располагање на средства што ќе им овозможат на оние кои не го познаваат регионалниот или малцинскиот јазик, а живеат во област во која тој јазик е во употреба, да го изучуваат, доколку тоа е нивна желба;
ж) унапредување на проучувањата и истражувањата на регионалните или малцинските јазици на универзитетите и соодветните установи;
з) унапредување на соодветни начини за транснационална размена во областите опфатени со оваа Повелба во врска со регионалните или малцинските јазици коишто се користат на идентичен или сличен начин во две или повеќе држави.
2. Страните се обврзуваат, доколку тоа се уште не го сториле, да елиминираат секаков вид неоправдано исклучување, ограничување или давање предност во врска со употребата на еден регионален или малцински јазик чија цел е да се спречи сочувувањето или да се доведе во опасност неговиот развој. Донесувањето на посебни мерки во корист на заштитата на регионалните или малцинските јазици со кои се унапредува рамноправноста меѓу корисниците на тие јазици и другиот дел од населението, а чија цел е грижа за нивната посебна положба, не се смета за акт на дискриминација против корисниците на пошироко распространетите јазици.
3. Страните се обврзуваат, со соодветни мерки, да го поттикнуваат меѓусебното разбирање на сите јазични групи во земјата, со тоа што почитувањето, разбирањето и толеранцијата по однос на регионалните или малцинските јазици ќе ги наведат меѓу целите на воспитанието и образованието што се спроведуваат во нивната земја, како и да ги поттикнуваат средствата за масовна комуникација да ја остваруваат истата цел.
4. Определувајќи ја својата политика по однос на регионалните или малцинските јазици, Страните се обврзуваат да ги земат предвид желбите и потребите на групите кои говорат на споменатите јазици. Тие се поттикнувани, доколку се укаже потреба, да формираат тела со задача да им даваат совети на надлежните власти за сите прашања во врска со регионалните или малцинските јазици.
5. Страните се обврзуваат, мутатис мутандис, да ги применуваат принципите наведени во ставовите од 1 до 4 на јазиците без територија. Сепак, во случајот со тие јазици, видот и обемот на мерките што треба да се преземат заради спроведување на оваа Повелба ќе бидат флексибилни, при што ќе се води сметка за потребите, желбите, традициите и карактеристиките на групите кои говорат на споменатите јазици.
ДЕЛ ТРЕТИ - Мерки во корист на употребата на регионалните или малцинските јазици во јавниот живот што треба да се донесат во согласност со преземените обврски врз основа на став 2 од членот 2
Член 8 - Образование
1. Во областа на образованието, Страните се обврзуваат, што се однесува на територијата на која се користат споменатите јазици, а според ситуацијата на секој јазик и без штета за наставата на официјалниот (официјалните) јазик (јазици) на државата да:
а) I) предвидат можност за предучилишно воспитание на соодветните регионални или малцински јазици; или
II) предвидат можност суштинскиот дел на предучилишното воспитание да се изведува на односните регионални или малцински јазици; или
III) применуваат една од мерките наведени под и и ии барем на учениците чии семејства тоа го бараат и чијшто број се смета за доволен; или
IV) доколку јавните власти немаат директни надлежности во областа на предучилишното воспитание, да ја поттикнуваат и/или фаворизираат примената на мерките наведени под и до иии;
б) I) предвидат можност за основно образование на соодветните регионални или малцински јазици; или да
II) предвидат можност суштинскиот дел на основното образование да се изведува на соодветните регионални или малцински јазици; или да
III) предвидат, во рамките на основното образование, наставата на соодветните регионални или малцински јазици да биде составен дел на наставниот план и програма; или да
IV) применат една од мерките наведени под и до иии барем на учениците чии семејства тоа го сакаат и чијшто број се смета за доволен.
