АМОСАМОС
 
 
Copyright © 2003 AMOS. All rights reserved.
 
 
 
Контакт
ул. Скоевска 114, Битола
Република Македонија
Телефон/Факс:
++ 389 47 252 307
e-mail: amos@amos.org.mk
http://www.amos.org.mk
 


ПРОТОКОЛ СО КОЈ СЕ ВРШИ ИЗМЕНА И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЕВРОПСКАТА СОЦИЈАЛНА ПОВЕЛБА
Државите членки на Советот на Европа, потписнички на овој Протокол кон Европската социјална повелба, отворена за потпишување во Торино на 18 октомври 1961 година (во натамошниот текст “Повелба”),

Решени да преземат мерки со кои ќе се подобри ефикасноста на Повелбата, а особено функционирањето на нејзиниот механизам за контрола;

Оценувајќи дека за таа цел е потребно да се изменат некои одредби на Повелбата,

Се согласија за следното:

Член 1

Членот 23 од Повелбата гласи:

“Член 23 - Доставување на копии од извештаите и забелешките

При доставувањето до Генералниот секретар на извештај согласно членовите 21 и 22, секоја од Договорните страни ќе им достави копија од тој извештај на оние свои национални организации коишто се членки на меѓународните организации на работодавачи и на работници повикани, согласно членот 27, став 2, да испратат свои претставници на состаноците на Владиниот комитет. Тие организации ќе му ги достават на Генералниот секретар своите евентуални забелешки на извештаите на Договорните страни. Генералниот секретар ќе достави копија од тие забелешки до заинтересираните Договорни страни, кои ќе можат да одговорат на истите.

Генералниот секретар ќе им достави копија од извештаите на Договорните страни на меѓународните невладини организации кои уживаат консултативен статус во Советот на Европа и кои се посебно квалификувани за областите опфатени со оваа Повелба.

 
   

Извештаите и забелешките наведени во членовите 21 и 22 и во овој член ќе бидат ставени по барање на располагање”.

Член 2

Членот 24 од Повелбата гласи:

“Член 24 - Разгледување на извештаите

Извештаите доставени до Генералниот секретар согласно членовите 21 и 22 ќе ги разгледува Комитетот од независни експерти формиран врз основа на членот 25. На Комитетот, исто така, ќе му бидат ставени на располагање сите забелешки доставени до Генералниот секретар согласно член 23, став 1. По разгледувањето, Комитетот на независни експерти ќе подготви извештај со свои заклучоци.

Што се однесува до извештаите наведени во членот 21, Комитетот на независни експерти ќе ја оценува, од правна гледна точка, усогласеноста на националните закони, прописи и практика со обврските на заинтересираните Договорни страни коишто произлегуваат од Повелбата.

Комитетот на независни експерти ќе може директно да им се обрати на Договорните страни за да побара дополнителни информации и појаснувања. Притоа, тој ќе може, доколку е потребно, да се состане со претставниците на определена Договорна страна, било на своја иницијатива, било на барање на Договорната страна. Организациите наведени во член 23, став 1, ќе бидат постојано информирани.

Заклучоците на Комитетот на независни експерти ќе бидат објавени и, преку Генералниот секретар, доставени до Владиниот комитет, до Парламентарното собрание, како и до организациите наведени во член 23 став 1 и член 27, став 2”.

Член 3

Членот 25 од Повелбата гласи:

“Член 25 - Комитет на независни експерти

Комитетот на независни експерти ќе го сочинуваат најмалку 9 членови избрани од Парламентарното собрание со мнозинство гласови од списокот на експерти со највисок морален интегритет и призната компетентност во социјалната сфера на национален и меѓународен план, коишто ќе бидат предложени од Договорните страни. Точниот број на членовите ќе го определи Комитетот на министрите.

Членовите на Комитетот ќе бидат избрани за период од 6 години. Тие може повторно да бидат избрани уште еднаш.

Член на Комитетот на независни експерти избран да замени член чиј што мандат се уште не истекол ќе го заврши времетраењето на мандатот на свој претходник.

