АМОСАМОС
 
 
Copyright © 2003 AMOS. All rights reserved.
 
 
 
Контакт
ул. Скоевска 114, Битола
Република Македонија
Телефон/Факс:
++ 389 47 252 307
e-mail: amos@amos.org.mk
http://www.amos.org.mk
 


ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ КОН ЕВРОПСКАТА СОЦИЈАЛНА ПОВЕЛБА

(5 Мај 1988)

Преамбула

Државите членки на Советот на Европа, потписнички на овој Протокол

Решени да преземат нови мерки за проширување на заштитата на социјалните и економските права загарантирани со Европската социјална повелба, отворена за потпишување во Торино на 18 октомври 1961 година (во натамошниот текст “Повелба”).

Се согласија за следното:

ДЕЛ I

Страните си го поставуваат за цел на политиката што ќе ја спроведуваат со сите соодветни средства на внатрешен и на меѓународен план, исполувањето на услови потребни за обезбедување вистинска примена на следните права и принципи:

1. Сите работници имаат право на еднакви можности и ист третман при вработувањето и во вршењето на професијата, без дискриминација заснована на полот;

2. Работниците имаат право да бидат информирани и консултирани во рамките на претпријатието;

3. Работниците имаат право да земат учество во утврдувањето и во подобрувањето на условите за работа и на работната средина во претпријатието;

4. Секое старо лице има право на социјална заштита.

 
   


ДЕЛ II

Страните, согласно дел III ги преземаат обврските предвидени во следните членови:

Член 1

Право на еднакви можности и ист третман при вработувањето и вршењето на професијата, без дискриминација заснована на полот.

1. Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на еднакви можности и ист третман при вработувањето и во вршењето на професијата без дискриминација заснована на полот, Страните-договорнички се обврзуваат да го признаат ова право и да преземат соодветни мерки за да ја обезбедат или да ја унапредат неговата примена во следните области:

- пристап за работа, заштита од отпуштање и професионална преориентација;

- професионална ориентација и образование, преквалификација и професионална рехабилитација;

- услови за вработување и за работа, вклучувајќи го и наградувањето;

- движење во службата, вклучувајќи го и унапредувањето.

2. Нема да бидат сфатени како дискриминација, во смисла на ставот 1 од овој член, одредбите што се однесуваат на заштитата на жената, особено во врска со бременоста, породувањето и периодот по породувањето.

3. Ставот 1 од овој член не е пречка за прифаќање на посебни мерки за отстранување на фактичка нерамноправност.

4. Од полето на примена на овој член, или од некои негови одредби, можат да бидат исклучни професионалните активности, кои што, поради нивната природа, или условите за нивното вршење, можат да бидат доверени само на лице од определен пол.

Член 2

Право на информирање и на консултации

1. Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на работниците на информирање и на консултации во рамките на претпријатијата, Страните се обврзуваат да ги преземат или да ги прошират мерките што на работниците или на нивните претставници, согласно со внатрешното законодавство и практика, им овозможуваат:

а) да бидат редовно или во погодно време и на прифатлив начин информирани за екномската и финансиската ситуација на претпријатието во кое се вработени, со тоа што давањето на некои податоци со кои може да му се наштети на претпријатието, може да биде одбиено или да се бара тие да се третираат како доверливи; и

б)благовремено да бидат консултирани за одлуките што се подготвуваат и што можат во основа да им наштетат на интересите на работниците и особено за оние што би предизвикале сериозни последици врз ситуацијата со вработувањето во претпријатието.

2. Страните можат да ги исклучат од полето на примена на ставот 1 од овој член претпријатијата чиј број на вработени не ја достига границата утврдена со внатрешното законодавство или практика.

Член 3

Право на учество во утврдувањето и во подобрувањето на условите за работа и на работната средина

1. Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на работниците да земат учество во утврдувањето и во подобрувањето на условите за работа и на работната средина во претпријатието, Страните се обврзуваат да преземат нови или да ги подобрат постојните мерки што ќе им овозможат на работниците или на нивните претставници, согласно со внатрешното законодавство и практика, да придонесат:

а) за утврдување и подобрување на условите за работа, организацијата на работата и работната средина:

б) за заштита на здравјето и на безбедноста во рамките на претпријатието;

в) за организирање на служби и на социјални и социјално-културни прогодности во претпријатието;

г) за контрола врз почитувањето на прописите во оваа област.