в) I) предвидат можност за средно образование на соодветните регионални или малцински јазици; или
II) предвидат можност суштинскиот дел на средното образование да се изведува на регионалните или малцински јазици; или
III) предвидат, во рамките на средното образование, наставата на соодветните регионални или малцински јазици да биде составен дел на наставниот план и програма; или да
IV) применат една од мерките наведени под и до иии барем на учениците кои тоа го бараат - или, во даден случај, чии семејства тоа го бараат - во број што се смета за доволен;
г) I) предвидат можност за техничко и стручно образование на соодветните регионални или малцински јазици; или
II) предвидат можност поголем дел од техничкото и стручно образование да се изведува на соодветните регионални или малцински јазици; или
III) предвидат, во рамките на техничкото и стручно образование, изучување на соодветните регионални или малцински јазици како составен дел на наставниот план и програма; или
IV) применат една од мерките наведени под и до иии барем на учениците кои тоа го бараат - или, во даден случај, чии семејства тоа го бараат - во број што се смета за доволен;
д) I) предвидат можност за универзитетско образование и други видови високо образование на регионални или малцински јазици; или
II) предвидат олеснувања за изучување на тие јазици, како дисциплина на универзитетското и високото образование; или
III) доколку, поради улогата на државата во врска со установите за високо образование, алинеите и и ии не можат да се применат, го поттикнуваат и дозволат универзитетското образование или другите видови високо образование на регионални или малцински јазици, и обезбедат средства коишто ќе овозможат изучување на тие јазици на универзитетот или во други установи за високо образование;
ѓ) I) преземаат мерки за организирање на курсеви за образование на возрасни или за перманентно образование предимно или целосно на регионални или малцински јазици; или
II) ги предложат тие јазици како дисциплини во образованието на возрасните и во перманентното образование; или
III) доколку државните органи немаат непосредна надлежност во областа на образованието на возрасните, го поттикнуваат и/или поддржуваат изучувањето на тие јазици во рамките на образованието на возрасните и на перманентното образование;
е) преземаат мерки за изучување на историјата и културата чиј израз е регионалниот или малцинскиот јазик;
ж) обезбедуваат почетно и перманентно образование на наставници потребни за реализација на она што е наведено во ставовите од а до е прифатено од Страната;
з) формираат еден или повеќе органи за контрола задолжени да ја следат примената на преземените мерки и напредокот остварен во установата или развојот во образованието на регионалните или малцинските јазици, како и за тие прашања да изготвуваат периодични извештаи кои ќе бидат објавени.
2. Во областа на образованието на териториите на кои регионалните или малцинските јазици традиционално не се во употреба, Страните се обврзуваат да дозволат, да поддржат или да овозможат, доколку тоа го оправдува бројот на корисниците на регионалниот или малцинскиот јазик, образование или изучување на регионалниот или малцинскиот јазик на сите соодветни нивоа на образованието.
Член 9 - Судска надлежност
1. Во однос на административните единици утврдени од судските власти во кои живеат толкав број лица кои говорат на регионален или малцински јазик кој ги оправдува долунаведените мерки, според ситуацијата на секој од тие јазици и под услов, користењето на можностите наведени во овој став судијата да не го смета како пречка за доброто функционирање на правдата, Страните се обврзуваат:
а) во кривичната постапка:
I) да предвидат можност, судските органи, на барање на една од странките, да ја водат постапката на регионални или малцински јазици; и/или
II) да му го гарантираат на обвинетиот правото да се изразува на својот регионален или малцински јазик; и/или
III) да предвидат можност, поднесоците и доказите, дадени во пишана форма или усно, да не се сметаат за неприфатливи само заради тоа што се формулирани на регионален или малцински јазик; и/или
IV) да предвидат составување на потребните документи во врска со судска постапка на регионални или малцински јазици, доколку е потребно со помош на преведувачи и преводи, што заинтересираните нема да ги изложат на дополнителни трошоци;
б) во граѓанската постапка:
I) да предвидат можност, судските органи, на барање на една од странките, да ја водат постапката на регионален или малцински јазик; и/или
II) да овозможат, кога една од странките треба лично да се појави пред судот, да може да се изразува на својот регионален или малцински јазик и притоа да не биде исложена на дополнителни трошоци; и/или
III) да овозможат, документите и доказите да бидат дадени на регионален или малцински јазик, доколку е потребно со помош на преведувачи и преводи.