Членовите на Комитетот ќе заседаваат во лично својство. Во текот на вршењето на нивниот мандат, тие не ќе можат да прифатат функции што се некомпатибилни со барањата за независност, непристрасност и расположливост својствени на таа функција.”

Член 4

Членот 27 од Повелбата гласи:

“Член 27 - Владин комитет

Извештаите на Договорните страни, забелешките и информациите доставени согласно член 23, став 1 и член 24, став 3, како и извештаите на Комитетот на независни експерти ќе му бидат доставувани на Владиниот комитет.

Тој Комитет ќе го сочинуваат по еден претставник на секоја од Договорните страни. Тој ќе повика најмногу две меѓународни организации на работодавачи и две меѓународни организации на работници да испратат набљудувачи, кои во консултативно својство ќе учествуваат на неговите состаноци. Освен тоа, тој ќе може да повика на консултации претставници на невладини меѓународни организации коишто уживаат консултативен статус во Советот на Европа и коишто се посебно квалификувани во областите што ги опфаќа оваа Повелба.

Владиниот комитет ќе ги подготвува одлуките на Комитетот на министрите. Посебно, во светлината на односите на Комитетот на независни експерти и Договорните страни, тој ќе ги селектира, давајќи притоа образложение, врз основа на ставовите во врска со социјалната и економската политика, ситуациите што би требало да бидат, по негово мислење, предмет на препораки за секоја заинтересирана Договорна страна, согласно членот 28 од Повелбата. Тој ќе му доставува на Комитетот на министрите извештаи што ќе бидат објавувани.

Врз основа на своите констатации во врска со општата примена на Повелбата, Владиниот комитет ќе може да му доставува предлози на Комитетот на министрите со цел да се проучуваат социјални прашања, како и членови од Повелбата кои евентуално би можеле да бидат изменети или дополнети.”

Член 5

Членот 28 од Повелбата гласи:

“Член 28 - Комитет на министрите

Комитетот на министрите, врз основа на извештајот на Владиниот комитет, со двотретинско мнозинство гласови само од Договорните страни кои имаат право на глас, ќе усвои резолуција за целокупниот циклус на контрола, која ќе содржи индивидуални препораки до заинтересираните Договорни страни.

Имајќи ги предвид предлозите на Владиниот комитет согласно член 27, став 4, Комитетот на министрите ќе донесува соодветни одлуки.”

Член 6

Член 29 од Повелбата гласи:

“Член 29 - Парламентарно собрание

Генералниот секретар на Советот на Европа ќе му ги доставува на Парламентарното собрание, заради повремени расправи на пленарна седница, извештаите на Комитетот на независни експерти и на Владиниот комитет, како и резолуциите на Комитетот на министрите.”

Член 7

Овој Протокол е отворен за потпишување за државите членки на Советот на Европа потписнички на Повелбата, кои можат да ја изразат својата согласност да се обврзат:

со потпишување што не е условено од ратификација, прифаќање или одобрување; или со потпишување што е условено од ратификација, прифаќање или одобрување, проследено со ратификација, прифаќање или одобрување.

Инструментите за ратификација, прифаќање или одобрување ќе бидат депонирани кај Генералниот секретар на Советот на Европа.

Член 8

Овој Протокол ќе стапи во сила триесеттиот ден сметано од датумот на кој согласно одредбите од членот 7, сите страни потписнички на Повелбата ќе ги прифатат.

Член 9

Генералниот секретар на Советот на Европа ќе ги извести државите членки на Советот за:

секое потпишување;

депонирање на секој инструмент за ратификација, прифаќање или одобрување;

датумот за стапување во сила на овој протокол, согласно членот 8;

за секој друг акт, нотификација или соопштение што се во врска со овој Протокол.

Врз основа на горенаведеното, долупотпишаните, прописно овластени за таа цел, го потпишаа вој Протокол.

Во Торино, на 21 октомври 1991 година, на француски и на англиски јазик, со тоа што двата текста се еднакво веродостојни, во еден единствен примерок што ќе биде депониран во архивите на Советот на Европа.

Генералниот секретар на Советот на Европа ќе и достави заверена копија на секоја од државите членки на Советот на Европа.

 


 
 
www.amos.org.mk