2. Страните можат да ги исклучат од полето на примена на став 1 од овој член претпријатијата чиј број на вработени не ја достига границата утврдена со внатрешното законодавство или практика.

Член 4

Право на старите лица на социјална заштита

Со цел да обезбеди вистинска примена на правото на старите лица на социјална заштита, Страните се обврзуваат, директно или во соработка со јавни или приватни организации, да преземаат или да прошират некои од постојните мерки чија цел е:

1. да им се овозможи на старите лица да останат што е можно подолго рамноправни членови на општеството преку:

а) обезбедување доволни извори на средства што ќе им овозможат да водат пристоен живот и активно да учествуваат во јавниот, општествениот и културниот живот.

б) доставување информации за службите и за погодностите во корист на старите лица и за начините на нивното користење;

2. Овозможување старите лица слободно да го изберат начинот на живот и да имаат независен опстанок во нивната вообичаена средина толку долго колку тие посакуваат и колку е тоа можно преку:

а) обезбедување на станови соодветно на нивните потреби и на нивната здравствена состојба или соответна помош во уредувањето на станот;

б) водење грижа на здравјето и организирање на служби од кои имаат потреба поради нивната состојба:

3. гарантирање на соодветна помош со почитување на приватниот живот на старите лица кои живеат во определени установи и нивно учество во утврдувањето на условите на живот во тие установи.

ДЕЛ III

Член 5

Обврски

1. Секоја од Страните се обврзува:

а) да го прифати дел I од оваа Повелба како изјава која ги утврдува целите чија реализација ќе ја спроведува со сите дозволени средства, согласно одредбите на воведниот став од споменатиот дел;

б)да се смета обврзана со еден или повеќе членови од делот II од овој Протокол.

2. Членот или членовите избрани согласно одредбите од алинеа б) став 1 од овој член, ќе му бидат нотифицирани на Генералниот секретар на Советот на Европа од Државата-договорничка во моментот на депонирањето на нејзиниот инструмент за ратификација, прифаќање или одобрување.

3. Секоја од Страните може, во секој момент потоа, со нотификација упатена до Генералниот секретар на Советот на Европа да изјави дека го прифаќа секој друг член од делот II од овој Протокол, а што таа се уште не го прифатила согласно одредбите од став 1 од овој член. Овие дополнителни обврски ќе бидат сметани за составен дел на ратификацијата, прифаќањето или одобрувањето и ќе имаат иста важност почнувајќи од триесетиот ден по датумот на нотификацијата.

ДЕЛ IV

Член 6

Контрола на почитувањето на прифатените обврски

Страните ќе поднесуваат извештаи за примената на одредбите од Делот II на овој Протокол, што ги прифатиле во рамките на извештаите предвидени согласно член 21 од Повелбата.

ДЕЛ V

Член 7

Спроведување на прифатените обврски

1. Соодветните одредби од членовите 1 до 4 од делот II на овој Протокол можат да бидат спроведени преку:

а) закони или други прописи;

б) договори склучени меѓу работодавачите и организациите на работниците;

в) комбинација на двете методи; или

г) други соодветни средства.

2. Обврските што произлегуваат од членовите 2 и 3 од делот II на овој Протокол ќе се сметаат за исполнети откако овие одредби бидат применети, согласно став 1 од овој член, на големо мнозинство заинтересирани работници.

Член 8

Односи меѓу Повелбата и овој Протокол

1. Одредбите од овој Протокол не се во спротивност со одредбите на Повелбата.

2. Членовите од 22 до 32 и членот 36 од Повелбата се применуваат, мутатис мутандис, на овој Протокол.

Член 9

Територијална примена

1. Овој Протокол се применува на матичната територија на секоја Страна. Секоја држава може, во моментот на потпишувањето, или во моментот на депонирањето на инструментот за ратификација, прифаќање или одобрување, со изјава дадена кај Генералниот секретар на Советот на Европа, да ја прецизира територијата што за таа цел ја смета за своја матична територија.