в) во постапките пред судовите надлежни за управни работи:
I) да предвидат можност, судските органи, на барање на една од странките, да ги водат споровите на регионални или малцински јазици; и/или
II) да овозможат, кога една од странките треба лично да се појави пред судот, да може да се изразува на својот регионален или малцински јазик и притоа да не биде изложена на дополнителни трошоци; и/или
III) да овозможат, документите и доказите да бидат дадени на регионален или малцински јазик, доколку е потребно со помош на преведувачи и преводи.
г) да преземат мерки со цел, примената на алинеите и и иии од ставовите б и в и евентуалното користење на преведувачи и преводи да не им наметнат дополнителни трошоци на заинтересираните.
2. Страните се обврзуваат:
а) да не ја одбијат валидноста на правните акти усвоени во државата само поради фактот што се напишани на регионален или малцински јазик; или
б) да не ја одбијат валидноста на правните акти меѓу странките усвоени во државата само поради фактот што се напишани на регионален или малцински јазик и да предвидат можност да бидат поднесувани против трети заинтересирани страни кои не се служат со тие јазици, под услов содржината на актот да им биде соопштена од неговиот подносител; или
в) да не ја одбијат валидноста на правните акти меѓу странките донесени во државата само поради фактот што се напишани на регионален или малцински јазик.
3. Страните се обврзуваат да ги направат достапни на регионален или малцински јазик најзначајните законски текстови на национално ниво и оние кои посебно ги засегаат корисниците на тие јазици, освен ако таквите текстови не се веќе достапни на некој друг начин.
Член 10 - Административни власти и јавни служби
1. Во административните единици на државата во кои бројот на корисници на регионални или малцински јазици ги оправдува долунаведените мерки, а според ситуацијата на секој јазик, Страните се обврзуваат, во мера во која тоа е навистина можно:
а) I) да се грижат, тие административни власти да ги користат регионалните или малцинските јазици; или
II) да се грижат, нивните службеници кои доаѓаат во контакт со странки да го користат регионалниот или малцинскиот јазик во нивните односи со лицата кои им се обраќаат на тие јазици; или
III) да се грижат, корисниците на регионалните или малцинските јазици, своите усни или писмени барања да можат да ги поднесуваат и одговорите да ги добиваат на тие јазици; или
IV) да се грижат, корисниците на регионалните или малцинските јазици, своите усни или писмени барања да можат да ги поднесуваат на тие јазици; или
V) да се грижат, корисниците на регионалните или малцинските јазици да можат валидно да доставуваат документи напишани на тие јазици;
б) да му стават на располагање на населението административни формулари и текстови за секојдневна употреба на регионален или малцински јазик, или двојазични;
в) да им овозможат на административните власти да ги составуваат документите на регионален или малцински јазик.
2. Што се однесува до локалните или регионалните власти на чија територија бројот на корисниците на регионални или малцински јазици ги оправдува долунаведените мерки, Страните се обврзуваат да овозможат и/или поттикнат:
а) користење на регионалните или малцинските јазици во локалната или регионалната управа;
б) можност, корисниците на регионалните или малцинските јазици да поднесуваат усни или писмени барања на тие јазици;
в) печатење од страна на регионалните власти на нивните официјални текстови и на регионални или малцински јазици;
г) печатење од страна на локалните власти на нивните официјални текстови и на регионални или малцински јазици;
д) употреба на регионалните или малцинските јазици од страна на регионалните власти во расправата во нивните собранија, но без притоа да се исклучи употребата на официјалниот (официјалните) јазик (јазици) на државата;
ѓ) употреба на регионалните или малцинските јазици од страна на локалните власти во расправата во нивните собранија, но без притоа да се исклучи употребата на официјалниот (официјалните) јазик (јазици) на државата;
е) употреба или прифаќање, во определен случај заедно со називите на официјалниот (официјалните) јазик (јазици), на традиционалните и точните топоними што постојат во регионалните или малцински јазици.
3. Што се однесува до јавните служби кои ги вршат административните власти или други лица за нивна сметка, Страните договорнички се обврзуваат, на териториите на кои се во употреба регионални или малцински јазици, во функција на состојбата на секој јазик и во мера во која тоа е навистина можно:
а) да се грижат, регионалните или малцинските јазици да се користат при давањето на услуги; или
б) да им овозможат на корисниците на регионалните или малцинските јазици, барањата и одговорите да ги поднесуваат и добиваат на тие јазици; или
в) да им овозможат на корисниците на регионалните или малцинските јазици, барањата да ги поднесуваат на тие јазици.
4. Со цел да се реализираат одредбите од ставовите 1, 2 и 3 што ги прифатиле, Страните се обврзуваат да преземат една или повеќе од следните мерки:
а) евентуален усмен или писмен превод;
б) вработување и, во даден случај, обучување на доволен број функционери и други потребни службеници;
в) задоволување, во рамките на можното, на барањата јавните службеници кои говорат на еден регионален или малцински јазик да бидат распределени на работа на територијата каде таквиот јазик е во употреба.
5. На барање на заинтересираните, Страните се обврзуваат да ја овозможат употребата на семејните имиња на регионални или малцински јазици.
Член 11 - Медиуми
1. Страните се обврзуваат, на корисниците на регионалните и малцинските јазици, на териториите на кои тие јазици се во употреба, а според состојбата на секој јазик и доколку државните органи, на директен или индиректен начин, имаат надлежност, власт или улога во таа област, со почитување на принципите на независност и самостојност на медиумите:
а) доколку радиото и телевизијата вршат дејност од општествен карактер:
I) да обезбедат отворање барем на една радио станица и на еден телевизиски канал на регионални или малцински јазици; или
II) да го поддржат и/или олеснат отворањето барем на една радио станица и на еден телевизиски канал на регионални или малцински јазици; или
IIII) да преземат соодветни мерки со цел, на програмите да бидат застапени емисии на регионални или малцински јазици.
б) I) да го поттикнуваат и/или олеснат отворањето барем на една радио станица на регионален или малцински јазик; или
II) да го поттикнуваат и/или олеснат редовното емитување на програми на регионални или малцински јазици;
в) I) да го поттикнуваат и/или олеснат отворањето барем на еден телевизиски канал на регионални или малцински јазици; или
II) да го поттикнуваат и/или олеснат редовното емитување на телевизиски програми на регионални или малцински јазици;
г) да ги поттикнуваат или олеснат производството и емитувањето на аудио и аудио-визуелни дела на регионални или малцински јазици;
д) I) да го поттикнуваат и/или олеснат издавањето и/или постоењето барем на еден весник на регионални или малцински јазици; или
II) да го поттикнуваат и/или олеснат редовното објавување на новински статии на регионални или малцински јазици;
ѓ) I) да ги покриваат дополнителните трошоци на медиумите кои користат регионални или малцински јзици, кога законот предвидува финансиска помош за медиумите; или
II) да ги прошират постојните мерки за финансиска помош на аудиовизуелните производи на регионални или малцински јазици;
е) да го поддржуваат формирањето на новинарски и други кадри за медиумите кои користат регионални или малцински јазици.
2. Страните се обврзуваат да ја гарантираат слободата на директниот прием на радио и телевизиските емисии од соседните земји на јазик кој се говори во слична или идентична форма на регионалниот или малцинскиот јазик и да не се спротиставуваат на пренесувањето на радио и телевизиските програми на соседните земји на тој јазик. Освен тоа, тие се обврзуваат да не наметнуваат никакви ограничувања на слободата на изразувањето и слободниот проток на информации во печатот на јазик кој се говори во вид што е идентичен или близок на регионалниот или малцинскиот јазик. Вршењето на слободите наведени погоре коешто содржи извесни права и одговорности може да наметнува извесни формалности, услови, ограничувања или санкции предвидени со законот, коишто претставуваат неопходни мерки во едно демократско општество за националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната безбедност, заштитата на поредокот и превенцијата на криминалот, заштитата на здравјето или на моралот, заштитата на угледот или правата на други, зспречување на ширењето на доверливи информации или за гарантирање на угледот и непристрасноста на судската власт.