2. Секоја Држава-договорничка може, во моментот на ратификацијата, прифаќањето или одобрувањето на овој Протокол, или во кој и да е друг момент потоа, со нотификација упатена до Генералниот секретар на Советот на Европа, да изјави дека овој Протокол, целосно или делумно, ќе се применува на онаа или оние нематични територии наведени во таа изјава за кои таа е одговорна за меѓународните односи или за кои има преземено меѓународна одговорност. Во оваа изјава таа ќе ги наведе членот или членовите од делот II на овој Протокол што ги прифаќа како задолжителни по однос на секоја од териториите наведени во изјавата.

3. Овој Протокол ќе стапи на сила во однос на територијата или териториите наведени во изјавата од претходниот став почнувајќи од триесеттиот ден по датумот на кој Генералниот секретар ќе ја добие нотификацијата на таа изјава.

4. Секоја страна во секој момент потоа, со нотификација упатена до Генералниот секретар на Советот на Европа, може да изјави дека, што се однесува до една или повеќе територии на кои овој Протокол се применува согласно став 2 од овој член, таа го прифаќа како задолжителен секој член што се уште не го прифатила во врска со таа или тие територии. Овие дополнителни обврски ќе се сметаат за составен дел на првичната изјава за територијата за која што станува збор и ќе имаат исти ефекти почнувајќи од триесеттиот ден по датумот на кој Генералниот секретар ќе ја прими нотификацијата на таа изјава.

Член 10

Потпишување, ратификација, прифаќање, одобрување и стапување на сила

1. Овој Протокол е отворен за потпишување од државите членки на Советот на Европа, потписнички на Повелбата. Тој ќе биде доставен на ратификација, прифаќање или одобрување. Држава членка на Советот на Европа не може да го ратификува, прифати или одобри овој Протокол без да ја ратификува истовремено или предходно Повелбата. Инструментите за ратификација, прифаќање или одобрување ќе бидат депонирани кај Генералниот секретар на Советот на Европа.

2. Овој Протокол ќе стапи на сила триесеттиот ден по датумот на депонирањето на третиот инструмент за ратификација, прифаќање или одобрување.

3. За секоја Држава потписничка која ќе го ратификува подоцна, овој Протокол ќе стапи на сила триесетиот ден по датумот на депонирањето на нејзиниот инструмент за ратификација, прифаќање или одобрување.

Член 11

Откажување

1. Ниту една Страна не може да го откаже овој Протокол пред истекот на период од пет години по датумот на кој Протоколот стапи на сила за неа, или пред истекот на секој друг дополнителен период од две години, но во секој случај, во рок од шест месеци ќе биде нотифицирано откажувањето кај Генералниот секретар на Советот на Европа. Ова откажување не влијае на важноста на Протоколот во однос на другите Страни, со резерва нивниот број никогаш да не биде под три.

2. Секоја страна може, согласно одредбите наведени во претходниот став, да ја откаже примената на секој член од делот ИИ на овој Протокол што го прифатила, со резерва бројот на членовите на кои таа Страна е обврзана да не биде никогаш помал од еден.

3. Секоја Страна може да го откаже овој Протокол, или секој член од делот II од Протоколот, согласно условите предвидени во ставот 1 од овој член, за секоја територија на која се применува Протоколот, врз основа на изјава дадена согласно ставовите 2 и 4 од член 9.

4. Секоја Страна обврзана со Повелбата и со Протоколот, која ќе ја откаже Повелбата согласно одредбите од став 1 на член 37 од Повелбата ќе се смета како да го откажала и Протоколот.

Член 12

Нотификации

Генералниот секретар на Советот на Европа ќе ги извести државите членки на Советот на Европа и Генералниот директор на Меѓународното биро на трудот за:

а) секое потпишување;

б) депонирање на секој инструмент за ратификација, прифаќање или одобрување;

в) секој датум на стапување на сила на овој Протокол согласно неговите членовите 9 и 10;

г) секој друг акт, нотификација или соопштение што има врска со овој Протокол.

Член 13

А н е к с

Анексот кон овој Протокол претставува негов составен дел.

Врз основа на што потписниците овластени за тоа, го потпишаа овој Протокол.

Во Стразбур, на 5 мај 1988 година, на француски и на англиски јазик, со тоа што двата текста се еднакво веродостојни, во еден единствен примерок, што ќе биде депониран во архивите на Советот на Европа. Генералниот секретар на Советот на Европа ќе им достави заверена копија на секоја од Државите членки на Советот на Европа.