3. Страните се обврзуваат, интересите на корисниците на регионалните или малцинските јазици да бидат застапувани или земени предвид во рамките на евентуално формирани тела во согласност со законот, а чија цел е да се гарантираат слободата и плурализмот на медиумите.
Член 12 - Културни активности и институции
1. Во областа на културните активности и институции - посебно во врска со библиотеки, видеотеки, културни центри, музеи, архиви, академии, театри и кина, како и во врска со книжевното творештво и кинематографија, изразување на народната култура, фестивали и производи на културата, во што се вклучени нови технологии - Страните се обврзуваат, во однос на територијата на која се говорат тие јазици и во рамките на надлежностите, овластувањата и улогата на државните органи во таа област:
а) да ги поттикнуваат изразните средства и иницијативите својствени за регионалните или малцинските јазици и да ги унапредуваат начините за пристап кон делата произведени на тие јазици;
б) да ги унапредуваат начините за пристап на други јазици на делата произведени на регионални или малцински јазици, преку развивање и помагање на активностите во врска со преведувањето, синхронизацијата, пост-синхронизацијата и титлувањето;
в) да го унапредуваат пристапот на регионалните или малцински јазици на дела произведени на други јазици преку развивање и помагање на активностите во врска со преведувањето, синхронизацијата, пост-синхронизацијата и титлувањето;
г) да се грижат, телата задолжени за организирање или поддршка на одделните видови културни активности да ги обединат во соодветна мера познавањето и употребата на регионалните или малцинските јазици и култури во акциите за кои покренуваат иницијатива или кои ги поддржуваат;
д) да им стават на располагање на телата задолжени да организираат или поддржат определена културна активност службеници кои, освен јазикот (јазиците) на другото население, го владеат и регионалниот или малцинскиот јазик;
ѓ) да го поттикнуваат непосредното учество на претставниците на корисниците на регионалните или малцинските јазици во обезбедувањето услови и планирањето на културните активности;
е) да го поттикнуваат и/или поддржуваат формирањето на едно или повеќе тела задолжени да собираат, чуваат или презентираат или објавуваат дела создадени на регионални или малцински јазици;
ж) доколку е потребно, да формираат и/или да ги унапредуваат и финансираат службите за преведување и терминолошкото истражување со цел, на секој регионален или малцински јазик да се одржува и развива соодветна административна, трговска, економска, социјална, технолошка или правна терминологија.
2. Што се однесува на другите територии на кои регионалните и малцинските јазици не се во традиционална употреба, Страните се обврзуваат, доколку тоа го оправдува бројот на корисниците на регионалниот или малцинскиот јазик, да ги дозволат, поттикнуваат и/или предвидат соодветните културни активности или служби согласно со предходниот став.
3. Во својата културна политика во странство, Страните се обврзуваат да им дадат соодветно место на регионалните или малцинските јазици и на културата чиј израз се тие јазици.
Член 13 - Општествено-економски живот
1. Во врска со економските и општествените активности на ниво на земјата, Страните се обврзуваат:
а) да ги отстранат од своето законодавство сите одредби со кои без оправдани причини се забранува или ограничува примената на регионалните или малцинските јазици во документите коишто се однесуваат на економскиот или општествениот живот, односно во договорите за работа и во стручните документи како што се упатствата за користење на производите или опремата;
б) да го забранат внесувањето во внатрешните прописи на претпријатијата и во личните документи на клаузули со кои се исклучува или ограничува употребата на регионалните или малцинските јазици, барем меѓу корисниците на истиот јазик;
в) да се спротиставуваат на практиката чија цел е да се попречува користењето на регионалните или малцинските јазици во економските и општествените активности;
г) да ја олеснуваат и/или поттикнуваат на други начини употребата на регионалните или малцинските јазици.
2. Во доменот на општествено-економските активности, Страните се обврзуваат, во рамките на надлежностите на државните органи, на територијата на која се применуваат регионалните или малцинските јазици и во мера во која тоа е навистина можно:
а) во своите финансиски и банкарски прописи да ги утврдат модалитетите коишто овозможуваат, под услови компатибилни со трговската практика, користење на регионалните или малцинските јазици во пополнувањето на платните налози (чекови, меници, итн.) или на други финансиски документи, или, доколку е потребно, да се грижат за спроведувањето на таквите прописи;
б) во економскиот и општествениот сектор којшто е под нивна непосредна контрола (јавен сектор), да спроведуваат активности со кои се поттикнува употребата на регионалните или малцинските јазици;
в) да се грижат општествените институции како што се болниците, пензионерските домови, центрите за згрижување да ги примаат и да се грижат за корисниците на регионален или малцински јазик коишто имаат потреба од здравствена нега или од нега поради старост и други причини;
г) на соодветен начин да се погрижат, упатствата за безбедност да бидат напишани и на регионални или малцински јазици;
д) да ги направат достапни на регионален или малцински јазик информациите во врска со правата на потрошувачите што ги доставуваат надлежните власти.
Член 14 - Прекугранична размена
Страните се обврзуваат:
а) да ги применуваат постојните двострани и повеќестрани спогодби потпишани со државите во кои истиот јазик се користи на идентичен или сличен начин, или да се потрудат, доколку е потребно, да заклучат такви спогодби на начин кој ќе овозможи унапредување на контактите меѓу корисниците на ист јазик во соодветните држави, во областа на културата, образованието, информирањето, стручното образование и перманентното образование;
б) во интерес на регионалните или малцинските јазици, да ја олеснат и/или унапредуваат соработката од обете страни на границата, посебно меѓу регионалните или локалните власти на чија територија истиот јазик се употребува на идентичен или сличен начин.
ДЕЛ ЧЕТВРТИ - Примена на Повелбата
Член 15 - Периодични извештаи
1. Од време на време, Страните ќе му доставуваат на Генералниот секретар на Советот на Европа, во облик што ќе го утврди Комитетот на министрите, извештај за политиката што се спроведува во согласност со Делот 2 на оваа Повелба и за мерките преземени во врска со примената на одредбите од Делот 3 што ги прифатиле. Првиот извештај треба да биде доставен во годината која доаѓа по стапувањето во сила на оваа Повелба по однос на Страните, а другите извештаи - во интервали од три години по првиот извештај.
2. Страните ќе ги објават своите извештаи.
Член 16 - Разгледување на извештаите
1. Извештаите доставени до Генералниот секретар на Советот на Европа врз основа на членот 15 ги разгледува Комитетот на експерти формиран согласно член 17.
2. Телата или здруженијата кои законски постојат кај едната Страна можат да му се обраќаат на Комитетот на експертите за прашања што се однесуваат на обврските што ги презела таа Страна според Дел 3 на оваа Повелба. По консултациите со заинтересираната Страна, Комитетот на експертите, при подготвувањето на извештајот наведен во став 3 на овој член, може да ги земе предвид тие информации. Тие тела или здруженија, освен тоа, согласно со Делот 2 , можат да доставуваат и изјави во врска со политиката што ја спроведува една од Страните.
3. Врз основа на извештаите наведени во став 1 и информациите наведени во став 2, Комитетот на експертите подготвува извештај што му се доставува на Комитетот на министрите. Кон извештајот се доставуваат и евентуалните забелешки на Страните, а Комитетот на министрите може истиот да го објави.
4. Извештајот наведен во став 3 треба да ги опфати предлозите на Комитетот на експертите доставени до Комитетот на министрите заради евентуално подготвување на негови препораки до една или повеќе Страни.
5. Генералниот секретар на Советот на Европа му поднесува на Парламентарното собрание двогодишен детален извештај за реализацијата на оваа повелба.