АНЕКС КОН ПРОТОКОЛОТ

Досег на протоколот во поглед на интересите на заштитените лица

1. Под лица пофатени во членовите од 1 до 4 се подразбираат и странците само доколку се државјани на другите Страни, и доколку легално престојуваат и регуларно работат на територијата на заинтересираната Страна, со тоа што споменатите членови ќе бидат толкувани во светлината на одредбите од членовите 18 и 19 од Повелбата.

Ова толкување не го исклучува проширувањето на слични права на други лица од која и да е Страна.

2. Секоја Страна, на бегалците кои се опфатени со Женевската конвенција од 18 јули 1951 година, која го регулира статусот на бегалците и со Протоколот од 31 јануари 1967, кои законски престојуваат на нејзината територија, ќе им даде колку што е можно поповолен третман, а во секој случај не помалку поволен од оној на кој таа се обврзала согласно со овие инструменти, како и со сите други постојни меѓународни договори што се применуваат на погоре споменатите бегалци.

3. Секоја Страна, на апатридите кои се опфатени со дефиницијата од Њујоршката конвенција од 28 септември 1954 година, која го регулира статусот на апатридите кои регуларно престојуваат на нејзината територија, ќе им даде колку што е можно поповолен третман, а во секој случај не помалку поволен од оној на кој таа се обврзала согласно со овој инструмент, како и со сите други постојни меѓународни договори што се применуваат на погоре споменатите апатриди.

Член 1

Се разбира дека прашањата од областа на социјалното осигурување, како и одредбите што се однесуваат на давачките во случај на невработеност, на давачките за старосна пензија и на давачките на членовите на семејството на починатиот, може да бидат исклучени од полето на примена на овој член.

Член 1, став 4

Оваа одредба не би можела да биде толкувана така како да ги обврзува Страните да утврдат, по законски пат или со пропис, список на професионални активности кои, поради нивната природа или услови за нивно извршување, можат да бидат резервирани за работници од точно определен пол.

Член 2 и 3

1. Во примената на овие членови, поимите “претставници на работниците” ги означуваат лицата признати како такви со внатрешното законодавство или практика.

2. Поимите “внатрешно законодавство или практика”, според случајот, покрај законите и другите прописи, колективните договори и другите договори меѓу работодавачите и претставниците на работниците, ја опфаќаат обичајната практика и судските одлуки од таа област.

3. Во примената на овие членови, поимот “претпријатие” се толкува така што го опфаќа збирот на материјални и нематеријални единици што имаат или немаат својство на правно лице, формирани за производство или за вршење на услуги врз економска основа и кои располагаат со власт за одлучување при настапот на пазарот.

4. Верските заедници и нивните институции можат да бидат исклучени од примената на овие членови дури и кога овие институции се претпријатија во смисла на став 3. Установите што вршат активности врз основа на некои идеали или што се раководени од некои морални концепти и од концепти заштитетени со внатрешното законодавство, можат да бидат исклучени од примената на овие членови во мерка неопходна за заштита на насоченоста на претпријатието.

5. Се разбира дека, кога во некоја Држава правата наведени во член 2 и 3 се користат во одделни згради на претпријатието, треба да се прифати дека заинтересираната Страна задоволително ги извршува обврските што произлегуваат од овие одредби.

Член 3

Оваа одредба не влијае ниту врз обврските на Државите во областа на донесувањето на правила за хигиената и безбедноста на работните мста, ниту врз надлежностите и одговорностите на органите задолжени да го надгледуваат почитувањето на нивната примена.

Поимите “служби и социјални и социјално-културни погодности” ги опфаќаат службите и олеснувањата од социјална и/или културна природа што некои претпријатија им ги овозможуваат на работниците, како што е социјалната помош, користењето на спортски терени, сали за доење, библиотеки, детски летувалишта, итн.

Член 4, став 1

Во примената на овој став изразот “најдолго можно” се однесува на физичките, психичките и интелектуалните способности на старото лице.

Член 7

Се разбира дека работниците исклучени согласно став 2 од член 2 и став 2 од членот 3 не се земени предвид при утврдувањето на бројот на заинтересираните работници.

 


 
 
www.amos.org.mk