Член 17 - Комитет на експерти
1. Комитетот на експерти го сочинуваат по еден член од секоја Страна кого го именува Комитетот на министрите од списокот на личности кои имаат највисок морален интегритет и компетентност во областа опфатена со Повелбата, предложени од заинтересираната Страна.
2. Членовите на Комитетот се именуваат за период од шест години, со можност за повторен избор. Доколку некој член не може да го исполни својот мандат, тој се заменува во согласност со процедурата предвидена во став 1, а членот кој ќе го замени го исполнува времетраењето на мандатот на неговиот предходник.
3. Комитетот на експертите донесува свој деловник за работа. Неговиот секретаријат го организира Генералниот секретар на Советот на Европа.
ДЕЛ ПЕТТИ - Завршни одредби
Член 18
Оваа Повелба е отворена за потпишување за државите членки на Советот на Европа. Таа подлежи на ратификација, прифаќање или одобрување. Инструментите за ратификација, прифаќање или одобрување му се доставуваат на Генералниот секретар на Советот на Европа.
Член 19
1. Оваа Повелба стапува во сила првиот ден од месецот по истекот на период од три месеца сметано од датумот на кој пет држави членки на Советот на Европа ќе ја дадат својата согласност за прифаќање на Повелбата согласно одредбите од член 18.
2. За секоја држава Членка која подоцна ќе даде согласност за прифаќање на Повелбата, таа стапува во сила првиот ден од месецот по истекот на период од три месеца сметано од датумот на доставување на инструментот за ратификација, прифаќање или одобрување.
Член 20
1. По стапувањето во сила на оваа Повелба, Комитетот на министрите на Советот на Европа може да ја покани секоја држава која не е членка на Советот на Европа да & се приклучи на Повелбата.
2. За секоја држава-членка која ќе изрази согласност за пристапување, Повелбата стапува во сила првиот ден од месецот по истекот на период од три месеца сметано од датумот на депонирањето на инструментот за пристапување кај Генералниот секретар на Советот на Европа.
Член 21
1. Секоја држава, во моментот на потпишувањето или во моментот на депонирањето на својот инструмент за ратификација, прифаќање, одобрување или пристапување, може да изрази една или повеќе резерви по однос на ставовите од 2 до 5 на членот 7 од оваа Повелба. Не е дозволена никаква друга резерва.
2. Секоја држава потписничка која ставила определена резерва врз основа на предходниот став може целосно или делумно да ја повлече известувајќи го за тоа Генералниот секретар на Советот на Европа. Повлекувањето станува полноважно на денот на кој Генералниот секретар го примил тоа известување.
Член 22
1. Во секој момент, секоја Страна може да се откаже од оваа повелба известувајќи го за тоа Генералниот секретар на Советот на Европа.
2. Откажувањето стапува во сила првиот ден од месецот по истекот на период од шест месеци сметано од датумот на кој Генералниот секретар го примил тоа известување.
Член 23
Генералниот секретар на Советот на Европа ги известува државите членки на Советот и сите држави кои пристапиле кон оваа Повелба за:
а) секое потпишување;
б) депонирање на секој инструмент за ратификација, прифаќање, одобрување или пристапување;
в) секој датум на стапување во сила на оваа Повелба, согласно нејзините членови 19 и 20;
г) секое известување примено врз основа на одредбите од членот 3, став 2;
д) секој друг акт, известување или доставување што е во врска со оваа Повелба.
Врз основа на ова, долупотпишаните, прописно овластени за таа цел, ја потпишаа оваа Повелба.
Во Стразбур, на 5 ноември 1992, на француски и на англиски јазик со тоа што обата текста се еднакво веродостојни, во еден единствен примерок кој ќе биде депониран во архивите на Советот на Европа. Генералниот секретар на Советот на Европа ќе им достави заверена копија од овој документ на сите држави Членки на Советот на Европа и на секоја земја поканета да и се приклучи на оваа Повелба.
|